16 Април, 2024
0.0274

Русија ќе победи, Украина во НАТО, а Европа ќе мрзне

Објавено во: Колумни 03 Октомври, 2022

Добивај вести на Viber

Уставниот суд на Русија, како што беше објавено вчера, ги призна за уставни договорите за присоединување на териториите на четирите области од Украина, кои се во поголема и помала контрола од Русија. Доњецката и Луганската Република, Запорошката и Херсонската област сега треба да го поминат одобрувањето во Рускиот парламент и практично да станат субјекти на Руската Федерација. Субјекти, кои најголемиот дел од меѓународната заедница нема да ги признае.

Во петокот рускиот претседател Владимир Путин во Кремљ, пред владејачката елита на Русија и де-јуре присоедини нови украински територии. Беа потпишани договори за присоединување со претставниците на четирите украински територии населени со Руси или рускојазично население, но и Украинци. Со тоа беше отворен патот кон нивно станување руски територии. На свеченоста Путин имаше и обраќање, кое повеќе беше посветено кон Западот, отколку кон Украина и новите територии. Обраќање во моменти кога украинските војски војуваа за ослободување на уште еден град-Лиман, кој неколку месеци беше под руска контрола.

Путин од Украина побара итно прекинување на огнот и враќање на масата за преговори. Се разбира, тој кажа, дека нема намера на тие преговори да го разгледува прашањето на „новите“ територии, затоа што нивните жители стануваат руски државјани засекогаш. И ќе бидат заштитени со сите средства. Значи, Украина треба да го прифати губењето на нови четири територии. Но Путин не кажа што ќе биде ако Украина не го послуша и не ги прекине воените дејства. Украина, како одговор, уште наредниот ден го ослободи Лиман.

ХЕГЕМОНСКА РЕНТА

Овој пат Путин не спомна ултиматуми за примена на нуклеарно оружје,  иако ги спомна САД како земја која направила преседан со негово користење во Јапонија. Тој го спомна и неправедниот, според него, светски поредок, кој го брани Запад. За рускиот претседател глупост е поредокот што го предлага Западот, заснован врз правила, а во чие нарушување се обвинува Русија. „Кој ги воспостави тие правила?, кој ги утврди и ги усогласи“, праша тој. „Русија е голема држава со илјадагодишна историја и нема да живееме според такви измислени правила“, рече Путин. Изјави дека Западот секогаш ги угнетувал незападните земји, спомнувајќи ги трговијата со робови и опиумската војна. И продолжува да ги угнетува, собирајќи ја „хегемонската рента“. „Диктатурата на западните елити е насочена против сите луѓе во светот. Вклучувајќи го населението во самите западни земји. Тоа е веќе сатанизам“, рече Путин.

Тој додаде дека се формираат нови, незападни центри на сила во светот кон кои припаѓа мнозинството од човештвото. Според него, Европа е на пат за деиндустријализација, што е цел на американската политика, а се остварува преку нејзиното исклучување од руските енергоносители. Тука тој ги обвини Англосаксонците за диверзија на „Северен поток“. „На Англосаксонците веќа малку им се санкциите, тие преминаа кон диверзии – неверојатно, но факт е, организирајќи ги експлозиите на меѓународните гасни магистрали, кои одат по дното на Балтичкото море, фактички пристапија кон уништување на европската енергетска инфраструтура. На сите им е видно, кому му полза од тоа. Кому му е од полза, тој, секако, го направил“, рече Путин.

Пред крајот на излагањето тој изјави дека Запад води неоколонијална политика и сака да и покаже на Русија каде и е местото. Од причина што таа ја предизвика неговата хегемонија. За него, Запад сакал и се’ уште сака да ја раздроби Русија. Според Путин, Западот може да ја доведе работата до голема војна, „прибегнувајќи кон одамна познатата метода „војната се’ ќе отпише“. Исто така тој изјави дека: „Нема да биде како порано. Полето на битката, на кое не повика судбината, тоа е борба за голема историска Русија, борба против поробување на нашиот народ“. „Почнатото уривање на западната хегемонија е неповратно, веќе нема да биде како порано“, рече тој. Вечерта во Москва се одржа митинг-концерт по повод потпишувањето на договорите за присоединување. На присутните им се обрати Путин, кој обраќањето го заврши со зборовите:„ Станавме посилни, затоа што сме заедно. Зад нас стои правдата, а во правдата е силата, а тоа значи – победа. Ќе победиме“.

