06 Декември, 2025
0.0276

Религиските вредности, духовното наследство и традиција во Република Македонија!

Објавено во: Колумни 22 Октомври, 2013 08:01

Добивај вести на Viber

Патуваме-уживаме-запознаваме е сентенца која е својствена за секој оној кој сака да патува, да открива нови места и неоткриени предели, но и да осознава и учи за традицијата на едно место, еден народ, една земја. Мојата земја-Република Македонија изобилува со природни убавини, кои со посебен пиетет се чуваат и негуваат и со гордост прикажуваат на секој добронамерник, собеседник и странец желен за откривање на непознатите убавини кои ја красат нашата земја.  Со гордост на секој патувач-истражувач, но и обичен талкач,  можеме да му ја прикажеме сета историја и традиција само ако го прошетаме до некој наш духовен храм, религиски објект кој во себе вткајува религиски вредности, култура и традиција.

И тоа е она што не прави горди на нашата историја и култура, тоа е она што е доказ за нашето опстојување низ векови, тоа е она што ја обележува нашата традиција. Нашите културни знаменитости се наши репрезенти, тое се споменици на културата кои се издигнати од признати и познати мајстори на својот занает и кои со посебен пиетет треба да ги негуваме. Сите знаменитости, со кои нашата земја и те како треба да се гордее се доказ за постоењето на еден народ, една држава, доказ дека сме како пирејот-неоткоренливи, цврсти и жилави,непобедливи, луѓе кои се имуни да опстојат и во сурови услови и да создаваат и развиваат традиција, култура и религија дури и кога им е најтешко.

Религиските објекти се дел од нашата историја

Само еден детален поглед и разглед на сета убост која е распослана низ нашата ни мила држава ќе ги разнежни срцата и ќе ја разгали душата на секој добронамерник и родољубец, на секој истражувач желен да осознае нешто ново и да види природни богатства, но и културни споменици и религиски објекти, кои кај нас ги има во изобилие. Религиските објекти се дел од нашата историја, доказ за постоењето на една религија, која се вкоренила кај нас и благодарение на која се одржува дел од нашата традиција, посебно онаму каде религиското се вткајува со етничкото и културното.

Охридско-струшкиот регион е еклатантен пример за религиско и духовно наследство кое ја одразува сета наша верска традиција, но и го покажува нашиот суштински однос кон духовното, религиското кое има посебно место во одржување на нашиот идентитет и традиција. Здивот ви се одзема од убоста пред вас послана пред Плаошник, такви пејзажи и волшебни убавини може човек само да посака да ги види. Распосланиот Плаошник, тој “величествен џин”, ја изнедрува вековната потреба и желба на нашиот народ за ука и наука-издигнувајќи го Свети Климентовиот универзитет. И тоа е доказ и показ дека нашата нација има корени за наука и култура, има плодна почва и плодно тло за описменување и ширење на науката и образованието. Манастирот во Калишта-струшко крие посебна мистика нa еден верски објект кој изобилува со духовен мир, вредни икони и посебно пештерско сликарство. Живописувањето и резбарството кои ги красат нашите верски храмови се посебно обележје на религиските објекти кај нас и сите тие се создадени од познати и признати мајстори на својот занает.

Наша заложба и задача е да ди посетуваме, чуваме и негуваме

Манастирите во Беровскиот крај, манастирот Свети Јоаким Осоговски во паланечко, се опкружени со такви природни убавини, кои даваат посебен мир и спокој, кои му овозможуваат на верникот, но и обичниот талкач да размисли и да се одмори, да си даде оддишка од секојневните работи што го тиштат и едноставно да ужива во благодетите што му ги овозможува питомата манастирска природа.

Многу песни и стихови се преточени за убавините, многу поеми се напишани за големините и значенијата на нашите верски храмови, многу љубови тука започнувале, многу среќи во нив се вкрстувале. Погледот ви занемува од убавините и значењето што го има црквата Света Богородица во Ново село во Штип, религиски објект кој има толкаво културно, научно и историско значење. Кога ќе ја видите збирката на икони во тој верски храм, кога ќе ја чуете историјата на самата црква, каде учителствувале Даме Груев, Ѓорче Петров и Гоце Делчев и каде се наоѓаат дел од историските записи на револуционерната борба, ќе останете без зборови за храброста на македонските дејци, но и улогата на верските објекти како чувари на оние кои се бореле за каузата и за слободата. Свети Јован Канео, Свети Јован Бигорски, манастирот во Лесново и низа други верски објекти се специфични и значајни не само како места за вршење на религиски ритуали, тие се дел од нашето културно наследство и објекти кои културно оплеменуваат и оплотуваат.

Во нив  многумина го пронашле својот духовен мир, ги пронашле своите инспирации за разни творештва, се вдахновиле и со посебна жар ја вршеле професијата која ја избрале. Тие места за нив значат мир, спокој, духовна благодет, откровение и инспирација.  Наша заложба и задача е да ди посетуваме, чуваме и негуваме бидејќи така се чуваме и себе си, го градиме и одржуваме нашиот религиски и културен идентитет и ја одржуваме традицијата која ни е наследена од нашите предци. Ах таа моја чудесна земја, земја библиска, земја исконска, земја убава, сакана и почитувана, земја чудесна и возљубена.

Д-р Татјана Стојаноска

Институт за социологија

Филозофски факултет Скопје

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

Зеленски „под контрола“!

Зеленски „под контрола“!

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?