06 Мај, 2024
0.0217

Рим преполн за устоличувањето на новиот папа

Објавено во: Стил 19 Март, 2013

Добивај вести на Viber

Во Ватикан денеска ќе се одржи церемонија на устоличување на 266-от поглавар на Римокатоличката црква, папата Франциск, на која ќе присуствуваат бројни црковни и државни делегации. Лидерот на 1,2 милијарди католици, првиот папа језуит, ќе биде свечено устоличен на Плоштадот Свети Петар, а градските власти очекуваат дека настанот ќе го следат речиси милион луѓе. Првпат по речиси илјада години на инаугурацијата ќе присуствува и вселенскиот патријарх Вартоломеј, како и претставници на речиси сите православни цркви. Покарј него на инаугурацијата на папата Франциск, наследникот на Бенедикт Шеснаесетти, кој го напушти понтификатот последниот ден од февруари, ќе присуствуваат претставници на 180 држави меѓу кои потпретседателот на САД Џозеф Бајден, германската канцеларка Ангела Меркел, претседателот на Франција Франсоа Оланд, претседателката на Бразил Дилма Русеф, претседателот на ЕУ Херман ван Ромпуј, претседателот на ЕК Жозе Мануел Баросо и многу други. Во Ватикан се очекува пристигнување и на претседателот на Зимбабве Роберт Мугабе, кој има забрана за влез во ЕУ, но не и во суверената држава Ватикан. Мугабе, кој е католик по вероисповед, и претходно го посетуваше Ватикан, а последен пат беше во 2011 година, при беатификацијата на покојниот папа Јован Павле Втори. Покрај претседателот Ѓорге Иванов, од регионот,  како што е најавено ќе пристуваат претседателите на Словенија, Борут Пахор, на Србија Томислав Николиќ, на Хрватска Иво Јосиповиќ. Се очекува доаѓање и на  британскиот престолонаследник принцот Чарлс, на шпанската кралица Софија, како и на белгискиот крал Алберт Втори и кралицата Паола. Бенедикт Шеснаесетти веројатно нема да присуствува на церемонијата. Се очекува досегашниот и новиот папа да имаат приватна средба на 23 март. Службата на плоштадот „Свети Петар“ ќе започне во 9.30 часот по локално време