23 Април, 2024
0.0273

САД го гледаат Иран, а Русија и Турција Либија

Објавено во: Колумни 10 Јануари, 2020

Добивај вести на Viber

Облаците доаѓаат и си одат, но небото останува. Така вели една казахстанска поговорка. Така е и со бурите. Но не и со воените. Облаците надвиснати над Блискиот Исток заминуваат и доаѓаат, но никој како да не ја забележува можната бура над медитеранскиот брег на Северна Африка. Убиството од страна на САД на влијателниот ирански генерал Касем Сулејман, командант на специјалните сили на Иран, „Ал Кудс“ и меѓусебните воени напади меѓу САД и Иран и го одвлекоа вниманието на меѓународната јавност од Либија. Од можната ескалација на судирите во таа земја, која се наоѓа само на неколку стотици километри од Иран.

Блискиот Исток веќе е во оган. Конфликтот во Сирија не е завршен, а не се знае и кога ќе заврши. Во Ирак допрва ќе дојде до внатрешни превривања. Иран е под будното око на САД. На југот на Арапскиот полуостров, Јемен е во внатрешен судир. Од другата страна на Аденскиот залив е Сомалија, која е исто така опфатена со војна со повремени напади врз Кенија.  Тука некаде е и Судан, а понаисток почнуваат државите во кои исто така се водат борби. Чад, Нигерија, Мали... Нестабилен е и југот на Алжир. Во ваква ситуација најмалку потребна е ескалација на судирите во Либија во чија позадина се токму погоре споменатите држави.

Нападите меѓу САД и Иран се случија  токму во моментите кога рускиот претседател Владимир Путин беше во Сирија и се сретна со претседателот Башар ел Асад, како да сакаше да каже – видете кој е главен на теренот. А другиот ден кај Реџеп Таип Ердоган во Турција. Од Истанбул дојде веста дека двете држави издадоа заедничко соопштение во кое тие велат дека го поддржуваат Берлинскиот процес нацелен на создавање на благопријатна атмосфера за обновување на политичкиот процес во содејство на ОН, а со учество на Либијците и соседните држави. Русија и Турција, повикувајќи се на постојни резолуции на ОН истапија со инцијатива и како посредници ги повикаа сите страни во Либија да ги прекинат воените дејства од сабота, утре, на полноќ. Прекинот треба да биде траен, поддржан со неопходни мерки за стабилизација на ситуацијата во целата земја и веднаш да почнат преговори со цел да се стави крај на страдањата на Либијците. Русија и Турција, се уверени дека Либијците можат независно да донесат  решенија за својата татковина водени од интересите на сите граѓани. Уште да бидат послушани од спротивставените сили во Либија.

Дали се повторува Сирија? На прв поглед работите личат така. Русите, Турците и Иранците и во мал дел Американците ја поделија Сирија на сфери на влијание. Процесот од Астана, поведен за решавање на состојбите во Сирија, полека и тешко дава плодови. Од него се задоволни и трите земји. Ако не беа тој  досега ќе се распаднеше. Во меѓувреме односите меѓу Русија и Турција се повеќе се продлабочуваат. Се отиде до таму што се соработува не само во енергетиката, гасоводот „Турски поток“ и атомската централа „Акуја“, туку и во воено-техничката област. Турција купи систем С-400, а договорена и друга соработка. Наспроти ова, иако ставовите на Турција и САД за Сирија се поблиски, нивните односи стануваа се понапнати.

На Запад веќе некое време ја обвинуваат Русија дека зазела страна во меѓу либискиот конфликт. Од една страна таму е Либиската национална армија предводена од фелдмаршалот Халифа Хафтар, наводно поддржан од Русите , а од друга силите на меѓународно признатата Влада на национална согласност на чие чело е Фаез Фараџ со седиште во Триполи. И секој кој не е мрзлив сега сака да има свое влијание во Либија. Русите се обвинети дека имаат пратено во Либија неколку стотини припадници на приватни воени компании. Што значи дека формално не го нарушуваат ембаргото од ОН. Турскиот парламент, пак, деновиве даде одобрение за испраќање на турски трупи во Либија „на барање на легитимната влада“. Исто како што Русија испрати сили во Сирија во 2015 година.

Токму испраќањето на турски трупи во Либија и настаните околу Иран и Ирак како да се повод за Русија активно и официјално да се вклучи во потрагата по мир во Либија. Секако потрага водена од нејзините интереси. А интересите во Либија се нафта, нафта, нафта. Путин и Ердоган и овој пат, тоа се потврди со заедничкото соопштение, најдоа заеднички јазик. А само десетина дена претходно Ердоган ја нападна Русија за припадниците на приватните воени компании во Либија. Демек, ако може Русија да има свои луѓе, зошто и ние да не пратиме војска, згора на се’, побарана од официјалната либиска власт. А  Русите турскиот потег го примија доста спокојно. Демек, секој обид за мир во Либија е добродојден. Сега со оглед на ситуација со Иран, неговата улога од Сирија може да ја одигра некоја од соседните земји на Либија. Египет го поддржува Хафтар, а Алжир Сараџ. Русите имаат добри односи речиси со сите. И со Турција, и со Египет и со Алжир. Официјално ги поддржуваат и Хафтар и Сараџ. И обајцата беа во посета на Русија.

