28 Март, 2024
0.0300

Реторичкиот дуел Бајден – Путин го зголеми влогот во воената игра

Објавено во: Колумни 27 Февруари, 2023

Добивај вести на Viber

Минатата недела најавивме дека претседателите на САД и на Русија, Џо Бајден и Владимир Путин ќе си ја „честитаат“ годишнината од почетокот на руската инвазија во Украина. Првиот беше во Киев неочекувано, иако имаше шпекулации дека може да скокне до Киев за да се сретне со украинскиот претседател Владимир Зеленски. Па замина за Варшава, а вториот се јави од Москва со обраќање пред Федералното собрание. Епилогот од дуелот е исцртвање на уште еден лак во спиралата на војната  со зголемување на влогот од обете страни.

„Претседателот Џо Бајден неочекувано дојде во Киев во понеделникот наутро неколку денови пред годишнината од почетокот на руската воена операција и изјави дека Владимир Путин претрпе неуспех во својата „освојувачка борба“. Неговата посета беше обвиена со завеса во тајност. Тој дојде со воз од Полска, патувајќи неколку часови и само со еден репортер и еден фотограф. Над украинскиот главен град виеја тревоги за напад од воздух, иако немаше соопштенија за руски ракетни или воздушни напади“, пишува „Америкен тинкер“, повикувајќи се на „Дејли меил“. Авторката, Моника Шоувалтер, додава дека тој ПР трик на Бајден содржи во себе една не малку важна нијанса, дека тимот на американскиот претседател отпорано се поврзал со Русите и ги известил за неговата претстојна посета и, по се’ се чини, ги замолил да не пукаат. Во Киев Бајден се прослави со ветената нова воена помош за Украина од околу 500 милиони долари.

Многу поважна беше посетата на Бајден на Варшава. Како и што се најавуваше тој се обрати кон рускиот народ. Некои новинари пресметаа дека го спомнал десетина пати и името на Путин. „Уште еднаш се обраќам до народот на Русија: САД и европските држави  - ние не се стремиме да ја контролираме или да ја уништиме Руската Федерација. Запад не планираше да ја нападне Русија, како што денес  изјави Путин, а милиони Руси, кои едноставно сакаат да живеат во мир со своите соседи не се непријатели“, рече Бајден. Тој нагласи дека решението за почеток на војната против Украина Путин го донел свесно, „ и секој ден, додека таа продолжува, тоа е негов избор“. „Тој може да ја заврши војната со еден едноставен збор. Ако Русија престане  да ја напаѓа Украина, тоа би било крај на војната. Но ако Украина прекине да се заштитува од руските напади, тоа би било крај за Украина“, нагласи американскиот претседател.

НАТОИЗАЦИЈА НАМЕСТО ФИНЛАНДИЗАЦИЈА

Бајден искажа и други тези. На пример, „Пред една година сите зборуваа дека Киев ќе падне. Јас само што се вратив од Киев и можам да ве уверам, Киев стои, Киев е силен“. Па, „Инвазијата на Русија во Украина беше испит за САД и земјите од Европа. Но, „коалицијата е формирана“ и таа ќе ја поддржува Украина. Тоа нема да биде никогаш руска победа“, Џо Бајден кажа дека Путин не успеал да ја користи енергетиката како оружје, затоа што„ние се мобилизиравме и ја намаливме зависноста од руски енергенси“. При ова не кажа која е цената за тоа и која е заработувачката на американските енергетски компании од тој потег.  Американскиот претседател изјави дека Путин сака да го блокира достапот на Украина до Црно море, дека настаните во Украина се најголем конфликт во Европа после Втората светска војна. Па дека Путин сакал финландизација на Украина, а наместо тоа добил натоизација на Финска и Шведска. Според Бајден крајот на војната во Украина е далеку, „борбата за слобода не е прашање на еден ден и дури година“. И конечно, според неговите зборови, „контраофанзивата на Украина ќе биде тешко време, но САД ќе продолжат да му помагаат на Киев“.  

Од сето ова јасно е дека Бајден одново зборува за борбата меѓу „доброто“ и „лошото“. Типично американски. Борба меѓу демократијата и автократијата, како што истакнал повеќе пати. Се разбира демократија и автократија, според негово сфаќање. Неговиот државен секретар Ентони Блинкен сака донекаде да ја разубави оваа борба, па вели дека не станува збор за нова студена војна, затоа што причината се разногласијата за локален конфликт во Украина, а не идеологијата.  „Тоа е конфликт меѓу многу земји и Русија поради Украина и тој не е поврзан со идеологија, како што беше за време на Студената војна. Ова не се спротивставување на комунизмот и слободниот свет, изјави Блинкен.

