28 Март, 2024
0.0259

Русија: Пандемијата поопасна од падот на цените на нафтата

Објавено во: Колумни 20 Март, 2020

Добивај вести на Viber

Русите се најдоа во небрано. Две работи, секоја посебно, доведоа до криза во земјата од која кој знае кога ќе се опорави. Најнапред „кавгата“ со Саудиска Арабија и веројатно лошата проценка на Русија околу неа, доведоа до пад на нафтата на светските берзи. Вчера цената на руската нафта беше околу 19 долари за барел. Што е неспоредливо со цената од околу 40 долари кога почнаа првите знаци за забавување на светската економија од коронавирусот.

Токму тој, коронавирусот, е втората причина која несомнено ќе ги зголеми економските проблеми на Русија. Сега и официјално во Русија изјавуваат дека ситуацијата во економијата не оди како што треба. Загриженоста поради тоа се зголемува. И кај обичниот народ, но и кај официјалните лица. Првата последица од кризата е паѓањето на вредноста на рубљата. Некои со подолго памтење велат дека во 2008 година во време на економската криза доларот чинел околу 30 рубљи. Деновиве тој ја надмина вредноста од 80 рубљи.

Но една анкета на Центарот за стратешки подготовки покажа дека обичниот русин повеќе е загрижен од коронавирусот, отколку од паѓањето на рубљата. Секој втор испитаник (49 проценти) е обеспокоен од епидемијата на коронавирусот. Паѓањето на курсот на рубљата загрижува 24 проценти од испитаниците. Граѓаните се загрижени и од промените на уставот кои допрва треба да одат на референдум. Се разбира ако се одржи со оглед на ситуацијата со коронавирусот. Поништувањето на ограничувањето на претседателските мандати на Владимир Путин, предвидени со уставот, загрижува 11 проценти од испитаниците. А само три проценти од нив се загрижени од паѓањето на цената на нафтата. Иследувањето е спроведено во март, на примерок од 1600 испитаници низ цела Русија.

Поранешниот министер за финансии, а сега прв руски ревизор, Алексеј Кудрин, вели дека е сложено сега да се оценат последиците од кризата која претстои, а е без преседан и сеопфатна, и која е предизвикана од коронавирусот. Тој нагласува дека веќе сега е видно дека кризата ќе повлијае врз сите области од животот. Се воведува карантин, се ограничуваат дејностите на компаниите...Позагрижувачки е ставот на актуелниот министер за финансии, Антон Силуанов. Тој изјави дека коронавирусот влијае врз економијата посилно од паѓањето на цените на нафтата. Вирусот и паѓањето на цената на нафтата во моментов имаат силно влијание врз руската економија. Вирусот, според него, е посериозна компонента за економијата, бидејќи директно влијае врз цели стопански гранки.Некои економисти сметаат дека поради коронавирусот и мерките за борба со него практично ќе сопрат авиосообраќајот, туризмот, малиот бизнис...А народот е заинтересиран за основните предмети за живот и нив ги купува. Има и тврдења дека некои граѓани во сегашните услови купуваат и бела техника и телевизори. Веројатно падот на вредноста на рубљата ги поефтинува нив, ако се купуваат со заштедени долари или евра.

Коронавирусот и ценовната војна меѓу Саудиска Арабија и Русија си го направија своето. Евтина рубља, закана од раст на инфлацијата, нарушување на буџетот. Дефицит наместо суфицит како што се предвидуваше. Програмата за големи инвестиции во економијата и националните програми најверојатно ќе бидат одложени. Сето тоа ќе влијае и врз расположението на народот. Можен раст на незадоволството. Сигурно, доколку дојде до масовни отпуштања, намалување или неисплаќање на платите. Тоа ќе биде удар и врз авторитетот на претседателот Владимир Путин. Тој пак, се подготвува за референдум за усвојување на уставните промени. Референдумот е распишан за 22 април. Во намера да се одржи по секоја цена власта предвидува дури и гласање по домовите!. Но не е исклучено тој да биде и одложен. За подобри времиња во кои народот нема да биде незадоволен. Велат дека 22 април не бил случајно одбрана за ден на гласање. На тој ден е роден Владимир Илич Ленин. Има некаква симболика. Дотолку повеќе што Путин жали за распадот на Советскиот Сојуз. Згора на тоа уставните промени ќе беа и спроти одбележувањето на 75. годишнината од победата над фашизмот предвидено за 9 мај. Како што стојат работите коронавирусот може да ги одложи и овие две работи, кои му се многу значајни на Путин.

Некои аналитичари во Русија веќе се зафатија со анализа на состојбите и со укажувања што треба да се преземе за побезболно да се надминат последиците од вирусот и цената на нафтата. Зашто плановите на новата влада за влевање пари во економијата и населението, за да се стимулира раст, веќе се урнати уште пред да почнат.

Русија за разлика од други години, ја научи лекцијата од кризите кога паѓа цената на нафтата. Сите тврдеа дека таа е подготвена да се справи и со сегашната криза. Буџетот за оваа година беше планиран врз цена на нафтата од 42 долари за барел. Истовремено беа подготвени финансиски резерви за покривање на сите турбуленции со цената на нафтата. Но едно е да се подготвиш однапред за ценовни падови или скокови на нафтата, а сосема друго да излезеш на крај со последиците од корона вирусот. Кина е поучен пример. Сега гледаме дека криза ги зафаќа и САД и земјите од ЕУ. Се намалува производството, со тоа и понудата, а се намалува и побарувачката. Кина потроши стотици милијарди долари во борбата со коронавирусот и последиците од неа. САД се подготвуваат да потрошат за таа намена 1000 милијарди долари. Такви подготовки имаат и други држави. Се разбира ваквата помош ќе зависи и од тоа колку долго ќе трае епидемијата во секоја земја.

Русија сега ќе треба да го отпечати Фондот за национална благосостојба (ФНБ) за  делумно покривање на буџетскиот дефицит. Во него сега има 7840 милијарди рубљи. Нормално е дека ќе треба да се направи  ребаланс на буџетот според некоја цена на нафтата која би била пониска, но реално остварлива. Да се види колку ќе биде дефицитот, наместо очекуваниот суфицит. Министерот Силуанов предвидува дека тој би бил околу 3.000 милијарди рубљи. А очекуваниот суфицит беше 1.000 милијарди рубљи. Се разбира сите овие математики зависат од тоа како ќе се движи цената на нафтата. А парите од ФНБ тешко дека ќе одат на реализација на инвестиции и национални инфраструктурни и други проекти.

После ова ќе треба конкретно да се помага економијата која ќе настрада од коронавирусот. Велат дека во антикризниот план предвидени се 500 милијарди рубљи. Двесте од нив би оделе за даночни олеснувања на малиот бизнис. Авиопревозниците, туристичките компании и неколку стотици други компании би добиле 300 милијарди рубљи. Големината на помошта не е ограничена. Државната дума усвои закон со кој за  полнењето на „фондот за борба со епидемијата“ нема да биде потребно да се интервенира законски во буџетот. Овие мерки се предвидени да траат три месеци. А доколку кризата со епидемијата продолжи тогаш пак ќе се бара помош од ФНБ.

Во Русија во моментов, официјално до вчера имаше регистрирано 199 заразени од коронавирус. Ги има во 23 региони на земјата. Дванаесет случаи на заразени има во Москва. Сите заразени наводно биле во земји каде што веќе има епидемии од коронавирус. Вака малиот број заразени предизвикува сомнежи надвор од Русија, но и дома. Факт е дека Русија, која граничи со петнаесет држави, ја затвори границата со Кина. Но многумина руски државјани се вратија изминативе месеци од странство. Некои од нив се ставаат во самоизлоцаија. Во сите региони за Русија е воведен режим на зголемена готовност поради заканата од коронавирусот. Сите настани со многу народ се откажани, училиштата и факултетите од 23 март до 12 април ќе работат со обука на растојание. Во Москва таков режим беше воведен на 5 март. Деновиве се спомена дека московските власти подготвуваат објава на карантин, но тоа беше демантирано од властите.

Но истовремено има руски политиколози кои се сомневаат во официјалната статистика. Па така Валериј Соловеј во интерву за „Московско ехо“, изјави дека „Количеството на инфицираните од коронавирус во Русија може да достига од 130 до 180 илјади луѓе, а од средината на јануари досега се умрени 1.600. Податоците наводно ги добил од чиновници кои „не ја изгубиле свеста“. Со ваква динамика за десет дена во Русија би имало 1,5 до два милиони заразени, смета тој. Соловеј додава дека докторите најчесто место коронавирус дијагностицираат „обична пневмонија“. А за старите умрени лица пишуваат дека умреле од некоја од хроничните болести од кои пателе. Има експерти кои тврдат дека во Русија ќе се воведе вонредна состојба. Која е вистината  ќе покажат наредните денови, иако некои лекари  зборуваат за мал број заразени, но за голема опасност од ширење на епидемијата. Еден дури предлага затворање на Москва.

Кина како да излегува од шокот со коронавирусот.  Таму самоизолацијата не е укината, но полека почнува обновата. Другите држави, меѓу кои и Русија, допрва ќе го минуваат кинескиот пат. Со оглед на големиот број стопански гранки и компании кои ќе настрадаат од коронавирусот Владата во Русија ќе биде на мака да се определи кому ќе му помага. Услужните дејности ќе настрадаат најмногу. Кооперантите на големите фабрики не помалку. Повеќе јаснотија во се’ може да внесе Централната банка. За каква политика ќе се определи? Дали ќе овозможи поефтини кредити? Или пак ќе ги поскапи или ќе ги остави на сегашното ниво.

Коронавирусот доведе до затворање на граници, до откажани летови, до прекината испорака на резервни делови. Укинати филмски фестивали и саеми, откажани туристички патувања, откажани национални првенства во сите видови спортови. Еден руски експерт вели дека „вирусот како да ја исполнува програмата на Доналд Трамп, на Марин Ле Пен, на Путин и на приврзаниците на Брегзит за деглобализација. Од вирусот секој се заразува. Националното го победува интернационалното, а природата цивилизацијата“. Останува да видиме кој и дали ќе може да се спротивстави на ваквиот развој на настаните.


Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?