НУКЛЕАРНА РУЖА НА ВЕТРОВИ

Што значи сето ова? Дека за Путин поважен е Западот од Украина. Спротивставувањето нему, отколку на Киев. Тој зборува за повеќеполарност, процес кој доведува до уривање на постоечкиот светски поредок, кој пак го брани Западот, попрецизно хегемонијата на САД. Оттука, бранејќи го својот светски поредок, Западот нема да се откаже од воено-политичката и економската помош на Украина. Затоа ќе биде од голема важност до каде и како САД и Русија ќе ги реализираат своите намери. До кога ќе се зголемува влогот во воената игра. До кога и како ќе се крева спиралата на војната? Дали ќе се користи нуклеарно оружје? Во едно неодамнешно обраќање Путин изјави дека Западот ги помина сите граници во антируската реторика и дека прозборува со нуклеарна уцена. Според него, претставниците на водечките НАТО држави се искажуваат за дозволена примена против Москва оружје за мосовно уништување, но авторите на таквите искази треба да водат сметка дека „ружата на ветрови може да се сврти и кон нив“.

Како што можеше да се очекува, присоединувањето на териториите наиде на осуда, почнувајќи од идната крајно десна премиерка на Италија, американскиот претседател, НАТО, ЕУ и најголем дел од светот. Но мотивите за тоа се различни. „САД го осудуваат денешниот лажен обид на Русија да анексира украинска суверена територија. Русија го нарушува меѓународното право, ја погазува Повелбата на ОН и го демонстрира своето пренебрегнување кон мирољубивите држави во цел свет“, се вели во соопштението на Џо Бајден и се додава дека:„Не треба да има заблуда, тие дејства немаат легитимитет, САД секогаш ќе ги почитуваат меѓународно признатите граници на Украина. Ние ќе продолжиме да ги поддржуваме напорите на Украина да воспостави контрола на целата своја територија, зацврстувајќи ги нејзините позиции на воен и дипломатски план, во тие рамки и со дополнителна помош во областа на безбедноста  во висина од 1,1 милијарда долари..“.  Подоцна тој лично се обрати и изјави дека: „САД и нивните сојузници нема да се исплашат, нагласувам, нема да се исплашат од Путин, неговите бесмислени изјави и закани. Тој нас нема да не исплаши“.  „Америка во целост е подготвена, заедно со сојузниците од НАТО, да го заштити секој цол од територијата на Алијансата, секој цол. Разберете ме правилно, мистер Путин, секој цол“, подвлече Бајден. Има една изрека, „ако еднаш ми кажеш нешто ти верувам, ако ми го кажеш по втор пат ќе се посомневам, а ако го кажеш и трет пат, тогаш знам дека ме лажеш“.А Бајден три пати прозборе за плашење.

Но, што со реакциите на земјите кои не се сојузници на САД, кои не ја напаѓаат Русија, но не го одобруваат присоединувањето. Ако се види кои се тие земји, почнувајќи од Кина, преку Турција, па се до Србија, сите поаѓаат од своите интереси. Причината е едноставна. Кина ја смета територијата на Тајван за своја, па ако го поддржи отцепувањето на украинските региони ќе треба да се помири и до признавање на отцепувањето на Тајван. Турција си има проблем со народот кој нема држава, а е распослан во четири држави – Курдите. Што ако тие се огласат на референдум за отцепување?  Има десетици такви држави. За Србија и нејзиниот проблем со Косово да не зборуваме.

УКРАИНА ДЕ-ФАКТО БАРА ПРИЕМ ВО НАТО

Уште Путин не го заврши своето излагање во Кремљ, украинскиот претседател Владимир Зеленски излезе со повик Украина да биде нова членка на НАТО надвор од сите стандарди. „Де-факто сме сојузници. Тоа веќе е достигнато. Де- факто ние веќе го поминавме својот пат во НАТО. Де-факто ние веќе докажавме заемна компатибилност со стандардите на Алијансата, тие се реални за Украина – реални на полето на војната и во сите аспекти на нашата соработка“, рече Зеленски. „Де-факто Украина денес поднесува барање за да го направи тоа де-јуре. Според процедура која би одговарала на нашето значење за заштита на целата заедница. Во забрзана постапка“, побара украинскиот претседател. Ваквиот потег секако не е случаен и ненадеен. Тоа е добро обмислена стратегија изградена во соработка со НАТО. Сега само дојде момент тој да се обнароди. Не случајно вчера осум држави, меѓу кои и нашата го поддржаа зачленувањето на Украина во НАТО. Се разбира по скратена постапка. Интересно е што под поддршката нема потпис на ниту една земја од „Стара Европа“.

Заменикот главен уредник на Newsweek, Џејсон Филдс по повод барањето на Зеленски пишува дека тоа е најлоша од неговите идеи. Ако НАТО се согласи со неа тогаш би почнала војна, која досега не сме ја биделе: бесконечни војски, тенковски армии, небо исцртано со борбени авиони, пишува Филдс. „Тоа во најдобар случај. Многу поверојатно е дека после војната меѓу САД/НАТО и Русија многу малку ќе остане од човештвото. Ќе одбере ли Кина страна? Или ќе види благопријатна можност за себе?“, прашува тој. За него не е јасно дали во такви услови ќе може да се избегне барем „ограничена“ нуклеарна војна. Тоа е сомнително. Очајот е силен мотиватор, а крајните средства, не се секогаш средствата, кои не смее никогаш да се употребат. „А токму тоа го бара Зеленски со својата молба за “забрзано“ разгледување на барањето за прием на неговата земја во НАТО. Забрзано или не, но таа идеја не е добра“, смета Филдс. Приемот на Украина во НАТО во услови на војна ја вовлекува во војната целата Алијанса, смета Филдс. А тоа значи вклучување во неа тенови, HIMARS ракетни системи, беспилотни летала, со кои управуваат мажи и жени од земјите на НАТО, вклучувајќи ја и малата Црна Гора, тврди тој. „Да се прими Украина во НАТО, господине Зеленски, тоа е најлоша од сите можни идеи“, му порачува Филдс на украинскиот претседател. Тој тврди дека на највисоко ниво во САД сметаат дека е голема веројатноста од она што го рекол филозофот Томас Хобс, да започне борба на „сите против сите“.

РАЗУРНУВАЊЕ ЕНЕРГЕТСКА ИНФРАСТРУКТУРА

Филдс во сето ова го има предвид и гасоводот „Северен поток 1" , клучен за Русија и Германија, а значи и со Западот. Тој не беше предмет на санкции зашто и беше многу потребен на Европа од каде што таа добиваше многу ефтин гас. И сега е кренат во воздух и кога се водеа разговори за пуштање на „Северен поток 2“, па и него го кренаа во воздух. Кој го направи тоа не се знае, иако има сомнежи и за Русија. Но таа ги имаше вентилите за гас во нејзини раце и пушташе помалку гас. „Може да се смета дека таа енергетска битка, како лично руска верзија на жестоки контрасанкции против Европа, но Москва не е толку безумна за да смета како воен акт, оставање на милиони луѓе на мраз. Иако разурнувањето на енергетска инфраструктура се јавува како дел од борбата на Русија со Украина“ пишува Филдс. И заклучува дека ваквата ситуација може да се нарече било како, но воениот конфликт е реалност. И НАТО се подготвува за директен воен судир со Русија. Што ќе се случи натаму? Тоа зависи од тоа дали ќе се оствари желбата на Зеленски.

И покрај подршката од осумте земји од „Нова Европа“ на влегувањето на Украина, под итно во НАТО, реалноста е сосема друга. На пример, Шведска и Финска и покрај поднесените барања се“ уште не се членки. Турција и Унгарија досега не дале согласност за нивно членство.  Дури 28 дале поддршка, а тие две калкулираат. Воен конфликт има и малку чудно е ако веднаш се отворат вратите на НАТО за Украина. Дури и САД и од ЕУ изјавуваат дека сега е најважна борбата со Русија и помошта на Украина, воена пред се’, за победа врз Русија и остварување на целите, ослободување на целата земја. И двете земји поаѓаат од сопствените интереси. Се сеќаваме добро што ни правеше нам Грција за влез во НАТО, а не знаеме што уште ќе ни прави за членство во ЕУ.

