19 Април, 2024
0.0292

Русија - „Back in the USSR“

Објавено во: Колумни 16 Август, 2019

Добивај вести на Viber

Идејата да се има максимална власт при минимална одговорност се чини дека цврсто завладеала со умовите на чиновниците. Не само кај нас. Одговорноста да се префрла на пониско ниво кај чиновништвото, а овие од повисоко да носат нови правила, да одржуваат тркалезни маси и состаноци, да земаат мито од оние кои сакаат да работат нешто во државата. Бизнисот на пример. За кај нас ова е апсолвирано.

Овој пат некој збор за чиновништвото во Русија. Како што тргнало тоа ќе ја врати Русија во времето на Советскиот Сојуз и тоа не во времето на перестројката, туку многу пред тоа. Не станува збор за протестите во Москва од минатите недели, заради бришењето од списоците на опозициони кандидати за московската локална власт. Она што ќе направи еден чиновник , па нека е и министер, може да уништи голем дел од науката во современа Русија.

Министерот за образование и наука, Михаил Котјуков, во февруари годинава потпишал наредба, во јули пратена до институтите и институциите, а чија содржина деновиве излезе во јавноста, со која на научниците им се кажува како да се однесуваат правилно со странските колеги и што не треба да се прави во такви случаи. Не е шега станува збор за наредба. Се крена врева во научната јавност. И со право. Кога Русија се повеќе се поврзува со светската наука и кога тежнее кај неа да доаѓаат повеќе странски студенти и научници кои би работеле на научни програми, одеднаш да се носи мерка која сето тоа може да го спречи.

Наредбата е во чиновнички стил. Значи, Наредба  „За утврдување препораки за соработка со државни тела на странски држави, меѓународни и странски организации и прием на странски државјани во територијални тела и организации подредени на Министерството за наука и високото образование на Руската Федерација“. Човек не знае дали станува збор за наредба или за препораки. Во овие четири реда научниците најдоа повод за силни реакции. Па дури и отворени писма до министерот. Беа објавени и факсимили на наредбата. 

Што има во неа? Раководителот на Лабораторијата за управување со сложени системи при Институтот за проблеми во машинствто при Руската академија на науки, Александар Фрадков во отвореното писмо до министерот е јасен. “Во утврдените препораки со наредбата, според мене, има редица ограничувања и бесмислености кои ги спречуваат научните контакти со нашите странски колеги и поврзани со штетата врз престижот на нашата земја и нејзиниот научно технолошки развој“, пишува Фрадков. За него ограничувачки и бесмислено е пет дена пред состанокот со странските колеги за него да биде информирано Министерството за образование и наука, и при тоа да се набројат руските учесници на состанокот. И тоа според однапред подготвен список. Сите средби со странците не можат да бидат поединечни, туку треба да бидат со најмалку двајца руски претставници.А кој од нив ќе биде кодошот? Средбите можат да бидат во работно и неработно време и надвор од организацијата, но под услов да се добие согласност од нејзиниот раководител. И во сите случаи после средбите раководителот треба да направи отчет за нив до министерството, ЗАВЕРЕН со тркалезен печат. Тука почнуваат и прашањата. А што ако има јавен повик за некаков семинар, дали од сите гости ќе се бара дозвола да учествуваат дадена од нивното раководство? Дали ќе се бара дозвола да се напише и-меил или да се раговара со странскиот колега по скајп? Или пак дали допишувањето со странците сега е забрането, ако во него учествува само еден работник? А што да се прави со средбите со руски државјани, кои работат во странски компании или меѓународни компании со мало странско учество? Дали треба да се бара дозвола и за средба со таквите луѓе. Еден научни, Русин, кој работи и во Русија и во странство, се смее велејќи дека ќе мора сега да внимава како се однесува кога ќе води дијалог сам со себе. И како странец и како Русин. Од кого да бара решение?

„Ќе ги соблекуваме странците голи и ќе им даваме наша облека по можност да биде со хоризонтални линии, за да знаат каде дошле“, коментираат некои научници. Ова оттаму што во една препорака пишува дека странецот што се наоѓа во руска институција не може да користи електронски средства за обработка и собирање информации, „доколку тоа не е предвидено со меѓудржавни договори на Руската Федерација“. Во списокот на овие средства се ставени диктафони, дигитални радио и мобилни телефони, радиостаници, магнетофони, плеери, двогледи, часовници, фотоапарати, видео камери, уреди за гео-лоцирање и други...Критичарите на наредбата на социјалните мрежи прашуваат дали барањето дозволи се однесува и за средби во кафулиња или други места каде што можат руските научници да се сретнат со странците. На научниците не им е јасно како да се однесуваат кога работат на разни меѓународни, билатерални или мултилатерални проекти. Или кога работат со добиен грант.

