19 Март, 2024
0.0245

Русија се обидува да стави ред во војската

Објавено во: Колумни 16 Јануари, 2023

Добивај вести на Viber

На 11 јануари за командант на обединетата група руски војски во Украина беше назначен началникот на генералштабот на Вооружените сили на Русија, Валериј Герасимов. За негови заменици се назначени генералот Сергеј Суровикин, главниот командант на копнените сили генералот Олег Саљуков и заменикот на началникот на Генералниот штаб Алексеј Ким. Официјално, подигањето на нивото на раководството во „специјалната операција“ е поврзано со потесното заедничко дејствување на разните видовите и родови војска. 

Ова треба да биде последниот чекор во ставањето ред во војската и ставање крај, можеби е претерано, на „башибозукот“.  Направените промени се случуваат на повеќе од еден месец пред годишнината од воената инвазија на Русија во Украина. Период доволен да се видат промашувањата и воените неуспеси на руската армија и покрај постојните уверувања од страна на Путин „ дека се оди според планираното“. Тој и вчера изјави дека „Се’ се развива во рамките на планот на Министерството за одбрана и на Генералниот штаб. Се надевам дека нашите борци не само уште еднаш ќе не израдуваат со резултатите од воената работа“. Веројатно она „не само уште еднаш“ се однесуваше на ослободувањето на гратчето Соледар. 

Најновите кадровски промени во руската армија предизвикаа пошироко внимание, па можеше да се сретне дека на Герасимов “му даваат чаша со отров“ или, пак, му прават „мечкина услуга“. Го ставаат на „електрична столица“. Или, пак, дека кариерата на Герасимов „виси на влакно“. Можеби таквите фрази се точни, но да помине речиси една година, па да му се дава некому „чаша со отров“, кој во најлош случај ќе треба да го испие, или пак да биде убиен од мечката е малку задоцнета работа. А што се однесува за кариерата, не напразно е речено дека секој генерал мечтае за војна, макар и мала. Па, еве, Герасимов има пред себе голема војна и шанса да си ја оствари мечтата, а со тоа и да си ја потврди кариерата. 

СИГНАЛ ЗА КАДИРОВ И ПРИГОЖИН

Како и да е, промените се направени најмногу поради заглавената воена кампања и критиките поради тоа. Но најверојатно и поради новата руска офанзива за која наголемо се зборува. Украинскиот началник на Генералштабот, Валериј Залужњи, изјави дека е 100 проценти убеден во таков чекор на Русија. Инаку, критики доаѓаа особено за армијата. Бидејќи таа е носителот на главните борби во Украина.  А главни во армијата се министерот за одбрана Сергеј Шојгу, миленик на претседателот Владимир Путин, и Герасимов. Нападите врз Герасимв доаѓаа од радикалните Евгениј Пригожин, првиот човек на прибатната воена компанија „Вагнер“ и од чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, но и од воени-блогери. Демек началникот на штабот е мек, не стапнал на фронтот, дека поддржува генерали коишто не го заслужиле тоа. Ама притоа не го напаѓаат Путин, како врховен командант, ниту министерот Шојгу. Генералот Александар Лапин, на пример, кој беше командант на групата „Центар“, исто беше напаѓан. Него Пригожин и Кадиров  го обвинуваа за поразот од украинските сили и повлекувањето од Харковската област. Тој беше сменет, а Пригожин и Кадиров го нарекуваа „медиокритет“, иако неговите потчинети го фалеа дека не дозволил да гинат војници. Патем, генералот Лапин пред некој ден беше назначен за началник на Главниот штаб на копнените сили!!

Интересно е што „генералот Армагедон“, како што го нарекуваа Сергеј Суровикин, кога го поставија за главен на воената операција во Украина, беше поддржуван од Пригожин и Кадиров. И некои радикални сили во Русија. Тие ги поддржуваа потезите на Суровикин за бомбардирање на украинската инфраструктура, за повлекувањето од Херсон без многу човечки жртви, иако беше загубен градот кој беше единствен освоен од Русите во воената кампања, а е седиште на областа. Критичарите како да забораваат дека зад операциите на армијата не стои Суровикин и дека тој не може ништо да направи на своја рака, без консултации со Герасимов. Во полза на ова зборуваат и некои воени  експерти, кои гледаат практична полза од назначувањето на Герасимов за командант на силите во Украина. „Тоа може да го забрза процесот на носење воени решенија, бидејќи Суровикин директно не можеше да дава наредби на флотата или на авијацијата и мораше тоа да го прави преку Герасимов“, вели за „Блумберг“, генералот Евгениј Бужински, потпретседател на Рускиот совет за меѓународни работи. „Сега решенијата ќе ги носи самиот Герасимов“, вели тој. За него назначувањето на Герасимов е сигнал за луѓето како Кадиров и Пригожин  „да си знаат каде им е местото“. Тие се почитувани, имаат голема улога, но не треба да решаваат како да се води операција, смета Бужински. 

ПОРАКА ДО „БАШИБОЗУКОТ“

Сите овие промени зборуваат дека Путин свесно им ги „потсече“ крилата на радикалните критичари во Русија, кога е во прашање војната во Украина. Тие имаат свои успеси и свој влог во војната, но ќе мора да се прилагодат на реалноста. Кадиров неодамна изјави дека оди „на одмор“ и исчезна од јавноста. Но Пригожин, таканаречениот „кувар на Путин“, се’ уште бранува. Тој се налутил околу битката за Соледар, зашто не ги споменале силите на „Вагнер“, како главни во заземањето на гратчето. Па почна да дава изјави за  нивно омаловажување и слично. Па руското Министерство за одбрана во соопштението ги спомна тие сили. Но доколку навистина Русите подготвуваат нова офанзива, тогаш главни ќе бидат армијата, флотата и авијацијата. А „Вагнер“ само дел од неа и тоа по наредба на Герасимов и неговите заменици. 

Промените на генералите, иако ги спроведе Сергеј Шојгу, можат да се сметаат и како порака од Путин до лидерите на „башибозукот“. Зашто во Русија веќе почна да се зборува за политички амбиции на Пригожин, па дури и за наследник за Путин во случај на негова смрт или повлекување. А, богами, со „армија“ од триесетина илјади вооружени лица можат да се направат многу непријатности за власта. Исто и Кадиров. Кој гарантира негова лојалност кон државата, како што сега е лојален „до гроб“ на Путин? Но во Украина се зборува дека во Русија се формираат и нови приватни воени компании. Па дури дека нивни сопственици или мподдржувачи се генерали и олигарси. Се споменува некоја „Лига“, па „Патриот“...И дека меѓу нив почнуваат натпревари кои ќе бидат поуспешни. 

Кој е Валериј Герасимов? Тој има 67 години, од кои последните 10 е началник на Генералниот Штаб на Вооружените сили на Руската Федерација. Првото воено образование го добил во Казањ, каде што е роден, во Казњското високо тенковско командно училиште. Потоа завршил неколку воени академии. Во  на време на СССР служел во Полска, во Балтикот, а по 1991 година се вратил во Мосокскиот воен округ. Се до назначувањето во Генерал штабот служел во Петербург, на Кавказот, во Втората чеченска војна. Станува генреал на армија, а од 2016 година е Херој на Руската Федерација. 

„ДОКТРИНАТА НА ГЕРАСИМОВ“

Герасимов е автор на доктрината на хибридните војни. Во предвечерието на настаните во Украина во 2014 година тој на Западот стана познат како автор на „Доктрината на Герасимов“. Нејзините основи се формулирани во неговиот настап Академијата за воени науки во 2013 година со тема – Хибридна војна. Неговото излагање подоцна беше публикувано со наслов „Вредноста на науката во предвидувањата“. Подоцна истиот текст се појави на Запад во Military Review и со тоа им даде можност на западните аналитичари да го следат остварувањето на хибридната стратегија на Русија во живот, а пред се во Украина. 

Во тој текст и во други, Герасимов тврди дека „сосема успешна држава за неколку месеци и денови може да се претвори во арена на жестока вооружена борба“.  Тој докажува дека битно се променети „правилата на војната“, а силата на оружјето сега ја надминуваат „невоени начини за достигнување на политички и стратешки цели“. Меѓу тие начини се пропагандата, и поткопувачката дејност, мерки за економски и политички притисок, формирање „опозиција“ лојална на Русија, а исто така и “смена на политичкото раководство на земјата, која е спротивставена на Русија“. Како пример за спроведувањето на „Доктрината на Герасимов“ се смета влегувањето на руската армија во Крим со „зелени човечиња“ во 2014 година. Битна е и улогата на Герасимов во Сирија. 

Очигледно „Доктрината на Герасимов“ не вроди со плод лани во Украина. Иако тој со сигурност учествувал во планот за руската инвазија. Сега некои аналитичари пишуваат дека „назначувањето на Герасимов се случува во најважен момент. Сега е време да се потврди старото правило. Како што е познато, Русија „традиционално лошо ги почнува војните“. На почеток сите проблеми испливуваат на површина(логистика, технологија, командните синџири...)“. Овде би додал и корупцијата во руската армија. На Русија очигледно и беше потребна една година тие проблеми да се откријат. Аналитичарите го нарекуваат тоа „период на испитување“, слично како кај автомобилите пред да се пуштат на пазар. 

РУСИЈА ЛОШО ГИ ПОЧНУВА ВОЈНИТЕ

Неколку редови околу „Русија традиционално лошо ги почнува војните“. Турски „Сабах“ набројал пет такви случаи. Првиот е од 1812 со влегувањето на Наполеон во Русија. Заклучокот, според весникот е „Обидот на Наполеон за окупација им нанесе на Русите сериозна повреда. Француската култура, која се сметаше за колепка на цивилизацијата беше дискредитирана. Во домовите на руските аристократи почнаа наместо француски да зборуваат руски. Инвазијата го поттикна рускиот национализам. Се’ што се однесуваше кон Западот ја загуби својата вредност. Во сознанието на Русија „универзалниот и просветен Запад“ оттогаш стана симбол на алчна, милитаристичка, окупациона, колонијална природа. Вториот напад е по Болшевичката револуција, кога САД, Британија, Франција и Германија со помош на Белогардејците се бореле против Црвената армија со цел да ја угушат револуцијата. Во 1992 година болшевиците го победиле белиот терор и воспоставиле власт врз целата земја. Потоа Русија се зафатила со интернационалистичка политика, создавање на Комунистичка интернационала,  и од претходниот бран на национализам преминала кон стадиум на социјализам. 

Трет ударен бран, според весникот е нападот од Хитлер во 1941 година. СССР, со победата над фашизмот стана светска супер сила. Четвртиот удар , според авторот е по распадот на СССР  на 25 декември 1991 година. Студената војна заврши, а напад од Западот нема. Но од 1985 година, времето на Михаил Горбачов, до 2000 година Русија живее под линијата на сиромаштвото. Природните ресурси се разграбени и во голем дел дадени на Запад. 

Весникот го цитира економистот Џефри Сакс. „Јас бев советник, како во Полска така и во СССР во последната година од управувањето на Горбачов и во 1992 и 1993 година во Русија. Мојот совет беше Западот да помогне да се надмине финансиската криза, која се разви со распадот на СССР. Меѓутоа САД ја спасија Полска од кризата, а за Русија не мрднаа со прст. Сите мои предлози беа одбиени. Причина за тоа  беше геополитичкиот напад и геополитиките цели на САД. Тие денови беа времето на Дик Чејни, Пол Волфовиц и Доналд Рамсфелд. Нивна цел беше во целост да се разурне Русија и да се оствари проектот “Нов американски век“..“ Во текот на тој процес Русија е воено опкружена. И покрај ветувањата НАТО се проширува на исток. По 2001 година почнуваат обоени револуции во Грузија, Украина, Киргизија. Путин во Минхен 2007 година го постави првиот ултиматум во врска со ширењето на НАТО. А во 2008 година и воено интервенираше во Грузија.

Последниот,  петти ударен бран, според „Сабах“ е уривањето од страна на САД и ЕУ, на прорускиот лидер на Украина во 2014 година. Како одговор на обидот Украина да се приклучи кон НАТО и ЕУ, Русија го присоедини Крим. А со почетокот на конфронтацијата со САД во Украина во 2022 година се наруши глобалното статус-кво. Со еден збор, после секој обид за интервенција од страна на Западот Русија дејствуваше со нов геополитички идентитет и стануваше уште посилна. 

„БИТКА НАД БИТКИТЕ“

Што може сега да направи Русија? Се’ ќе зависи од американскиот одговор на украинските барања за оружје. Гледаме дека веќе се подготвуваат тешки тенкови, нови системи за против ракетна одбрана, радари, се споменуваат авиони, се обучуваат украински војници на Запад...Може да се претпостави дека и Украина се подготвува за нова офанзива против Русија и ослободување на земјата на границите од 1991 година. Украина може да смета на зголемување на испораките на тешко оружје од западните земји наскоро. Ова го изјави генсекот на НАТО, Јенс Столтенберг, во интервју за  Handelsblatt. Идната недела на базата Рамштајн во Германија ќе се одржи состанок на Контактната група за одбрана на Украина. „Неодамнешните ветувања за испорака на тешка воена техника с е важни и јас очекувам повеќе во блиска иднина“, изјави Столтенберг, додавајќи, „ние се наоѓаме во решавачка фаза на војната, па затоа е важно да и дадеме оружје на Украина неопходно за победа“.

Игор Коротченко, руски воен експерт, смета дека назначувањето на Герасимов е засновано токму врз ветувањата од Западот за испорака на тешко оружје. Оттука и рускиот одговор би бил соодветен со најопасно оружје. Во една негова изјава тој вели дека: „Назначувањето на Герасимов значи дека сите средства за уништување во арсеналот на Вооружените сили на Русија, без исклучок, можат да бидат искористени“. Тој не ги набројува видовите оужје, но сигурно се подразбира и нуклеарно оружје. Герасимов, инаку е главен преговарач со неговиот американски колега Марк Мили, со цел да се одбегнат некои несакани дејства. И да не дојде до војна меѓу САД и Русија. Но како што тргнале работиве се’ води натаму. И сигурно ќе бидеме сведоци на „Битка над битките“. 

Наспроти Коротченко, Марк Галеоти од Кралскиот институт за одбранбени истражувања од Лондон, смета дека назначувањето на Герасимов значи дека Путин одново има нереални очекувања. Дара Масикот, постар соработник во Rand Corporation смета дека со промените на генералите, има се:„ кавги, борба за власт, завист“.  Таа смета дека за стратешките промашувања се одговорни Шојгу и Герасимов, а не Суровикин, се разбира доколку не ги направил.

За експертите од Институтот за изучување на војната (ISW) има две причини за смената на Суровикин и назначувањето на Герасимов на негово место. Прво е подобрување на оперативното управување пред решителните воени дејства годинава, а второ, станува збор за политички чекор за зацврстување на позициите на Министерството за одбрана пред воени блогери и Пригожин, кои се најголеми критичари на војската, како ја реализира операцијата во Украина. За Financial Times, човек близок кон руското Министерство за одбрана рекол дека во Кремљ едноставно „ги мешаат картите, затоа што се во ќорсокак и немаат претстава што треба да се прави“. И дека сите се стари под 70 години, кои не знаат како се води современа војна. 

Можеби да е така,  но очигледно е дека Путин решил сите карти да им ги даде на воените лица. Тие да решаваат како ќе војуваат, како ќе се справуваат со „башибозукот“. И секако одговорноста ќе биде врз нив. Овде ми паѓа на памет една мисла од творецот на современа Кина, Денг Ксијаопинг. Тој велеше дека „: Не е важно дали мачката е црна или бела, туку важно е да ги лови глувците“. Се чини такво време дојде и во Русија.   

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?