Давањето согласност од страна на Унгарија и Турција значи веднаш дека и тие ќе мора да го применат членот 5 од Вашингтонскиот договор. Тешко дека тие засега, а и во блиска иднина ќе бидат подготвени да го направат тој чекор. Интерсот нивен е да имаат какви, такви односи со Русија кои ќе одговараат на нивните интереси, пред се’ економски. Згора на тоа Украина долго го блокира состанокот на НАТО и Украина, условувајќи го со давањето на одредени права на унгарското малцинство во Украина. Веројатно Украина ќе мора да води борба со Русија до завршување на војната, со воен ветер во својот грб од страна на НАТО, а пред се’ на САД и Британија.

СЕРИОЗНО КОН ИЗЈАВИТЕ НА ПУТИН

Единствен разумен глас кој што сега се јавува, по почетокот на нова ескалација на војната е оној на Ангела Меркел, поранешната германска канцеларка. Во минатата среда таа одново проговори за сериозен однос кон изјавите на Путин и дека тоа е многу важно. На еден собир посветен на отворањето на „Фонд на федералниот канцелар Хелмут Кол“, Меркел рече:„ Вие треба сериозно да се однесувате кон неговите зборови(станува збор за користење на сите расположиви средства доколку биде нарушена безбедноста на Русија и дека тоа не е блеф). Сериозен однос кон неговите зборови, не одмавнувајќи дека се  блеф, сериозниот однос кон нив не е знак на слабост во никој случај, туку знак на политичка мудрост“. Во петокот таа повторно проговори за продолжување на работата врз нова општоевропска архитектура со учество на Русија. И повтори за сериозниот однос кон изјавите на рускиот претседател. Зашто таквата позиција помага да се сочува простор за маневра или да се разработи нов ефикасен политички потез.

И додека Меркел повикува на сериозен приод кон изјавите на Путин, Европа како да не знае што да прави. Таа размислува за нови санкции кон Русија, но воопшто не и е лесно на енергетски план. Сите настани зборуваат дека таа, покрај дезиндустријализацијата уште поголем проблем ќе има со студот. По диверзијата на гасоводите „Северен поток“ не е јасно како ќе се надомести енергетската глад. Студот може да ги испразни брзо, релативно добро наполнетите резервоари со гас. Но во отсуство доволни количества гас и нафта, а како што велат и се помалку ветер, ќе нема ни струја. Се повеќе во некои држави се зборува за енергетски туризам. Повозрасните и оние кои не мора да работат од својата земја да заминат во државите со благопријатна клима. Владее голема неизвесност како ќе биде дочекана зимата, кога се најавува дека таа ќе биде постудена во 2023, отколку што беше годинашнава.

Кризата со енергенси не е директна последица на војната во Украина. Таа почна уште пред две три години. Но снабдувањето од Русија со евтин гас, јаглен и нафта ги остави настрана потребите од нови инвестиции, нови извори, нови конекции во енергетиката. Сега останува Европа да се надева на САД и земјите од Заливот. Но и од таму не дуваат благопријатни ветришта. Канцеларот на Германија Олаф Шолц и покрај постигнувањето некакви договори за испорака на гас, не успеа да ги оствари до крај неговите намери. Исто и други лидери кои изминатиов период одеа таму како на аџилак.

Многу работи ќе зависат од тоа дали ќе може да се поправат гасоводите „Северен поток“, затоа што тоа не е само економско за Германија, туку пред се’ политичко прашање, најмногу за Америка, но и за ЕУ, иако не беа подвргнати на санкции. А вкупната ситуација во регионот ќе зависи и од подготвеноста на англосаксонците, САД и Британија, да не го саботираат мирното решение на војната во Украина. Кое веројатно ќе влијае благопријатно и врз енергетиката.

Ако се суди според она што го кажаа неделава што измина Путин и Зеленски, во наредниот период Русија ќе победи, Украина ќе влезе во НАТО. Европа, пак, ќе мрзне. САД ќе се насладуваат на заработувачките од енергенси. Велат излегува брод со течен гас од американско пристаниште со една цена и кога доаѓа до Европа таа скокнала од три до четири пати.

Мирче Адамчевски

 


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?