29 Март, 2024
0.0246

РЕШЕНИЕ НА МАКЕДОНСКО-БУГАРСКИТЕ ИСТОРИСКИ ПРОБЛЕМИ

Објавено во: Колумни 09 Август, 2019

Добивај вести на Viber

На  фонот на затегнатите односи помеѓу македонското и бугарското општество, во разгората на прашањето „ чиј е Гоце Делчев“, од  Исток, позади Осоговските и Малешевските планини , проструија нови ветришта. Стојалиштето на  доцент Д-р Стефан  Дечев, при неговото гостување во една бугарска емисија, дека македонската нација, следствено со тоа и македонскиот јазик  природно, како и останатите  јужнословенски јазици, при посебни историско-политички околности, се диференцирал и се утврдил како посебен јазик,  е „ рамно на чудо“ од еден бугарски интелектуалец. Децении  наназад  , целата бугарска општествена јавност, стоеше на еден став, дека „ македонската нација  е вештачка творба на Тито“, создадена со акт од Коминтерната,  и дека македонскиот јазик е  непостоечки, односно југозападна дијалектолошка форма на бугарскиот литературен јазик.  Сето ова, создаваше  напреженија помеѓу односите на двете држави и двете општества, често пати проследени со навреди, иронични досетки, зајадливост и обвинувања.

Нови ветришта 

 Дали оваа изјава на  Дечев, е отворање на пандорината кутија, од  која ќе  излезат  сите потиснати и стегнати  напластени историски  фрустрации, но ќе отвори пат на меѓусебно помирување и разбирање на  според многумина „ двата најблиски балкански народи“ од  јазичен  и етно-културолошки аспект, е прашање на време. Во Македонија, веќе подолг период, има одредени научни кругови, и јавни личности, кои без  страв и „ срам“, ја откриваат „ забранетата историја“ и  фрлаат нова  светлина на историските личности и настани. Општественото милје, создавано со децении наназад во двете заедници, создало ерес кај обичниот граѓанин, не пак во научно- интелектуални кругови, ако се презентира некој поинаков историски факт или теза, независно дали станува збор за тоа во Македонија или пак во Бугарија. Кај нас на „ ѕидот на срамот“ се истопорени, сите тие , кои сакаат да ги објаснат процесите и настаните  гледајќи ги од  диоптер на историската вистина. Ако Кузман Шапкарев, браќата Миладинови, Григор Прличев, па  дури  и плејадата на револуционери се чувствувале етнички македонски Бугари, зошто така се изјаснувале, односно кои биле социјално-историските и културолошки  околности  поради кои така се изјаснувале. Веднаш од конзервативната интелектуала  тие биваат  обивнети  за „ бугараши , предавници, и одработувачи на бугарските тајни служби“, додека пак изјавите на бугарски интелектуалци, како оваа на бугарскиот историчар некни, ќе биде анатемисана како изјава на „ продажник, неграмотен и македонист“. Ќе доживееме ли и ние, да излеземе од затвореноста и зачауреноста на балканскиот ретрограден и националистички кожурец, од кој и подалеку од носот не гледаме, и согласно европските, напредни и цивилизирани норми на поведение и односи, ќе пробаме да се најдеме на „ половина пат“, да ги разрешиме несогласувањата и проблемите кои со децении не оптоваруваат, и конечно целата енергија да ја насочиме кон инфраструктурно и економско поврзување и развивање на двете стопанства. Толку ли е тешко бугарското општество, да прифати дека денеска суштествува посебен македонски национален идентитет, и јазик, кој како што објасни перфектно проф. Дечев си има своја децениска историја на развој  во фази, за да после конституирањето на Македонија како државна единица во рамките на СФР Југославија, истиот да се кодифицира и нормира како посебен јужнословенски јазик, кој денеска се изучува на бројни катедри ширум универзитетите и во Источна и во Западна Европа, во САД, и во други земји? И толку ли е тешко, македонските научни кругови, и историчари/ самопрогласени интелектуалци, да прифатат некои историски вистини, и не само да ги прифатат, туку и да ги објаснат зошто биле такви,  своевремено во тој историски период, односно во втората половина на 19-тиот и првата половина на 20-тиот век? На тие наши историчари, ако некој им презентира непобитен историски факт дека Кузман Шапкарев, Григор Прличев, и останати бројни  дејци, вградени во историската и научната мисла на Македонија, врежени во македонскиот национален код и бит ,  се чувствувале за македонски Бугари не треба да им се „ креваат косите“, ами да  најдат научно толкување зошто е тоа така, а секако научното толкување преку историско логицирање и тоа како го има.

Европјаните одамна си ги решија „ смешните “ историски проблеми

 Денеска не е нужно, дури е гротескно  Германците и Французите да спорат чиј е императорот Карло Велики, кога истиот  се чествува и како историско наследство и во Чешката Република. Пример за тоа е импозантниот  карлов дворец  во срцето на престолнината Прага. За жал, тоа е одлика на напредни, ослободени од историски фрустрации, цивилизирани  нации  и држави, кои ги оставиле зад себе, несогласувањата и се преориентирале кон  економскиот  напредок и  инфраструктурносто меѓусебно поврзување. Сепак, на Балканот има премногу историја, која  Полуостровот не е капацитетен  да ја  апсорбира. И покрај тоа што балканските народи и држави, денеска се наоѓаат на дното на листите по благосостојба и животен стандарт, во однос на останатите европски држави,  се уште Балканот најсилно е заразен со  вирусот на национализмот . Комисијата  произлезена од  Договорот за добрососедство и пријателство помеѓу Македонија и Бугарија, која има за цел да ги нормализира односите помеѓу двете држави, и која работи на усогласување на  „ заедничката историја “ помеѓу двете земји, не треба да биде обременета со  чувството на победници и поразени. Ако  бугарските историчари инсистираат  да ги прифатиме бугарските научни стојалишта, само и само за да ги задоволат своите  историски фрустрации во однос на „ македонското прашање“, не само што нема да се подобрат односите, туку значително ќе се влошат, согласно зголемените фрустрации кај Македонците од  таквиот „ пораз на националната историја“. Неминовен  факт е дека  македонската нација е утврдена  со свои историски белези како колективна историска меморија, и тоа на секој  треба да му е јасно. Од  друга страна, треба на секому полека да му станува јасно дека  седум  децении, учевме „ класифицирана “ историја, создадена од комунистичката историографија, во која ги биравме историските настани и ликови, кои нам ни одговараат, за да ја создадеме нашата историска приказна. Дојде време, табуата да паднат, и на историските дејци и настани да им се погледне со историскиот диоптер на вистината. Ослободени од предрасуди, догми и стравови, да погледнеме во минатото и да ја прокетираме заедничката европска иднина. 


Благојче Атанасоски, политиколог 

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?