Добивај вести на Viber
Русија доследно ја спроведува политиката, промовирана од претседателот Владимир Путин во неговиот прв мандат, во поглед на Балканот. Култура и економија. Нашата земја, пак, со години се прави како да не гледа каде одат работите. Поточно, каде отидоа.
Владимир Путин кога прв пат дојде на власт беше помирен со фактот дека Русија ја изгуби политичката битка за Балканот и ја промовираше својата нова политика. Резултатите од неа се гледаат денес. Во сите земји има некоја форма на руски културни домови, а Словенија е и претседавач на асоцијацијата на славјанските земји. Но, да одиме по ред.
Бугарија колку и да сака не може да ја избегне руската зависност
Бугарија е главна раскрсница на руските енергенси и има голема стоковна размена со Руската Федерација. Главно од увоз на енергенси. Но, со доаѓањето на власт на премирот Бојко Борисов се појавија првите обиди да се попречи зголемувањето на соработката. Се разбира, под притисок на САД, иако Борисов тоа го искажуваше како негов личен став. Па така пропадна изградбата на нафтоводот Бургас-Александрополис, а под прашање е изградбата на Атомската централа „Белене“, која треба да ја градат Руски компании. Но, сепак Бугарија е дел од „Јужниот поток“, па така зависноста од руски енергенси не може до крај да ја избегне.
Рускиот влез во Грција ќе ги загрижи САД и ЕУ
Грција исто така е голем трговски партнер на Русија благодарејќи пред се на увозот на енергенсите. Сега е интересно дали и колку ќе влезат руските компании во приватизацијата на грчките компании преработувачи и дистрибутери на енергенси. Доколку се случи тоа, тогаш Русија, преку своите компании, ќе направи квалитетен чекор напред и од извозник ќе стане и преработувач и дистрибутер. Тоа сигурно ќе ги загрижи и ЕУ и САД.
Голем пробив на русите во Србија
Пример за пресудно руско влијание и користење на економијата во спроведување на своја политика е Србија. Таа речиси тотално е отворена за руските енергенси. И не само тоа руските компании се сопственици на рафинерии, а ќе станат и сопственици на транспортната инфраструктура и на гасот низ трансферзалата „Јужен поток“. Во Србија веќе се влеани стотици милиони долари кредити, а се одобруваат и нови. Очигледно станува збор за голем пробив, кој овозможува и политичко влијание. Допрва ќе се разработуваат планови за учество на Русите во изградба на железничката инфраструктура и средства во Србија, а можеби и изградба на метро во Белград. Не треба да се заборави и изградбата на Центарот за вонредни ситуации крај Ниш, за кого велат дека ќе биде пандан на базата „Бондстил“ на Косово!
Руски компании сакаат да инвестираат во Хрватска
Хрватска во своите односи со Русија од почетокот на деведесеттите се однесуваше во стилот „Што е ова, кирилица во хотелите сте напишале“, кога некои сопственици на хотели излегувале во пресрет на руски гости и менијата ги напишале на руски јазик, во време на пикот на хрватскиот национализам. Денес се дојде до тоа претседателот Иво Јосиповиќ пред кусо време да ја обвини хрватската власт за небрежност во односите со Русија. Поточно, за пропусти кои довеле до заобиколување на Хрватска со „Јужниот поток“. Веднаш по ова Хрватите се вклучија кон проектот, но како слепо црево. Со крак кој што ќе им служи само на хрватските компании, а нема да транзитира кон Словенија или Италија. Руски компании веќе се интерсираат за инвестиции во Хрватска, туризмот и валкана индустрија, а не е исклучено и влегување во бизнисот со нафта и гас.
Словенија иако влезе во НАТО и ЕУ, сепак не се откажува од Русија
Словенците се најстабилни од сите балкански земји во соработката со Русија. Тие влегоа и во НАТО и во ЕУ, но не се откажаа од економската соработка со Русија. Таа постојано се зголемува. Има руски инвестиции во Словенија, но и словенечки во Русија. „Јужен поток“ е најголема и е круна на соработката на двете земји. Словенците очигледно го ставија својот интерес на преден план и воопшто не потклекнаа под укажувањата и притисоците дека ќе бидат енергетски зависни од Русија.
Десетици милијарди долари размена меѓу Турција и Русија
За Турција не треба ниту да се зборува. Стоковната размена со Русија е десетици милијарди долари. Доволно е да се повтори заканата на премиерот Реџеп Таип Ердоган до ЕУ дека неговата земја ќе се приклучи кон Шангајската група на чие чело се Русија и Кина, па да се зборува за можностите од натамошен развој на економските односи на Турција и Русија. Но, не помалку и на политичките, што нема да им биде сеедно на Европјаните.
Македонија наместо да учеше од Словенија се криеше пред руските иницијативи
Конечно некој збор за Македонија. Нашата земја со години се прави како да не гледа каде одат работите. Поточно, каде отидоа. Извоз во Русија од неколку десетина милиони долари е катастрофа, наспроти увоз од стотици милиони долари. Изминатиот период е полн со пропуштени можности од наша страна. Во меѓувреме руски капитал влезе во земјава во енергетиката, металургијата и рударствто (Лукоил, ТЕ-ТО, Топилницата во Скопје, Југохром и САСА). Нашите политичари наместо да учат од Словенија, се криеја пред руските иницијативи и сметаа дека ништо страшно не се случува. Кога видоа дека работите не одат во посакувана насока почнаа нешто да работат. Но, еве и сега не се знае дали се оперативни средствата од клириншкиот долг на Русија кон Македонија. Колку и дали е нешто искористено од нив. Гасификацијата малку тргна напред и гасоводот почна да повлекува повеќе гас, но се уште е далеку максималниот капацитет, а со тоа и намалувањето на цените. Кракот од „Јужен поток“ од каде и да доаѓа, не е и некоја диверсификација во снабдувањето. Добро е да го имаме, но прашање е кога низ него ќе протече гас. Прво треба да се искористи постојниот гасовод, бидејќи ќе биде поевтин.
Незначителна стокова размена со Русија
Што понудивме ние на Русите? Гледајќи ја стоковната размена можеме да кажеме – ништо. Поединечните обиди за пласман на земјоделски производи или вино, преку српски и бугарски компании е добро, но не е посакувано поради губење на дел од добивката. Но, не постојат други можности, бидејќи државата не успеа да се избори за повластен третман на македонските производи при извозот во Русија(Договор за слободна трговија). И во туризмот нема конзистентен приод. Се е „ад хок“, обиди на поединци. Од друга страна немаме капацитети и услови да му понудиме на рускиот турист целосно уживање. Па, затоа тој оди во Хрватска и Словенија, а да не зборуваме за Алпите во Франција, Швајцарија и Австрија...
Мирче Адамчевски, поранешен дописник од Москва за Македонија
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.