Наспроти краткото обраќање на Бајден, Путин во Федералното собрание, неколку часа претходно, зборуваше безмалку два часа. Во најголем дел за внатрешни работи, но не изостана и меѓународната политика. Се’ во светлото на т.н. „Специјална воена операција“, која полека во неговите настапи станува војна. Внимание привлекоа три до четири работи. Прво тврдењето дека Украина подготвувала напад врз териториите на ДНР и ЛНР, кои тогаш беа самостојни територии одвоени од централната власт во Киев. Веројатно овде проработило геслото на Путин:„ Кога ќе дојде до тепачка удирај прв“. Да не заборавиме дека на украинската граница тогаш имаше стационирано над 150 илјади опремена руска војска, која таму почна да се распоредува уште пролетта 1921 година. Истовремено на своја територија Украина имаше распоредено, според некои процени, околу 90 илјади војници на границите со Доњецката и Луганската народна република. Војска која веќе осум години се подготвуваше за пресметка со сепаратистичките територии. Под чадорот на НАТО. И не случаен е силниот отпор на Украинците на тој дел од Донбас. Таму има градено линии на одбрана неколку години, а војската се обучуваше според натовски стандарди.

Паралелно со тоа никако не можеа да се спроведат Минските договори. Мораше да почне војната во Украина, па да дознаеме дека ниту Украина, ниту Западот, и копретседателите на „Нормандската четворка“ Франција и Германија немале намера да ги спроведуваат. И канцеларката Ангела Меркел и претседателот Франсоа Оланд, како и украинскиот тогашен претседател Петар Порошенко, официјално соопштија дека договорите биле само параван за зајакнување на Украина. Оттука и обвинувањето од страна на Путин. „Тие(Американците) ја започнаа војната, а ние ја искористивме силата и ја користиме за да ја сопреме. Тие што планираа нов напад на Доњецк, на Донбас, на Луганск, јасно разбираа дека следна цел е ударот врз Крим и Севатстопољ, и ние тоа го знаевме и го разбиравме“, рече Путин. Според него има проект „Анти Русија“, кој во суштина е дел од реваншистичката политика кон Русија, за создавање на јадра на нестабилност и конфликти непосредно на нејзините граници. И во 30-тите години на минатиот век, а и сега една е замислата – да се направи агресија на исток, да се распали војна во Европа, со туѓи раце да се отстранат конкурентите, смета Путин.  

ВОЈНА НА ЦИВИЛИЗАЦИИТЕ

Во поглед на вооружувањето на Украина со оружје од далечен дострел, од страна на Западот за промена на текот на војната, рускиот претседател вели дека една работа треба да им е јасна на сите. „Колку повеќе тие системи ќе доаѓаат во Украина, толку повеќе ние ќе бидеме принудени да ја оттргнуваме заканата од нашите граници“. Тоа значи дека Русија има намера да оди на Запад уште повеќе. Се разбира доколку има сили, можности и способност да го направи тоа.  Путин ова го поврзува со целта на Запад, според него, за „стратешки пораз на Русија“.  Што значи ова, прашува Путин?  Што е ова за нас? „Тоа значи да не снема еднаш и засекогаш. Т.е. тие имаат намера локалниот конфликт да го префрлат  во фаза на глобално спротивставување. Ние токму така сето тоа го разбираме и ќе реагираме на соодветен начин, затоа што во тој случај веќе станува збор за опстанок на нашата земја“ рече Путин. Притоа тој спомнува агресивни информациони напади, во кои цел се младите, црквата, руската култура, изопачување на историјата, разурнување на семејствата, изопачености, педофилија... и други руски цивилизациски вредности.

Ова може да се толкува и како војна на цивилизациите. Сето ова му е потребно на Путин, бидејќи руското општество се’ уште негува некои вредности на кои тој може да се повика во обидот да го мобилизира населението против „декандентниот запад“. Впрочем тоа е и целта на Путин. Да го убеди населението дека Западот сака да ја уништи Русија. Можеби затоа беше и повикот на Бајден до рускиот народ. Западот во очите на мнозинството Руси е традиционалниот непријател и затоа борбата ќе може да се одвива долго. Затоа што треба да се уништи „злото“ кое доаѓа од запад. „Русија е отворена земја и во исто време оригинална цивилизација. Во оваа изјава нема тврдење за ексклузивност и супериорност, но оваа цивилизација е наша - тоа е главната работа. Ни го дадоа нашите предци, а ние мора да го зачуваме за нашите потомци и да го пренесеме“, им рече Путин на депутатите и сенаторите.

Рускиот претседател најави развој кон исток и кон југ и инфраструктури и инвстиции. Можеби личи на самоизолација од Европа и Западот, но се чини тоа ќе биде наредниот стратешки развој. И постепена замена на структурата на економијата. Од земја извор на суровини за Западот во земја која ќе мора да направи технолошки и образовен скок. Се разбира за ова голема вина има и самиот Путин. Тој е на власт од 2000 година. Путин во обраќањето не им остана должен на олигарсите на кои пред неколку години им рече да ги вратат парите, да инвестираат во Русија, затоа што може да се случи Западот да им ги зароби. Тоа како да беше претскажувачко. Наместо да вложуваат во Русија, олигарсите тука само користеа суровини и ги извезуваа на Запад, а потоа и девизниот прилив го префрлаа таму. Купуваа јахти, авиони, вили, децата ги образуваа, за сега одеднаш да треба да живеат во запленети куќи, со блокирани сметки, дури и на законски заработени пари.  Путин ним им порача дека за Западот тие луѓе биле и остануваат странци од „втора класа“  со кои може да се прави се’ што се сака. Ни парите, ни врските, ни купените грофовски титули ним нема да им помогнат во сегашната ситуација. „Но има и друг избор, да се биде со својата родина, да се работи за сонародниците, не само да се отвораат нови претпријатија, туку и да се менува животот околу себе, во градовите, во својата земја.