Каде е Европа во сето ова? Во соопштението на Путин и Ердоган се дава поддршка на Берлинскиот процес. Станува збор за напорите на Германија да се обнови дијалогот меѓу спротивставените сили во Либија. Национална конференција на која ќе се соберат спротивставените страни под патронат на ОН. Еден вид мировна конференција. Берлин верува дека ако насилството ескалира понатаму и се шири преку Триполи и околината, последиците ќе влијаат не само врз Либија, туку и на нејзините соседи во Африка, а и Европа. Неодамна германската канцеларка Ангела Меркел рече дека ситуацијата во северно африканската земја ризикува да ја дестабилизира целата Африка. Германија сака да биде вклучена во секој потенцијален мировен процес во Либија во овој момент затоа што Берлин е длабоко загрижен дека постојаното влошување на ситуацијата во земјата ќе доведе до поголем прилив на мигранти и бегалци во Европа. На времето кога Гадафи велеше дека тој е браната од мигранти во Европа, не сакаа да го слушаат и го убија. Па затоа сега на Германија нема да и биде лесно да се справи со намерата. Скоро девет години откако воздушните напади на британските и француските воени авиони помогнаа во соборувањето на починатиот либиски водач Муамер Гадафи, земјата е разбиена од конфликт меѓу владата поддржана од ОН во Триполи и воениот моќник Халифа Хафтар. Европејците околу политиката за Либија беа спречени од внатрешните поделби, особено помеѓу Италија - поранешната колонијална сила во Либија - и Франција. И двете имаат комерцијални интереси, вклучително и нафтата, постои и несогласување околу претходната поддршка на Париз за Хафтар. Овој и помагаше на Франција во борбата против тероризмот во регионот Сахел, на југот на Либија.

Во таква ситуација ќе и биде тешко на канцеларката Ангела Меркел да најде заеднички јазик. Од една страна разделена Либија, од друга разделена Европа, од трета обединети Русија и Турција, а треба да се зборува за единствената цел – враќање на дијалогот и мирот во Либија! Меркел вчера разговараше со Ердоган и за Либија. Утре ќе треба да биде во Москва на средба со Путин. На дневе ред, пред се' се Либија и Сирија. Не се исклучува и Иран. Путин кој во моментов со право може да се нарече добитник, барем краткорочен, од развојот на настаните на Блискиот Исток, сигурно ќе ги поддржи напорите на Меркел. На Русија и одговара што побрзо да се стабилизира ситуацијата во Либија. Од бизнис интерес. Впрочем, како и на сите други надвор од Либија. Конференцијата во Берлин ќе биде последна шанса за Европа да покаже и докаже дека има меѓународно влијание и дека може да се смета на неа. Зашто на Блискиот Исток на дипломатски план таа е катастрофа. Ако не се нејзините воени сили во Коалицијата предводена од САД, таа  како и да не постои.

Шанса за обновување на влијанието на Европа и даваат САД. Тие засега делуваат како да се надвор од целата игра околу Либија. Американците, за разлика од Русите, место да соработуваат со Турците, негативно реагираа на испраќањето турски војници во Либија. Американската амбасада во Триполи соопшти дека безбедносната ситуација во Либија се влошува со мешање од странство. А такво нешто,според амбасадата е и пристигнувањето на сириски борци поддржани од Турција, како и распоредувањето на руски платеници. Американците даваат поддршка на обновувањето на политичкиот дијалог во Либија со олеснување од страна на ОН.

Италијанскиот министер за европски работи Винченца Амендола во интервју за La Stampa, изјави дека отсуството на иницијатива од страна на Вашингтон и единствена Европа дозволи Русија и Турција да станат главни играчи за решавање на ситуацијата во Либија. Според Амендола, „вакумот во дипломатска иницијатива на Европа и САД оставија пространство за дејствување на Русија“. Во тој контекст Амендола додаде дека „ би било беспочвено да се мисли, како некои европски националисти, дека секоја држава од стариот континент би можела да ја одигра својата партија“. Амендола вели: „Недостатокот на заедничка европска агенда придонесе за поделба што доведе до вооружено соочување. Нашиот сигнал, имајќи ги предвид европските и турско-руските ставови во врска со прекинот на огнот, е да се вратиме на единствениот работен пат: сеопфатен политички дијалог за постигнување стабилизација на земјата, што не може да се одвои од нејзиното територијално единство “. Овие зборови само ја потврдуваат констатцијата за супериорноста на руската дипломатија во последниве години. Како што не беше единствена Европа во нападите врз Либија и соборувањето на Гадафи, така е и сега.

Зборовите на Амендола за отсуството на иницијатива од страна на Вашингтон да не ги чуе претседателот на САД, Доналд Трамп. Тој би се замешал во негов стил. Со американски војници би ги окупирал нафтените извори во Либија. Шегата настрана. Ама како што рече деновиве еден експерт, човекот што не знае да се воздржи, кој е непредвидлив и склон кон непромислени гестови, Трамп, и натаму е првиот американски претседател кој во последните 30 години не започнал нова војна, а веќе започнатите ги продолжува на негов оригинален начин. Да се надеваме дека така ќе остане до крајот на неговиот мандат. Зашто отворањето војна во голема мера ќе влијае врз неговиот реизбор за претседател.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок