01 Декември, 2024
0.0325

Русија не е „авторитарна“ држава

Објавено во: Колумни 15 Мај, 2023

Добивај вести на Viber

Насловов на денешниов текст е парафраза на едно искажување во социјални мрежи во дебати на актуелни теми. Една од таквите теми е и однесувањето на Евгениј Пригожин, таканаречениот „кувар“ на рускиот претседател Владимир Путин. Човек кој што веќе неколку месеци си зема за слобода јавно да го критикува министерот за одбрана Сегеј Шојгу, но и началникот на Генералштабот Валериј Герасимов. Кулминација пред една недела беше неговото обраќање кое многумина го сфатија како потсмев кон Врховниот командант и претседател на Русија Владимир Путин.

Кој е всушност Евгениј Пригожин? Роден во некогашен Ленинград. Типичен претставник на новопечени кадри, во време на транзицијата на државите по падот на комунизмот, а произлезени од криминалното милје. Уште на 18 години ја добива првата условна казна за крадење. На 20 години, во 1981 година, е осуден на 13 години затворска казна за крадење, разбојништво и измама. По девет години е помилуван и излегол од затвор. Завршил средно спортско училиште, а некои пишуваат дека завршил и Хемиско-фармацевтски институт во Санкт Петербург. Со приватен бизнис почнал создавајќи мрежа продавници за хот-дог во 1990 година. Неколку години подоцна отворил елитен ресторан. За неколку месеци го заработил првиот милион долари. Влегува во бизнисот со кетеринг и ја создава компанијата „Конкорд“, отвора елитни ресторани, во кои се среќаваат политичари гости на претседателот Путин, Жак Ширак, Џорџ Буш.. Го добива прекарот „куварот на Путин“. Во меѓувреме влегува во градежни води. Добива тендери од државата за исхрана во училишта,за одржување на касарни, за градење воени објекти...Го обвинуваа за испорачување неквалитетна храна на учениците. Се зафаќа со медиумскиот бизнис и пропаганда, создава „фабрика на тролови“(Агенција за интернет истражување“), ја поддржуваат власта, ги дискредитираат опозиционите политичари. Го сомничат за мешање во претседателските избори во САД во 2016 година. Пригожин контролира интернет медиуми, кои имаат милионска публика. Се разбира, тие работат на „благо“ на власта.

Круна на неговата работа е создавањето на приватната воена компанија „Вагнер“. Иако Пригожин избегнуваше да го соопшти тој факт, лани во септември тој призна дека компанијата е создадена во 2014 година од руски доброволци кои сакале да одат да се борат во Донбас. Подоцна во компанијата доаѓаат офицери и професионални војници кои ја напуштиле или биле исклучени од армијата. Трупи на „Вагнер“ има на многу места. Во прв ред во Сирија. Главна локација им е Африка. Таму им помагаат на африканските лидери да обезбедуваат безбедност, испорачувајќи оружје, давајќи политички консултации, а за возврат добиваат достап до природни ресурси и права за експлоатација на богатствата. Според разни медиуми структурите на „Вагнер“ биле активни во десетина земји на континентот: Алжир, Либија, Демократска Република Конго, Нигерија, Етиопија, Кенија, Централно АФриканската Републикка, Судан и Ангола. Наводно, политичките технолози активно работеле во изборите на претседателите на Мадагаскар и ДР Конго во 2018 година. Сега дел од оваа приватна војска веќе неколку месеци делува во Украина. Во Санкт Петернург „Вагнер“ има свој Центар, со мисија „да се обезбеди комфортна средина за генерирање на нови идеи со цел да се зголеми одбранбената способност на Русија, во тие рамки и информативната“.

КРИТИКИ НА ВОЕНОТО НАЧАЛСТВО

На Пригожин не му е туѓа и политичката активност. Во август 1991 година, кога беше пучот тој беше против пучистите и „против враќањето на СССР“. Директно не учествува, но зад кулиси материјално помага политичари. А како што сме сведоци од минатата есен тој се’ повеќе се појавува во јавноста со желба да го зголеми своето влијание во Русија. Пред се’, со критики на военото началство на Русија, но и политичари. Засега главна цел му се министерот за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на генералниот штаб Валериј Герасимов. Но и поранешниот претседател Диитриј Медведев, а пред неколку денови и претседателот Путин, иако по сандалот што се крена изјави дека потсмевањето не се однесувало на него, туку на други лица.

Пред неколку дена Пригожин упати писмо до министерот Шојгу во кое го известува дека „Вагнер“ контролира 95 проценти од Бахмут, но на крилата од градот има контра напади од украинските сили, па го повикува да дојде на терен за контрола на војските на Русија. Се разбира притоа потсмевајќи се, а некои велат дека го тролува министерот со реченицата „Водејќи сметка за вашето долгогодишно искуство во водење борбени дејства ве молам да дојдете..“ Завчера, според Телеграм каналот на Пригожин одново е упатено писмо до Шојгу, кое нема да се публикува, за да се решат проблемите зад затворени врати, ама се кажува дека се однесува на проблемите на руската војска на крилата, а исто така и на „масовното обраќање на мобилизираните, кои што сакаат да стапат во редовите на „Вагнер“ , а поврзано со отсуство на раководење во единиците на Министерството за одбрана на Русија“.

Првите изблици на незадоволство на Пригожин, од однесувањето на воените раководители во Украина, беа кон крајот на минатата година кога прв пат прозборе за недостиг на оружје и јавно го побара. Тогаш изби скандал и конфронтации, кои беа повод за разни дискусии во Русија, но и коментари во Украина. Психологот Валентин Ким ги анализираше неговите изјави и однесувањето на Кремљ кон нив. На мислењето дека Путин само ја игра оваа конфронтација, дека всушност нема конфликт, тој даде своја оценка. Според Ким: „ Во секое општество кое има диктатор, тоталитарен лидер или монарх, секогаш ќе има конкуренција меѓу елитите за пристап до единствената личност која има моќ и може да ја сподели оваа моќ. Затоа што секогаш има конкуренција. И малку е веројатно дека едно време, за време на владеењето на Сталин немало конкуренција, тоа секогаш се случувало.

СКАНДАЛИ ВО ВОЕНАТА СФЕРА

Се сеќаваме од лекциите по историја како тоа заврши. Истото е со Владимир Путин. Не затоа што го имитира Сталин, туку затоа што структурата на моќ што е изградена во Руската Федерација предизвикува токму такви општествени процеси. Многу луѓе сакаат да добијат моќ и пари. За да го направите ова, треба да добиете пристап до првото лице. За овој пристап, треба да се натпреварувате со други кандидати како вас. И затоа Путин не може, а да не игра на таква карта. Секоја личност на неговата позиција ќе почне да дејствува на ист начин, бидејќи ова е однесување кое е обликувано од овие општествени процеси. И гледаме дека сега во игра е облогот Герасимов или Пригожин, корпоративните елити и локалните елити, како Кадиров. Ова може многу брзо да отстапи место за конфронтација меѓу специјалните служби, конфронтација меѓу бизнисот и државниците, меѓу финансискиот сектор и културниот сектор. Секогаш може да има вакви конфликти“. Во моментов поголемо внимание се посветува на воените прашања, па оттука и скандалите се во воената сфера.

За ставот дека Пригожин има политички амбиции Ким вели дека тој е многу интересна личност. „Не затоа што тој е интересен сам по себе, туку затоа што во такви моменти на историски развој такви неразбирливи личности ползат кон површина. Пригожин со својот хтонизам, копнеж по смрт, со способноста (да не му ги одземаме плусовите) да работи со обичниот народ е многу интересна личност. И тој вистински ја открива огромната моќ што може да ја стекне Путин. А тоа задолжително води до фактот дека тој има амбиции. Сигурен сум дека има такви амбиции. Сега тие се однесуваат на војската, на Генералштабот, на неговото соочување со Герасимов и Шојгу. Не знам колку се моќни амбициите на Пригожин, но тие навистина постојат, се појавуваат. Зошто? Сега се такви времиња. Решил да дојде до повисоко ниво на влијание. На многу начини, Пригожин е човек кој се „хранел“ некаде во дворот. Изврши некои наредби во земји од третиот свет, добиваше наредби од Кремљ, но тој не беше ополномоштена фигура на оваа шаховска табла. И сега има можност за тоа. За неа тој се натпреварува со војската“.

Кога сме кај „хранењето на дворот“ интересно е едно пишување на Едуард Радзински во неговата верзија на биографијата на Сталин. Веднаш по Октомвриската револуција болшевичките кадри се собирале на советувања. Ленин,Троцки, Камењев, Зиновјев, Бухарин.., седнувале на главната маса, а Сталин го ставале секогаш на некоја помала маса настрана. Тој со внимание ги слушал дебатите. Молчел. Се „хранел“ од дискусиите. Сигурно не му било сеедно што го ставале настрана, ама Радзински коментира: „Учиме, по малку учиме“. Овие зборови се однесувале на Сталин кој молчел, но очигледно и учел од она што се случувало на тие состаноци. За подоцна, по смртта на Ленин, да ги “сотре“ сите учесници од големата маса. И тој да стане првиот човек на неа.

ЗАПАЛЛИВА РЕТОРИКА

Пригожин зимоска престана со критиките дека нема доволно оружје, но ни на Шојгу, ни на Герасимов не им фалеше влакно на главата. Дури како да се зајакнаа нивните позиции. Сега Пригожин во своите обраќања индиректно ги повикува руските војници да се побунат против командата. „Во оваа безумна војна, единствениот светец и апсолутно невин во сите про*бувања е рускиот војник, кого го оставија на немилост на судбината и решија дека тој треба да умре, како што сакаат од нивните кабинети од махагони. И затоа, кога овој руски војник ќе разбере што се случува наоколу, ќе ја крене главата, уверен сум, ќе сфати кој го подметнува и ќе го искине задникот...на виновните во таа трагедија, во која него го фрлија“, рече Пригожин. Веќе станува збор за реторика која може да биде запаллива. Реторика која и одговара на Украина во поглед на деморализација на руската армија во предвечерието на најавената украинска контраофанзива.

Некои сегашната ситуација и однесувањето на Пригожин го споредуваат со 1917 година, кога после февруарската револуција дојде до растур во руската царска армија и Русија на болшевиците мораше да потпише мировен договор со Германија, но и да дојде до распад на империјата. Елена Бесчетнова во еден свој труд насловен:„ Распадот на Руската императорска армија во 1917 година“, пишува за болшевичка пропаганда со антивоена агитација. За „класна омраза“ меѓу офицерите и обичните војници што придонесувало да биде невозможно спроведувањето на наредбите без поговори. Таа констатира дека за да биде силна армијата тогаш била потребна железна дисциплина и единство во командувањето, бидејќи таа е главна потпора на власта. А за тоа треба и силна власт. Во 1917 година војниците се откажувале од признавањето на власта и на нивните команданти и на тој начин ја уривале својата армија, што довело до нејзин целосен распад. Според авторката после Февруарската револуција почнала демократизација на армијата што влијаело врз дисциплината и врз единството во командувањето.

Ова што сега се случува со Пригожин и командата не е замисливо да се случи во Украина. И таму има критики врз однесувањето на претседателот Владимир Зеленски, критики на неговата наводна непоготвеност за војната...Но се друго останува зад седум врати. А кај Пригожин тој и неговите медиумски и приврзаници, зборуваат и пишуваат што ќе им падне на памет. Одговорот на Министерството за одбрана и на Генералштабот е молк и итни посети на Шојгу и на други воени високо рангирани лица на делови од фронтот. Тие оставаат да ги штити Кремљ. А од таму велат дека се’ оди според планот. И додека од Запад аналитичари и медиуми, а и украински извори, зборуваат за напредок на нивни сили на две крила околу Бахмут, после месеци одбрана, и речиси на работ да го изгубат градот, од Москва се пуштаат сигнали. Но тие се толку нејасни што човек не знае дали Пригожин е во право или пак му се подготвува некаков пораз од своите.

Украинското разузнавање и Пригожин

За работите да станат покомплицирани во саботата се потруди „Вашингтон пост“ со едно интервју на Зеленски, а во кое се споменува и Пригожин. Набргу по публикувањето во мрежите е забележано дека од интервјуто „исчезнал“ еден фрагмент. И токму оној во кој што новинарот вели дека военото разузнавање на Украина контактира со Пригожин, па дури се водени разговори меѓу разузнавачи од Украина и соработници на Пригожин во Африка. Исто така дека украинското разузнавање му кажало на Пригожин дека од страна на Русите ќе биде објавено дека е предавник, кој што работи за Украина. Зеленски беше раздразнет поради ова и ги обвини новинарите дека „работат за Русија“. Одговорот на новинарите беше дека не сакаат да и „помогнат на Русија“, туку дека таква информација има во документите што протекоа од Пентагон. Коментарот на Пригожин за овие документи беше во негов стил, изјавувајќи дека тој „се’ уште е во Африка со Кирил Буданов, првиот човек на украинското разузнавање, “. Во Москва се уште нема реакции на овие искажувања, но нема да изостанат.

Во меѓувреме, пред некој ден реагираа и од Кремљ. Според опозициониот медиум „Медуза“, Пригожин ги поминал сите „црвени линии“ со нападите врз воените и со најавите дека ќе го напушти Бахмут. Станува збор за сериозни закани. Според извори на „Медуза“ од Администрацијата на претседателот рекле дека „доколку работите продолжат натаму, тогаш тоа ќе го прекинат официјалните силовики(се’ она што е под униформа во Русија). Еден од изворите на „Медуза“ укажал дека Пригожин сега не дејствува во „заеднички интерес“ со руската власт , форсирајќи го својот проект – Бахмут. „Тоа е негов личен проект за да може да влијае врз Министерството за одбрана, за „Вагнер“ да стане победничка сила“, смета соговорникот на „Медуза“. Многу полошо во Кремљ се примени зборовите за „среќниот дедо“ претпоставувајќи дека тоа се однесува на Путин. Иако Пригожин подоцна тоа го демантираше, па го впери прстот кон началникот на генералштабот Валериј Герасимов.

Пригожин тогаш „соопшти“ :„Среќниот дедо мисли дека добро му оди. И што треба да направи земјата понатаму? Ако се покаже дека е во право, Господ да ги благослови сите. Но, што треба да направи земјата, што да прават нашите деца, внуци, иднината на Русија и како да ја добиеме војната, ако одеднаш случајно, само претпоставувам, испадне дека овој дедо е комплетен шупак? Соговорниците на опозиционата „Медуза“ претпоставуваат дека ваквото однесување на Пригожин може да се објасни со ветувањето кое тој му го дал на Путин дека ќе го заземе Бахмут до некој определен рок, па сега не го достигнува „крајниот рок“ и покажува нервоза поради тоа. Инаку, во еден од главните руски медиуми за „Медуза“ изјавиле дека од Кремљ добиле предупредување доколку Пригожин и натаму продолжи со критики на Министерството за одбрана и да раскажува за „неуспеси на фронтот“, тогаш во публикациите следи Пригожин да се „позиционира како предавник на Русија“.

ВНАТРЕШНИ НЕПРИЈАТЕЛИ

Можеби Пригожин и не е предавник, но неговите изјави се „крајно опасни“, смета еден од водечките руски националисти, критичар на Путин и на начинот на водењето на војната во Украина и бивш „министер за одбрана“ на Доњецката Народна Република Игор Гиркин – Стрелков. „Јавната полемика меѓу Пригожин и премолчувачкото Министерство за одбрана, тоа се исфрлени надвор противречности од внатрешноста на владејачкиот клан, веќе почна борбата за живот после Путин. Внатре во власта се одвиваат нам неизвесни, но многу опасни процеси – процеси на распад на путинскиот систем, кој што се создаваше 20 години. Изјавите на Пригожин се крајно опасни“, изјави Гиркин. Според него, отстранувањето на Путин сега би значело „уривање на Руската Федерација“. Според негово мислење очигледно е дека Пригожин ќе оди во политика. Па затоа му се потребни внатрешни непријатели. Особено, кога не му одат како што посакува, работите со надворешниот непријател.

Дебатите за и против Пригожин, за власта, за војската, за генералите, за Путин, во Русија се водат јавно. Во Русија медиумскиот простор е многу поразличен од украинскиот, поразуздан. Во Украина има многу повеќе ред и поредок и дисциплина, отколку во Русија. Има парадокс, кој лежи во фактот дека таквата „разузданост на воена слобода на говор“ речиси никогаш не е запрена од руските власти. Ова и покрај фактот што според законот за „фалсификати против руската армија“, дури и татко на дете што нацрта антивоена слика е доведен под „кривична постапка“. Но, не, тој не важи за Пригожин, Гиркин и блогерите кои секојдневно ја пцујат командата на руската армија. Тие всушност се ставени надвор од дејствувањето на овој закон. Како да се недопирливи.

Токму овде се наметнува тврдењето од социјалните мрежи со кое го започнавме текстот. „Каква „авторитарна“ држава е нашата! Воените началници си ги расчистуваат односите во социјалните мрежи“, констатираат учесниците во дебатата. Таква медиумска слобода на говор зборува дури и за некој вид демократија во Русија, а не за авторитарност. Кога секој може секого да напаѓа или да клевети. Важно е само да се има униформа, па да се биде заштитен од законите. За жал ова важи само за одреден круг луѓе. За другите земјата преминува од авторитарност кон тоталитарност. Во Украина,пак, кон авторитарност. Велат воено време.

Зошто се случува ова? Се даваат многу одговори. Во зависност од авторите. За едни постојат многу теории со различен степен на заговор. Ова е борба меѓу клановите за контрола над Министерството за одбрана на РФ и за правото да се освојуваат огромните парични текови за војната. Ова е „лукавиот план на Путин“, кој на овој начин, наводно, се обидува да создаде „внатрешна конкуренција“ за да ги одржува генералите во добра форма. Има и други верзии. Која од нив е точна, сега е тешко да се процени, но има еден очигледен заклучок што произлегува од се' што се случува. Фактот дека војната во Украина станува фактор во внатрешната политичка борба, може да се претвори во важен проблем за Кремљ, што создава се поголем ризик од дестабилизација во Руската Федерација. И со оглед на вмешаноста на воените кругови во неа - и ризик од деморализација на армијата.

Мирче Адамчевски


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.