НАПУШТАЊЕ НА БОЛОЊСКИОТ СИСТЕМ

Во поглед на реформите во образованието Русија се решава да се враќа ма провереното кое дава резултати. Во високо образовните институции се зголемува бројот на студенти од државната квота. Путин рече дека на земјата и е неопходно се врати кон традиционалниот систем за подготовка на специјалисти со рок на учење од четири до шест години. Тоа практично значи откажување од Болоњскиот систем на високо образование. Во наредните пет години ќе треба да се подготват околу еден милион соработници за потребите на IT индустријата, роботската техника, машиноградбата, металургијата и други неопходни области кои се критично важни за развој на земјата. Посебно внимание ќе и се посветува на фундаменталната наука.Се обновува системот на средно професионално образование. Целта е да се формираат нови научни елити. Русија се обидува да ги повтори најдобрите советски практики, кога се форсираа луѓе кои во даден момент се неопходни за државата. Кога сме кај советското образование деновиве во лондонски TIMES имаше текст посветен на учењето математика во САД врз основа токму на советските практики. Има навалица во училиштата отворени од луѓе кои заминале од Русија или од СССР, пишуваTIMES.

Конечно и за најголемата новост што ја соопшти Путин во „дијалогот“ со Бајден. Тој соопшти дека на почетокот на февруари од НАТО дошла изјава со барање Русија да се врати кон исполнување на Договорот за ограничување и контрола на стратешкото офанзивно оружје. Поточно да дозволи инспекција на нејзините нуклеарни одбранбени објекти. Тоа е театар на апсурдот, рече Путин. Според него:„Западот е директен учесник  во обидите на киевскиот режим да нанесе удари врз базите на нашата стратешка авијација, користејќи модернизирани беспилотни летала изработени во соработка со натовски специјалисти“.  Па, во денешни услови на спротивставеност тоа звучи  како бладање. „САД и НАТО директно зборуваат дека нивна цел е да и нанесат стратешки пораз на Русија. И, после тоа, како ништо да не било, се подготвуваат да шетаат по нашите одбранбени објекти.. Настапувајќи со својата колективно изјава НАТО фактички сака да стане член на Договорот. Се согласуваме. И така покрај САД таму нуклеарни арсенали имаат и Британија и Франција. И тие се насочени против нас“, изјави Путин. За да заклучи „сакаат да не поразат стратешки и да влезат во нашите нуклеарни објекти“. Оттука и неговата одлука Русија да го стисне копчето „пауза“ за учеството во Договорот.

Ова беше неочекуван шок за Западот. Бајден вели „голема грешка“, Јенс Столтенберг бара повлекување на одлуката, експерти зборуваат за „нуклеарна уцена“, за „блеф“. Очигледно на Русија не и е лесно во војната. Војна која може да трае со години. Па оттука и посегнувањето по оваа мерка. Се чини дека само тоа е ефикасното средство за влијание врз Западот. Путин рече дека имаат сознанија дека САД се подготвуваат за нуклеарни проби на нови оружја. Но Русија во таков случај нема да остане настрана. Се чини дека допрва ќе се кршат копја околу овој вид оружје. САД своевремено бара од Русија во Договорот да се вклучи и Кина. Но, Кина тогаш изјави дека ќе се приклучи кога ќе има нуклеарни боеви глави колку САД или Русија. Русија сега сака во новиот договор да се вклучат и Франција и Британија, па и НАТО ако сака. А за постигнување нов договор ќе треба да поминат години.

Погоре беше спомнат Блинкен. Тој може да зборува дека нема нова студена војна, но факт е дека има блоковска војна. Русија и САД-НАТО, САД и Кина. А утре можеби САД-НАТО, против блок Русија-Кина. Оваа војна се води низ цел свет. САД, Бајден, сака да привлече што повеќе земји кон себе, т.н. демократии. Но тие многу не го милуваат. Не дека се за Русија. Едноставно не веруваат во зборовите на Бајден-САД, кои се разидуваат со неговите дела. До денес санкции против Русија имаат воведено 40-50 земји. Некои пресметале дека тоа се 15 проценти од светското население. За неполни две години еден куп сегашни политичари ќе заминат од своите функции. Путин, можеби, исто така, иако како авторитарен водач ќе сака да остане на функцијата и да преговара со некој нов американски претседател. Досега петмина биле негови соговорници. За немоќта на Бајден да се справи со Путин зборува и податокот што во својот говор во Варшава го спомена во негативна конотација десетина пати. А Путин пред Федералното собрание не изусти ни „Б“ од Бајден. На Запад и по медиумите сите зборуваат за војна на Путин, а не на Русија, ама очогледно тоа не поминува кај Русите. Останува оружјето. А за него и двајцата имаат добро мислење. Дека ќе заврши работа.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?