04 Мај, 2024
0.0295

РУСИЈА 2016: Дали е лекот заминување на Путин од Власта?

Објавено во: Колумни, Свет 02 Јануари, 2016

Добивај вести на Viber

Една анкета спроведена спроти празникот на интернет медиумот Газета.ру, еден од петте најдоверливи во Русија,  како да го дава расположението на Русите за оваа година. На прашањето која желба би сакале да ви се оствари во 2016 година понудени се само четири одговори. Првиот е „Да ми се остварат личните цели“,  вториот е „Да се здрави моите блиски“, третиот „Да закрепне рубљата“ и четвртиот да нема војна“. Во анкетата учествувале речиси 3.000 читатели. И што покажа таа? На читателите речиси воопшто не им е гајле за рубљата. Само четири проценти од нив се загрижени за иднината на националната валута. Но затоа дури 51 процент се за задравје на своите блиски. Речиси една четвртина, 24 проценти,  се плашат од војна, а 21 процент имаат желба да ги остварат своите лични цели. Можеби е тешко да се извлекуваат заклучоци од оваа анкета, но ако се знае дека Газета.ру се чита на цела територија на земјата, дека има речиси три илјади одговори на само четири прашања, може да се зборува за настроението на Русите. За здравјето не треба многу  се образложува. И кај нас кога си честитаме прва работа што ја посакуваме е здравјето на блиските. Тоа нема цена. Но веднаш по него Русите посакуваат да нема војна! Зарем им мириса на барут? Гледано од страна таква работа не може да се очекува, но очигледно стравот од војна е голем. Гинат блиски, пријатели... И навистина, ако се погледне Русија денес, таа како да е во војна. Големи воени сили се испратија во Сирија. Се експериментира во живо со најнови вооружувања. А и советското искуството од Авганистан во Русија не е заборавено. Колку и да се тврди дека Авганистан нема да се повтори во Сирија, никој нема одговор на прашањето колку долго ќе трае воената кампања во таа држава. Сигурно уште две години. Ако САД и Русија се договорија, а другите прифатија, дека избори во таа земја ќе треба да има во 2017 година и тоа втората половина, тогаш е јасно дека Русите ќе бидат таму до одржувањето на изборите, во идеален случај, ако не и подолго. Друга „војна“ има во соседната држава на Русија-Украина. Таму веќе има близу десетина илјади  загинати. А работите стојата во место. Нема ништо од реализацијата на Минските договори. Русија троши пари, кои се помалку ги има, за Крим. Де струја, де мостови, патишта, субвенции...  Цената на новите територии мора да се плати. Одолговлечувањето на спроведувањето на Минските договори како да се прави намерно. Обвинувањата за тоа се обострани. Досега работите требаше да бидат завршени, а Украина требаше под своја контрола да ја земе границата со Русија. Но ништо од тоа. Не се донесоа законите за амнестија, не се одржаа избори на истокот на земјата што е под контрола на проруските сили, нема децентрализација со која ќе им се дадеа пвеќе права на тие региони. Ако продолжат работите како досега, тогаш тоа ќе биде на штета на Русија, но уште повеќе на Украина. Колку подолго работите се одолговлекуваат, толку повеќе народот на Истокот ќе се навикне да живее „самостојно“, па утре Украина ќе треба одново да преговара, но сега според нови услови и барања. Кога сме кај војната, на крајот на годината рускиот претседател Владимир Путин го потпиша документот – Стратегија за националната безбедност на Русија. Она што се случуваше минатата година доведе до измени во документот, до негово обновување. Инаку Стратегијата за национална безбедност на Русија до 2020 година е донесена во 2009 година, а оттогаш наваму се обновува во зависност од новинастанатите состојби. Па така во 2016 година Русија влегува со залагање за зацврстување на сорабтката со европските држави на заемно полезна основа, за хармонизација на интеграционите процеси во Европа и постсоветското протранство и создавање на отворен систем за колективна безбедност врз јасна договорно-правна основа. Во поглед на САД, Русија е зинтересирана за изградба на  целосно партнерство врз основа на интересите кои се совпаѓаат, вклучувајќи ја и економската сфера, а притоа водејќи сметка за „клучното влијание на руско-американските односи врз меѓународната состојба во целост“. Ова последново потврдува дека Русија не се откажува од нејзиниот став дека таа е сила која паралелно со САД е главна за меѓународните состојби во светот, иако Американците, поточно претседателот Барак Обама ја нарекува регионална сила. Слично е и за НАТО со кое се бараат односи врз рамноправна основа со цел да се „продлабочи општата безбедност во евроатлантскиот регион“. На Украина во Стратегијата и е дадеа улога на држава со „длабока социјално-економска криза, која ја претвара земјата во долготраен извор на нестабиност“. А причините за вооружениот конфилкт на истокот на земјата според Стратегијата ги бара во „поддршката на САД и ЕУ на антиуставниот државен удар во Украина“, која  доведе до „длабок раскол во украинското општество и појавата на вооружениот конфликт“. Зачудува незаинтересираноста на учесниците во анкетата за судбината на рубљата. Здравјето и опасноста од војна се вредности кои имаат поголемо значење за нив. А економијата во моментов е најболната точка на руското општество. Без добра економија не може да се води војна, ниту пак да се поддржуваат амбиции да се биде водечка земја во светот, а таа посредно влијае и врз здравјето. Ако економијата оди надолу тогаш Русија ќе стане многу поранлива во секој поглед. Многу е чудно овде што руското раководство ја знае болеста- дијагнозата на својата економија, а не презема ништо да ја излечи. Токму во обновената стратегија се истакнува дека „Главни стратешки закани за националната безбедност во областа на економијата се ниската конкурентна способност, неменувањето на извозно-суровинскиот модел на развој и високата зависност од надворешно економската коњуктура“. Меѓу другите причини, се споменуваат заостанувањето во разработката на перспективни технологии, незаштитениот финансиски систем, неизбалансираниот буџетски систем, офшоризацијата на економијата, исцрпување на сурвинската база, сочувувањето на високиот степен на сива економија, условите за корупција и криминализација, како и нерамномерниот развој на регионите. И ако се ова е убаво констатирано, зошто државата не презема мерки да ги отсрстрани сите закани по економската безбедност?  Сите руски економисти велат дека Резервниот фонд, таканареченото финансиско „воздушно перниче“ направено во време „кога се јадеше мрсно“  полека издишува. Како година на отрезнување се споменува 2017, што значи дека токму оваа гподина треба да се преземе нешто за спас на економијата, иако според некои експерти веќе е доцна за тоа, бидејќи работите што треба да се преземаат се од долгорочен карактер. Ако се продолжи како досега Русија ја очекуваат катастрофални последици, уште поголем пад на рубљата, крах на банките, празен буџет и нормално рецесија чиј крај не е предвидлив.  Цените на нафтата паѓаат, цените на металите исто така, гасот поефтинува, санкциите од Западот продолжуваат...Американците вчера ги отпечатија нафтените резерви и првиот брод со американска нафта заплови кон Швајцарија...Сето тоа не ветува ништо добро за руската економија и рубљата. А власта не презема ништо, се живее под мотото „купи ден-помини“. Ако за момент ги оставиме настрана искажувањата на учесниците во анкетата и ја погледнеме големата слика, тогаш на Русија не и се пишува добро. Таа е „сардисана“ од сите страни, Запад, Украина, Сирија, Турција... А внатре во земјата се зголемува притисокот врз неистомислениците со власта. Некои региони, како Дагестан, а потенцијално и Татарстан се нестабилни. Годинава ќе има парламентарни избори. На нив не им се дава никаква шанса на опозиционерите. Се е под контрола. Најголемиот  број медиуми и административните ресурси во прв план. Потребно е чудо сето ова да се надмине и Русија да стане поспокојна. Дали е лекот заминување на Путин од Власта? Не е. Ако замине тој ќе дојде некој друг како него. Тој треба да си ја заврши работата што ја започна со враќањето на гордоста на Русите. Дали не е потребен нов договор меѓу САД и Русија, како две нуклеарно најмоќни сили? Нова Јалта на пример. Да седнат со отворени карти и да разговараат за интересите. Она што беше пропуштено при распадот на СССР. Со Обама тоа не е можно. Можеби Путин ќе го чека новиот американски претседател, па да почне рестартирањето на односите. Но како на тоа ќе реагираат другите нуклеарни држави? А дотогаш треба да се преживее и да се опстане. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина