27 Април, 2024
0.0267

Русија нема намера да ги обновува мостовите со Западот

Објавено во: Колумни 24 Октомври, 2022

Добивај вести на Viber

Ако се суди според рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, Русија е решена да го напушти Западот. Урнатите мостови меѓу него и Русија нема да се обновуваат. На воведното излагање пред новите, млади кадри, кои ќе се вработат во руското министерство за надворешни работи, минатата недела, Лавров беше јасен. „ Нема ниту желба, ниту смисла да се сочува претходното присуство во западните земји. Нашите луѓе работат во услови, кои тешко можат да се наречат човечки. Им создаваат постојани проблеми, закани со физички напади. Главно – таму нема работа, откако Европа реши да се затвора за нас и да ја прекине секоја економска соработка. Со сила мил не можеш да бидеш. Земјите од таканаречениот трет свет( во Азија, Африка, латинска Америка), спротивно, имаат потреба од дополнително внимание“, нагласи рускиот министер за надворешни работи.

Дилемите исток или запад во Русија се влечкаат уште од пред стотина и повеќе години. Географски најголемиот дел од земјата е во Азија, а помалиот во Европа. И голем број политичари и дипломати уште тогаш заговарале вртење кон истокот. Кој, пак, во изминатиот век остана само руска територија во која живеат шест до осум милиони жители. На страниците на „Фактор“ веќе пишувавме за намерите на Русија да изгради неколку нови градови во Сибир и да ги зајакне амбициите истокот на земјата да стане не помалку важен од западот. А за тоа веќе се преземаат конкретни мерки. На Далечниот исток се градат станови, се мотивира економскиот развој, се планира отворање на универзитети каде што ќе се образуваат студенти за се’. Од општествени, технички, природни науки, па се до култура, музика, глума... А најважно е да се привлечат луѓе што ќе сакаат да живеат таму, кои нема да бегаат кон Москва или Петербург. Таквиот исток на Русија сигурно ќе придонесе кон она што го спомна Лавров, економската соработка со земјите од Азија. Почнувајќи од Кина, Монголија, двете Кореи, Виетнам, Индонезија, Индија...

Она што се случува денес, за Русите е рецидив од колонијалното мислење. Стремеж да се потчини се’ и сешто под своја волја. Според принципот, „што сакам, тоа правам“. „Ако посакам ќе бомбардирам било која земја, на пример, Југославија, Иран или Либија 10 илјади милји далеку од мојот брег, а ако посакам ќе го кренам цел свет на борба против Русија“, вели Лавров. И ден денес за „Мајдан“ во Украина  во 2014 година се тврди дека е државен удар поддржан од САД, кои активно го подготвувале, додека Европа покорно го прифатила. А тоа значи дека Западот, според руско толкување, застанал на страната на оние кои сакаат да го возродат нацизмот. Па оттука Русија „тежиштето“ ќе го префрла на земјите подготвени да соработуваат со неа, врз взаемна и рамноправна основа и да бараат перспективни заеднички проекти. Лавров вели дека не сака да преувеличува, но, според него, Русија сега го преживува преломниот момент, поточно епоха. Што значи дека тоа ќе биде долг временски период.

НАПУШТАЊЕ НА АМЕРИКАНСКАТА ХЕГЕМОНИЈА

Долгиот временски период може двојно да се разбере. Прво, дека војната во Украина ќе трае уште долго. Второ, дека и да заврши таа за кратко време, на Русите ќе им треба многу години да се преориентираат кон Азија, Африка и Латинска Америка. Префрлањето на „тежиштето“, пак, кон земјите кои се предводени од Кина, Индија, Иран, Турција, Бразил и други, ќе значи руско напуштање на евроцентричниот свет, па и англосаксонскиот. Напуштање на колонијалното господство и американската хегемонија, и одење кон повеќе поларниот свет, кој се создава и е неминовност..

Ова не е ништо ново. За тоа рускиот претседател Владимир Путин зборуваше уште во 2007 година на Безбедносната конференција во Минхен. Тој уште тогаш рече дека еднополарниот свет, предложен по Студената војна, не се одржа. Но, што е еднополарен свет?, праша Путин. „Овој термин би можел да се разубави и на крајот да се каже дека се однесува на еден тип на ситуација, односно еден центар на власт, еден центар на моќ и еден центар на одлучување. Тоа е светот во кој има еден господар, еден владетел, што е на крајот погубно не само за оние кои живеат во тој систем, туку и за самиот суверен, бидејќи го уништува системот одвнатре. Тоа секако нема ништо заедничко со демократијата. Бидејќи, како што знаете, демократијата е владеење на мнозинството кое ги штити интересите и мислењата на малцинството“, одговори тој. „Попатно и нас не’ учат на демократија, но од некоја причина тие кои што не учат нас не сакаат и сами да научат нешто“, нагласи Путин во Минхен. Тоа што Путин го зборуваше во Минхен го повторуваше и понатаму, а го кажува и денес. Дека е потребна нова безбедносна архитектура во светот во чиј темел ќе биде вградена Повелбата на ОН. А не нечии државни или колективни желби.

Не случајно Русија сака да се преорентира кон Азија, Африка или кон Латинска Америка. САД и Европа и ги затворија вратите. Но, Азија оди нагоре. Не само Кина. Тука е и Индија, Пакистан, Иран, Виетнам, Индонезија, да не зборуваме за Јапонија и Јужна Кореја кои се и американски вазали. Африка нагло се буди. Америка ги испушти возот, на кој се качи Кина, а гледаме дека на одделни колосеци вози и Русија. На Франција и се крева косата на главата кога пред нејзини очи и опаѓа влијанието во некои некогашни нејзини колонии. И во Латинска Америка, која некогаш важеше за цврст американски бункер, работите се менуваат. Бразил, Мексико, Аргентина, веќе поинаку гледаат кон Русија. Да не зборуваме за Венецуела, која Американците во последно време ја „тинтраат“, а до пред некој месец сакаа да ја урнат нејзината власт. Што не значи дека и нема да се обидат во некое идно време.  За сето ново Русија ја подготвува својата дипломатија, која е повлечена или протерана од западните земји.   

НОВА ЕТАПА ВО РУСКАТА ИСТОРИЈА

А на Истокот има со што и со кого да се работи. Разните азиски форуми, пацифички форуми. Шангајската организација за соработка во која веќе се најголемите азиски држави. Неодамна во Казахстан и во Узбекистан имаше собири на азиски држави и Русија. БРИКС станува се повеќе посакуван. Многу држави сакаат да се зачленат во таа организација. Иран и Турција на пример и Саудиска Арабија. Блискиот Исток се повеќе е наклонет кон Русија. Иако неа ја осудија во ОН во поглед на војната во Украина, арапските држави не воведуваат санкции кон Русија. Такви држави има и во Европа, а кои се под силен притисок од Западот. Србија и Унгарија, на пример.

Очигледно е дека војната во Украина открива нова етапа во руската историја. Етапа за која Лавров вели дека ќе трае долго. Но истовремено таа станува пресвртница во модерната меѓународна политика. Односите на Западот со Русија, на што сме сведоци, постојано се влошуваа и сега се на најдолно ниво. Погоре го спомнавме Путин во 2007 година во Минхен, кога некои неговата реч ја нарекоа „отворање нова студена војна“. Како одговор на акциите во Украина, Западот се заканува дека ќе ја претвори Русија во меѓународен отпадник, постојано ги блокира нејзините надворешни економски односи и се обидува да влијае на руското општество изолирајќи го од надворешниот свет. Демонстрира, покажува, со своите дејства како се казнуваат непослушните. А тоа пак кај некои држави, пред се’ поголеми, доведе до неприфаќање на западната кампања. Па така, Саудиска Арабија и Турција, на пример, сакаат да влезат во БРИКС. Како збир на земји кои водат суверена политика, политички се независни и се со економски потенцијал. „Учеството во БРИКС станува знак за припадност кон свет кој се формира надвор од воспоставената западна доминација. Не мора да станува збор за конфронтација“, вели Фјодор Лукјанов, главниот уредник на списанието „Русија во глобалната политика“.. И токму таквите и други земји се’ и ќе бидат цел на новата руска дипломатија. 

Според Димитриј Тренин, член на Советот за надворешна и одбранбена олитика, САД и нивните сојузници (руското МНР објави список на „непријателски држави), сега се противници на Русија. Запад ги кине врските со Русија, при што и со државата и со општеството во сите области. И тоа на долго време. „Западот нема да „разбере“, нема да „омекне“ и нема да биде „пољубезен“ кон Русија. За западните земји, Русија, наречена закана и прогласена за меѓународен отпадник, стана најважниот фактор во внатрешната консолидација околу САД и како таква е незаменлива во догледна иднина.

СТРАТЕШКИ СОЈУЗ МЕЃУ МОСКВА И ПЕКИНГ

„Во секој случај, враќањето на односите меѓу Руската Федерација и Западот кон минатото (било да е пред февруари 2022 година или пред февруари 2014 година итн.) дефинитивно е невозможно“, вели Тренин. Тој тврди дека двете спротивставени страни имаат најрешителни цели. За Западот предводен од САД главна цел не е само смена на политичкиот режим во Русија, туку и отстранување на Русија како крупна самостојна големина на светската сцена, а идеално би било да ја затворат неа со нејзините внатрешни конфликти и противречности. Главна цел на Русија, пак,  е да стане самоодржлива и независна од Западот во економски, финансиски и технолошки однос на голема држава, Еден од центрите и лидерите на новиот мултиполарен светски поредок кој се формира. Тие цели не оставаат место за стратешки компромис. Во сето ова Русија треба најмногу да смета на сопствените сили.

Ако треба Русија да се потпре на некој стратешки партнер, тоа секако се Кина и Индија, најголемите држави во Азија. САД не гледаат благонаклоно кон стратешкиот сојуз меѓу Москва и Пекинг. Американците внимателно ги следат потезите на Кина во поглед на евентуална воена поддршка. Од друга страна, пак, воведуваат некакви санкции кон неа, кои треба да го забават економскиот раст и напредок на Пекинг. Од друга страна, ним пак, не им е јасно како можат да го тргнат  Њу Делхи од долгогодишната прегратка со Москва. Што впрочем се потврди изминативе месеци кога во Индија одеа куп американски официјални лица да ги убедуваат Индијците да свртат нов лист во соработката со Русија, односно да ги поддржат западните санкции. 

Деновиве бевме сведоци на телефонски разговори меѓу министрите за одбрана на САД и Русија, Лојд Остин и Сергеј Шојгу, дури два пати за три дена. Шојгу зборуваше и со своите колеги од Британија, Франција и Турција. Претходно државниот секретар Ентони Бинкен во една изјава кажа дека кога треба тие разговараат со Русите. Поаѓајќи од својот интерес. Па така и тој зборувал со Лавров. Сето ова зборува дека и покрај тоа што нема многу простор за соработка на Русија со непријателските држави - вистинските противници на Русија, сепак, се води сметка за спречување на опасни воени инциденти со Вашингтон и земјите од НАТО. Ова го поддржуваат и руски експерти. НО тие сметат дека при решавањето на другите глобални проблеми, како што се климатските промени, борбата против епидемиите или зачувувањето на природата на Арктикот, акцентот ќе треба да се стави на националните програми и соработката со пријателските држави.

Што ќе донесе селењето на руската дипломатија од запад, кон исток и југ? Што ќе донесе дополнителното внимание кон земјите од тие региони, за кое зборуваше Лавров? Најважно ќе биде присуството во креирањето на новата безбедносна архитектура заедно со земјите – пријатели. Потоа можеби ќе се создаде Евроазија како економски простор во кој главен збор ќе има Кина, но под будно око на коректорот – Русија. Секако тука ќе бидат и Индија, Јапонија, Иран, Турција, Виетнам, Пакистан, арапски држави...На југот пак ќе се појави Нигерија и други африкански земји. А Латинска Америка ќе биде резервирана, пред се’, за Бразил, Аргентина и Мексико, а можеби и Венецуела. Европа? Таа, сите држави, уште долго ќе бидат под американска хегемонија. А Украина? Се чека САД да речат дека сакаат прекин на војната. Или пак на Бајден да му текне да направи нешто големо во предвечерието на изборите за Претставничкиот дом.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД