10 Мај, 2024
0.0240

Револуција на повидок: Храна од дрвја

Објавено во: Стил 06 Мај, 2013

Добивај вести на Viber

Научно истражувачкиот тим на Универзитетот Вирџинија подолго време успешно претвора целулоза во скроб. Ако дополнителните истражувања се потврдат како успешни, би било револуционерно откритие во нашиот систем на исхрана.

Целулозата е природна макро молекула, настанува со фотосинтеза и припаѓа на групата полисахариди кои претставуваат до 80 отсто сува материја од растителниот свет, а меѓу кои целулозата е најзначајна.

До 2050 година, според проценките на научниците, Земјата ќе ја населуваат девет милијарди жители, а еден од главните проблеми ќе биде исхраната. Скробот е една од најважните состојки од исхраната на луѓето и на дневно ниво обезбедува 20 до 40 отсто потребни калории.

Поради тоа не е чудно што резултатите за спроведување на процесот на трансформација на целулозата во скроб, неодамна објавени, предизвикаа изненадување кај научната јавност. Имено, ова се први конкретни резултати кои говорат за употреба на до сега неискористени извори на хранливи материи од растенија, кои луѓето традиционално не ги користат во исхраната.

Тоа значи дека, ако тимот на Универзитетот Вирџинија ги потврди своите досегашни резултати, хранливата материја може да се добие од кое било растение.

Професорот Персивал Џанг соработник на предметот за системски биолошки инжинеринг предводи тим кој веќе подолго време испитува потенцијални извори на исхраната.

- Целулозата и скробот имаат иста хемиска формула. Главната разлика меѓу нив се крие во нивните внатрешни хемиски врски. Нашата идеја е со помош на ензими да ги раскинеме врските во целулозата и да ги контролираме на начин на кој тие се формирани во скробот – објаснува професорот Џанг.

Според таа постапка целулозата би се црпела од делови на дрво кои до сега се сметани за неповолни за човечка исхрана, а целиот био процес со кој се претвора во скроб е означен како симултана ензимска биотрансформација и микробиолошка ферментација.

Интересно е што во прашање е процес кој не бара скапа опрема ниту ја загадува околината, па Џанг се надева дека ќе излезе од рамките на прехранбената индустрија, бидејќи скробот има широка примена. Тој објаснува дека освен како извор во исхраната, скробот може да се користи и во производство на билошка разградлива амбалажа отпорна на многу неповолни услови.