19 Март, 2024
0.0250

Рускиот тандем се распадна

Објавено во: Колумни 17 Јануари, 2020

Добивај вести на Viber

Во средата што измина од Москва дојдоа интересни вести. Претседателот на Русија Владимир Путин во обраќањето до Федералното собрание искажа работи кои за едни беа „револуција“, а за други „преврат“. Тој предложи промени во Уставот на земјата кои некои ги толкуваат токму со тие именки. Само два до три часа подоцна дојде уште една вест. Тандемот Путин-Медведев пука. Владата предводена од премиерот Димитриј Медведев поднесе оставка, иако велат дека во документ стои дека Путин ја распуштил. Сеедно, после речиси дваесетина години заедничко владеење со Русија „политичкиот тандем“ се распаѓа. Истиот ден Путин до Државната дума го поднесе предлогот Михаил Мишустин да биде избран за премиер. Дотогаш Мишустин беше прв човек на Федералната даночна служба.

За некои набљудувачи станува збор за добра вест од Русија, но не сите го делат тој став. Демек, Путин со предлозите и потезите ја признава погрешноста на својата политика. Но не ќе да е така. Како секој авторитарен лидер, така и Путин не сака да признае дека згрешил. Грешките ги прават други. Во случајов премиерот Медведев, иако Путин во своето излагање пред Федералното собрание ја пофали работата на владата. За само три часа подоцна да ја распушти. Од што работела добро. Рејтингот на Путин паѓаше, незадоволството кај народот растеше. Бројот на сиромашните нагло се зголемуваше. Пари се трошеа за националните проекти, а тие никако да тргнат како што треба. Пред некој месец имаше изјава од претставници на власта, подобро да не се даваат пари за тие проекти, затоа што се разграбуваат, а нема никакви ефекти. Станува збор за проекти вредни трилиони рубљи.

 Путин веднаш по оставката на Медведев соопшти дека тој ќе биде негов заменик во Советот за безбедност. Специјално ќе воведе функција потпретседател на Советот за безбедност. На ова место Медведев ќе одел заради тоа што во владата долго време се занимавал со одбранбени и безбедносни прашања! Како и да е на бившиот премиер му го оставија досегашното обезбедување и резиденцијата. Инаку, бидејќи сето ова, и обраќањето на Путин и зедничкото обраќање со Медведев за владата одеше во живо, мора да се каже впечатокот дека  за Медведев потезите на Путин беа вознемирувачки. Што можеше да се прочита од неговото лице. А членовите на владата не ни знаеле воопшто дека таа ќе биде распуштена.

Поранешниот прв човек на владата на Русија, Медведев, имаше своевремено „конфликот“ со претседателот на Државната дума Вјачеслав Володин. Токму околу потребите за промени во Уставот. Медведев се противеше на тоа, а според некои податоци бил заговорник во Русија да дојде до спојување на претседателската и извршната власт. Исто како што е во САД. Но Путин очигледно се откажа од создавањето на таква власт и се определи за претседателско-парламентарна република со нови овластувања за законодавната власт. Она за што се залагал Володин.

Потегот на Путин со Уставот не е ништо неочекувано. Уште пред две до три години во Русија се зборува за наследник на Путин. Во 2018 се тврдеше дека кон крајот на таа година Путин ќе иницира уставна реформа, која ќе му овозможи да создаде нов модел на руската власт. Во меѓувреме претседателот на Уставниот суд, Валериј Зоркин, излезе со текст во кој предлагаше отстранување на некои недостатоци на Уставот, во смисла на поделбата на власта, па за потребата од ставање во уставот на социјалната справедливост, па за потребата од нагласување дека националните интереси се над „експанзијата на наднационално регулирање. Овде тој ги имаше предвид одлуките на ЕСЧП. Од Кремљ тогаш изјавија дека Зоркин зборува во свое име. И дека во претседателовата администрација не се работи на измени на уставот. За некои, пак, ова беше пробен балон за да се види дали и како треба да се спроведе транзицијата на власта по завршувањето на мандатот на Путин во 2024 година.

Главен играч во сето ова е претседателот на Државната дума, Вјачеслав Володин, кој своевремено има изјавено: „Има Путин-има Русија. Нема Путин-нема Русија“. Го сметаат за главен актер на уставните промени кои ги соопшти Путин. Неговото лице, за разлика од она на Медведев, блескаше кога претседателот зборуваше за уставните промени, а Володин цело време одобрувачки климаше со главата. Со измените во уставот расте неговата улога во државата. Сега тој ќе го назначува премиерот, за разлика од досега кога тоа го правеше претседателот, а во Думата само се расправаше за него. Со она што го најави Путин парламентот добива некои овластувања од претседателот, но сепак главниот збор останува кај него. Русија останува претседателско-парламентарна држава. Или помалку претседателска, отколку што беше досега. Интересна е позицијата на Путин за ставање во уставот на Државниот совет. Институција која досега како да не постоеше. Не играше важна улога. Во неа членуваат губернаторите. Путин сега на оваа институција сака да и даде уставни надлежности. Што и како не се знае. Но веќе е формирано тело кое ќе работи на промените. Неофицијално тие ќе се утврдуваат март и април, а на почетокот на мај би се одело на сенародно изјаснување. Не е референдум. Зашто во Русија одлуките на референдумот се обврзувачки. А Путин во обраќањето до Федералното собрание зборуваше токму за сенародно изјаснување! Дали се плаши од референдум?

Многумина сметаат дека на овој начин, со мали промени во Уставот се прави подготовка за преносот на власта во 2024 година. Ако не и порано! Путин ќе каже дека го почитувал Уставот, дека веќе нема намера да се кандидира за претседател, но и ќе сака да замине на позиција која ќе му овозможи контрола врз власта. Тој во 2024 година ќе има 72 година. Гледаме во САД сега за претседатели ќе се борат луѓе кои се далеку над 70 години. Така што прашањето каде ќе оди Путин по 2024 година и не би требало да се поставува. Останува во власта. На еден или друг начин.

Засега може да се нагаѓа каде ќе оди Путин. Дали во уставно поткрепениот Државен совет, дали во Советот за безбедност на Русија, дали да биде претседател на сегашната владеачка партија која доминира во Думата.? Овде може да се направи паралела со Денг Сјиаопин, втемелувачот на современа Кина. Тој долги години беше претседател на Централната воена комисија. А потоа, по 1989 година вршеше контрола и од позиција на претседател на Асоцијацијата на бриџ на Кина. Тој бил страстен играч на карти. Некои сметаат дека Путин би можел како поранешниот претседател на Казахстан, Нурсултан Назарбаев,  да замине на нова позиција, која беше за него измислена и му дава можност за надзор врз работата на казахстанската власт. Трети го посочуваат примерот на Сингапурскиот диктатор Ли Кван Ју.

Се е ова добро и убаво, ако нема една маана. Како секој политичар по толку години на власт, така и Путин е сраснат со неа. И тешко би се одвоил. Згора на тоа тој живее и работи според „мотото“ – „Слабих бијут“(Слабите ги тепаат). И тој не може да си дозволи да биде „слаб“ по заминувањето од власта. За да не биде тепан. А од друга страна не сака, како Борис Елцин, да добие посебен закон во кој ќе му се гарантира дека „Владимир Путин и неговото семејство ќе бидат неприкосновени“.  И тука е загатката за неговиот наследник. Медведев очигледно  тоа нема да биде. Дали може да биде новиот премиер Михаил Мишустин?

Новиот премиер е роден московјанин. Инженер, доктор на економски науки. Во слободно време свири клавир и компонира, а неизбежно учествува и во Ноќната хокеарска лига во која има и политичари, а каде што еден од играчите е и Путин. Во раководството е на клубот ЦСКА. Во кариерата е доста успешен. Уште пред да биде чиновник се занимавал со компјутерски технологии. Бил прв човек на катастарот, а потоа станува и прв човек на Федералната даночна служба. Велат дека во негово време практично е исчезнат криминалот со повратот на данокот. Направил рационализација на даночната служба благодарение на дигитализацијата. И покрај зголемените даноци, тој секоја година го натфрла собирањето на даноци во споредба со претходната година. Кога дошол во Федералната даночна служба, во 2010 година, се собирале околу 6-7 трилиони рубљи. Во 2018 веќе се собрале над 20 трилиони рубљи. Бизнисмените и покрај тоа што ги „соголува“ тврдат дека никогаш немало таков ред во службата со даноци. Го нема во криминалните хроники.  Згора на тоа не произлегува од „шинелите“ на т.н. „силовики“. Ниту од војската, ниту од полицијата, ниту од специјалните служби, како што е сега со многумина блиски соработници на Путин. Овој е цивил.

Дали Путин може да се плаши од ваков човек? Во првите изјави Мишустин се заложи за реформа во управата, за дигитализација на економијата, создавање регистар во кој ќе се најде секој граѓанин, против национализацијата, за поддршка на реализацијата на националните проекти, за симнување на бариерите за бизнисот...Нема ни „П“ од политика. Само економија. Веројатно Путин затоа и го стави за премиер. Некои деновиве во Русија забележа дека „На Путин му треба некој кој е доволно силен за да управува со државата, но не толку за да го поткопа неговото наследство“.

Знаејќи како Путин стана претседател, како изваден од шеширот на „магионичарот“ Борис Елцин,  не е чудо и Мишустин да стане наследник на Путин. Па дури и пред 2024 година. Некои работи ќе зависат и од судбината на уставната реформа годинава. Путин и Мишустин имаат и некои заеднички работи. И двајцата до доаѓањето на висока функција беа во сенка, иако имаа високи функции. Путин директор на Федералната служба за безбедност, а потоа и премиер. Мишустин – главен даночник. Дури и противници на Путин, како некогашниот негов економски советник Андреј Иларионов, тврдат дека многу добро се справува со економијата. Исто и Мишустин. А за одговор на прашањето зошто Путин го одбрал Мишустин ќе чекаме нечија стенограма од странство. Како што беше тоа со објавените документи од разговорите на Бил Клинтон и Борис Елцин, во кои овој на својот американски колега му објаснува зошто го одбрал баш Путин за негов наследник.

Се разбира сето ова се претпоставки. Никој не знае што се има во главата на Путин. И како ќе се развиваат работите во Русија наредниве години. Сето тоа може да поремети нечии планови. Сега го споменуваат Мишустин, но никој не го споменува Вјачеслав Володин. Човекот кој е доследен во служењето на Путин веќе со години. Но и човек со амбиции за успеси. Зошто и тој да нема амбиција да биде наследник на Путин.


Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?