29 Март, 2024
0.0271

Русија ќе признае српско косовски договор, ама ако го има

Објавено во: Колумни 01 Јуни, 2019

Добивај вести на Viber

Настаните на Косово пред некој ден беа повод руската јавност да се позанимава со српско-косовските односи, дотолку повеќе што во нив настрада и еден руски дипломат на служба во Обединетите нации. Но, како што поминуваат деновите нема ништо по првата енергична реакција околу настаните, а вниманието е повеќе насочено кон дипломатот, кон неговата дипломатска заштита, кон осуда на косовските власти за насилството врз него и сл.

Сергеј Лавров кој престојуваше во дводневна работна посета во Словенија, оцени дека акцијата на косовската полиција е всушност „провокација на албанската страна“, и покрај тоа што косовските власти вчерашната акција на апсење, извршена во северниот дел на Косово, главно населен со Срби, ја означија како акција насочена против криминалот и корупцијата. Во тој контекст шефот на руската дипломатија укажа и дека меѓународната заедница, ЕУ и НАТО се обидуваат од Балканот да направат „санитарен коридор“, односно своевидена тампон зона кон Руската Федерација. Ваквите изјави на првиот руски дипломат не се ништо ново кога станва збор за Западен Балкан. Се сеќавате какви беа реакциите околу Македонија во изминативе години, особено предпостигнувањето на Преспанскиот договор. Но настанот предизвика реакции и во руската јавност, а не само од страна на дипломатите.

Па така еден од најголемите познавачи на Балканот, академикот, Елена Гускова, инаку голем поддржувач на Србија, во вторникот изјави дека настаните покажуваат дека Србија наскоро треба да се определи околу прашањето за статусот на Косово. Таа го имаше предвид настапот на српскиот претседател Александар Вучиќ во парламентот на Србија. „Вчера Александар Вучиќ за прв пат за сето време од преговорниот процес меѓу Белград и Приштина прозборе за својот многу печален заклучок, дека околу прашањето на Косово и Метохија, Србија не победи, туку загуби. Тоа кажува за тоа дека наскоро ќе дојде време да се решава прашањето за статусот на Косово и признавање на неговата независност. Нема алтернатива на тоа решение, зборуваше Вучиќ. Тој прекрасно разбира дека после тоа може да следи неговата политичка смрт, и народот кој предавањето на Косово ќе го поврзува со неговото именајверојатно нема да го бира на следните избори“, смета Гускова.

Според нејзини зборови врз српскиот претседател притискале ЕУ, САД и НАТО. „Секој поаѓал од целта да го натера Вучиќ да прифати решение кое е непопуларно во земјата. Па оттука на надворешен план ќе нема никакви конфликти, затоа што тој им оди од рака и е должен да донесе такво решение“, изјави Гускова. Според неа напнатост може да постои само во Косово. Тоа е конфликтна зона и тука проблемот треба да се решава. „Во Русија, и покрај осудата од страна на руското МНР на дејствувањето на албанската полиција, дипломатијата смета дека прашањето на Косово е внатрешно прашање на Србија. Па затоа Русија нема да се меша во тоа, а ќе прифати секое решение кое им одговара и на српската и на албанската страна“, заклучи Гускова.

Соработникот на Институтот за славистика при Руската академија на науки(РАН)ГеоргијЕнгелхард е близок со ставовите на Гускова.Тој истакна дека Вучиќ фактички ја почнал новата етапа за признавање на независноста на Косово. „Тој ги стави настрана разговорите за разграничување. Сега изјави дека може да се спроведе референдум за косовското прашање. А тоа значи и промена на уставот“ вели Енгелхарт. Според него, Вучиќ во наредниот период ќе ги напаѓа оние кои не ги разбираат потребите од отстапки и компромиси за Косово. Тоа од една, а од друга страна, според Вучиќ, наскоро се можни и насилства од страна на Албанците, па тоа ќе биде основа за неопходни болни отстапки за косовското прашање. „Тоа ја покажува програмата на дејствија на српското раководство во наредните месеци, вели Енгелхард.

Така не смета политичкиот аналитичар, водечкиот научен соработник во Институтот за Европа при РАН, Павел Кандељ. Тој смета дека српските власти не се подготвени да ја признаат независноста на Косово. Според него Вучиќ маневрира. „За него сега е многу опасно едноставно да ја признае независноста на Косово и да не добие ништо за возврат. Нему му треба да се создаде впечаток дека Србија добила барем нешто за тоа. А Албанците не се подготвени за ништо во тој поглед. Па затоа во овој момент тој тешко дека е подготвен за она што од него го очекуваат на Запад“, изјави Кандељ.

Експертот од Центарот за политичка анализа, Андреј Тихонов, смета дека Албанците-власта „нема да се смират се додека до крај не го протераат српското население од Косово и Метхохија“. Според него инцидентите како тој од средата ќе се повторуваат. Секако Србија треба да реагира, но воопшто не се знае како. „Земјата смета на евроинтеграциите и нема намера да се враќа на времето од Слободан Милошевиќ. А и Вучиќ не сака своите денови да ги заврши во Хаг. Па затоа ако сака во ЕУ, тој ќе мора да го признае Косово. Ваквата перспектива на руските и српските патриоти им се чини ужасна, но Србија „оди во Европа“, одамна и упорно“, смета Тихонов.

Неодамна, во средината на месецов, во Карнеги фондацијата во Москва се одржа дебата на темата: Односот на Русија кон решавањето на косовското прашање. Развојот на настаните покажа дека станува збор за мошне актуелна тема. Москва постојано вели дека ќе го поддржи секое решение кое ќе го договорат двете страни и ќе и одговара на Србија. И навистина таа не може да се однесува поинаку. Ако Србија и Косово се договорат и одат со тој договор во СБ на ОН, тогаш Русија таму сигурно нема да прави пречки договорот да биде поддржан од членките на СБ. Но, Москва често пати изјавува дека е за решение врз основа на резолуцијата на СБ на Он 1244, каде што нема ни збор за косовска независност.

Србија не знае како да се однесува кон ова. Таа е под голем притисок од Западот, пред се од САД, а веќе неколку години води преговори со Косово под чадорот на ЕУ. Од друга страна таа не може да ја заборави улогата на Русија кон косовското прашање и поддршката што ја добива од Москва, пред се во ОН. Разделена меѓу овие две страни Србија како да не знае за што да се определи. Кај нас велат „Ем и иска, ем и стиска“. Веќе две децении во Србија се гради патриотскиот лик на Русија. Небаре таа е поголем патриот од Србија во поглед на Косово. Максим Саморуков од Карнеги фондацијата вели: „На сметка на ова се искажуваат различни мислења, но сите тие подразбираат дека руската позиција – е еталон на вистинскиот српски патриотизам, оддалечувања од кој сведочат за ненадежноста на едни или други политичари во самата Србија“.

Според него, во реалноста, меѓутоа, се чини дека српското раководство не е уверено во руската поддршка, како што може да се чуе од устата на руските дипломати. Од есента 2018 Вучиќ два пати се сретна на само со претседателот на Русија Владимир Путин. Во екот на интензивните преговори со Косово. Кога се чинеше дека на повидок е некакво решение. Особено она  кое зборуваше за размена на територии. Србија сакаше да чуе за реакцијата на Русија доколку дојде до размена на територии,во замена за признавање на Косово. Саморуков смета дека Вучиќ не добил гаранции за поддршка од Москва на споменатите решенија. Ова од причина што формулациите во официјалната позиција на Русија после двете средби не се променија.

Инаку, кое решение и да биде за косовското прашање Русија ќе гледа да го искористи за свои потреби. На пример, доаѓа до размена на територии. Ова беше, најверојатно идеја поддржана и предложена од САД. Во таков случај Русија ќе може да смета дека когаш-тогаш, ќе може тоа решение да го примени и за решавање на прашањата поврзани со Украина. На пример промена на границите. Тие да се поместат според етничката припадност на населението. Да се добие што покомпактна етничка територија.

На овој план веќе има интереси, дали решавањето на косовското прашање ќе биде универзално решение и за други региони каде што има слични проблеми? На пример во Нагорно Карабах , меѓу Ерменија и Азербејџан. Или пак Абхазија и Осетија, или пак Придњестровје. А да не зборуваме за Сирија, Либија или некои европски држави. Одговорот би требал да биде дека секоја планина има своја тежина. Но сепак најдобро е да не се дозволи менување на границите. Ниту на Косово.

Москва засега не се вмешува во преговорите за Косово. Ја остава ЕУ да ја води играта. Но се чини дека на Унијата работите и излегоа од контрола, особено со мешањето на САД.  Едно време дури се проговори и за наводен договор меѓу САД и Русија, околу Косово. Тешко е да се верува дека постои таков договор. Двете земји имаат еден куп други проблеми во своите односи, па не останува време на дневен ред да дојде независноста на Косово. Мешањето на Москва и не би било продуктивно со оглед на тоа што неа Западот  ја смета за закана на Балканот. А и нема каде да се меша ако не се Србија и Република Српска.

И додека некои руски експерти веќе сметаат дека еве Вучиќ ја предаде Србија на Косово, има и такви кои сметаат дека работите дури допрва ќе одат во полза на Србите. На дебатата во Карнеги фондацијата, од луѓе кои имаат добри врски и со Западот се слушна дека Вучиќ во односите со Европа и САД е многу покооперативен и поисполнителен, отколку неговите партнери од Косово. Па дури дека и САД и ЕУ се заморени од односот на Косоварите. За заканите со „Голема Албанија“ се прозборе дека се користат само за уцена на Европа. И дека до тоа нема да дојде затоа што и на Косово има политичари кои не сакаат да бидат втора виолина во некоја нова држава.

Овде за пример може да се земат Романија и Молдавија. И во Романија и во Молдавија има сили кои постојано зборуваат дека двете држави ќе се обединат и на тој начин Молдавија ќе стане член на НАТО и на ЕУ. Се зборува триесетина години, но никако да дојде до спојување. Едноставо, во Молдавија има политички сили кои сакаат да бидат свои на своето. Па така и за Косово. Тоа не може да стане член на НАТО, туку-така, со декларативни најави за „Голема Албанија“. За тоа се прашуваат и други. Згора на тоа на Косово има луѓе кои изјавуваат „За тоа ли се боревме, сега да бидеме под капата на друга држава. Ние сакавме своја држава“.

По сето ова,  ќе има ли независно Косово наскоро? Многу експерти сметаат дека ќе нема. Во прв ред без САД косовското прашање нема да се реши. На 18 јуни американскиот претседател ДоналдТрамп ќе објави дека ќе учествува во трката за втор мандат. Неговата администрација и онака постојано се менува, а и Стејт департментот не е кој знае колку оспособен по бројните оставки на искусните дипломати. Па така од јули натаму ќе бидеме сведоци на преокупираноста на Трамп со изборите. А, Џон Болтон, советникот на национална безбедност своевремено беше против независноста на Косово.

Во ЕУ наесен ќе дојде до смена на раководството. Тоа значи косовското прашање се одлага за подобри времиња, зашто тешко е да се верува дека решение ќе се најде до октомври. Затоа ќе биде важно кој ќе влезе во раководството на ЕУ, на кое ќе му треба време да го проучи проблемот меѓу Србија и Косово. Дали на новите ќе им одговара кооперативноста и исполнувањето на ветеното од страна на Србите? Колку ќе им пречи поставувањето на се’ нови и нови барања од страна на Косоварите.Западот научи дека Вучиќ е кооперативен и попушта под притисоците, па можеби и натаму ќе го притиска. Но овој сигурно ќе бара некакви гаранции за соработката. Конечно и да се постигне договор, кој знае колку долго тој ќе се имплементира.

А Русите? Ним ќе им одговара и варијантата на одлагање на решениието. Односно замрзнување на конфликтот на неодредено време. Со постојано критикување на настаните во Косово, но и желбата за создавање преседан кој би им бил од полза во решавањето на многу прашања на постсоветското пространство.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?