Засега не е јасно за кои научници и институции се однесуваат овие препораки. Во наредбата се вели дека станува збор за оние „кои имаат лиценци за работи поврзани со користење на сознанија кои претставуваат државна тајна, преку создавање на средства за заштита на информациите“. Еден од академските институти каде што е издадена наредбата е и Институтот за физика при РАН. Во изјава дадена за медиумите Николај Колачевски, директорот на институтот вели: „Ние сме надгледувани од две страни – како од министерството така и од Федералната служба за безбедност, бидејќи нашата организација  всушност се однесува кон претпријатијата од одбранбено индустрискиот комплекс. Оваа наредба не не’ изненади, затоа што во вакви услови работиме многу одамна“.  Според него, заострувањето на ваквите проблеми е забележано во последните пет години, а нагло се засили во текот на изминатите две години. Ова најверојатно се должи на скандалите околу државните тајни што веќе се случија. Токму на последново укажуваа некои академици. Тие сметаат дека одделни научници престрого или неоправдано се осудени. Еден од нив, 75 годишен, е обвинет за оддавање државна тајна, а работел со пари добиени од грант од Европа. Димитриј Рогозин, прв човек на „Роскосмос“ во едно интервју во јануари годинава изјави дека е поразен од „инфантилната отвореност“ на некои руски научници, кои „во трка за публикување во странско списание се подготвени да откријат дури стратешки важна информација.

Михаил Гељфанд доктор на биолошки науки претпоставува дека појавата на документот можеби е плод на едно од две сценарија. Или е направен под притисок на силовите структури (оние кои располагаат со оружје з.м.) или е предупредување од Министерството за образование и наука. „Кога ќе има нов скандал, тие ќе речат, дека имало наредба, а кој ја нарушил, ние не сме виновни“. За него поверојатно е второто сценарио. „Но од тоа не станува помалку непријатно и помалку смешно, за мене тоа е пострашно“, вели Гељфанд. Александар Фрадков исто така претпоставува дека суштината на наредбата не доаѓа од министерството за образование и наука: „Има луѓе кои одговараат за безбедноста и треба да има такви, тие си имаат своја работа, но треба да има усогласеност меѓу укажувањата, кои ги даваат тие органи, со целите кои ги ставаат пред нас претседателот и владата. И ако ни велат што треба да се направи земјата привлечна за странски научници, за да се подобри можноста за меѓународна соработка, тогаш на тоа не треба да му се попречува. Тие треба да се усогласат меѓу себе. А вака левата рака не знае што прави десната“, смета Фрадков.

Оттука и барањето за повлекување на наредбата или нејзина корекција, зашто, смета Фрадков, „ваквите неубави и неспроведливи наредби не ја подобруваат безбедноста на нашата земја, туку ќе доведат до пораст на нејзината изолација од развиените земји и кон дискредитирање на власта, а со тоа и ќе се отежне решението на задачите да се влезе меѓу најнапредните во науката земји, поставени од претседателот на Русија“. Тој очекува дека по неговото обраќање ќе бидат казнети оние кои ја подготвувале непромислената наредба, а не оние кои барале нејзино укинување информирајќи ја јавноста за бесмисленостите.

Објавувањето на отвореното писмо го натера Министерството за образование и наука да се јави и да образложи нешто. Според министерството: „Документот има карактер на препорака и ја одразува светската практика, тенденциите и приодите при остварувањето на соработка со државните органи на странски држави, меѓународни и странски рганизации. Препораките, пред се’, се насочени за да се води евиденција за растот на меѓународните врски, во тие рамки и за реализацијата на националниот проект „Наука“, а не за контрола на организациите. Нагласуваме дека и руските научници и специјалисти се судираат со определени ограничувања и жестокости при посета на организации и институции во странство“. Ваквото објаснување беше доволно за Кремљ да даде своја оценка на она што се случува. Димитриј Песков, портпарол на Кремљ вчера истакна дека кон целата работа треба да се поаѓа од разјаснувањата за препорачувачкиот карактер на наредбата за ограничување на контактите на руските научници со странските колеги. Друго и не можеше да се очекува од Кремљ.Впрочем и еден портал близок до Кремљ најнапред имаше критички текст за наредбата на Министерството, но веќе вчера тој текст не можеше да се најде. Излегува 404 – текстот што го баравте не може да го најдеме.

Ќе биде интересно кога наредбата ќе треба да се спроведе во пракса. Колку и дали раководителите на институциите и организациите подредени на министерството, а кои имаат лиценца за работа со државна тајна ќе обезбедат користење на тие препораки при правењето на внатрешни инструкции. И колку организациите каде што не се работи со државна тајна, ќе ги почитуваат препораките на министерството, за кои во наредбите се вели дека треба да се почитуваат. И дали ќе се зголеми бројот на затворените научници или оние кои се под истрага, а за кои велат дека во моментов ги има на десетици.

Сето ова ме  врати педесетина години наназад. Кога голем дел од времето минував во еден диско клуб – „Технометал“. Една зима во него дојдоа група млади Русинки. Ги соблекоа чизмите и облекоа салонки. Се изнаиграа. Но и ни соопштија дека треба да водат сметка за своето однесување, бидејќи во групата има „надзорник/чка“, човек близок или задолжен од КГБ, да внимава како се однесуваат и да реферира по враќањето во СССР. Ниту една од нив да не си дозволи непатриотско однесување.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок