28 Март, 2024
0.0250

САД и Русија единствени-договорот во историја

Објавено во: Колумни 02 Август, 2019

Добивај вести на Viber

Договорот за ракетите од среден и краток дострел денес треба да замине во историјата. Договорот беше потпишан во средината на деветтата декада од минатиот век од страна на двајцата лидери на тогаш моќните САД и СССР, РоналдРеган и Михаил Горбачов.

Нема многу да се погреши ако се каже дека прекинот на важноста на договорот е на задоволство на САД и на главниот наследник на СССР – Русија. Договорот се распаѓаше долго време. Незадоволство имаше на двете страни. Повеќе незадоволни беа Русите. Од нејзини претставници тој беше нарекуван дека е реликвија од „Студената војна“. И дека е поштетен за Русија отколку за САД. Исто така дека Американците џабе го поткопуваат, затоа што ќе има последици за обата учесници во него, но и пошироко.

Од Русија веќе најавија денес да очекуваме соодветна изјава, затоа што станува збор за „историски момент, на жалост, со негативна конотација. Така или поинаку утрешниот ден, за жал, ќе влезе во историја“, рече на вчерашниот брифинг во руското МНР, портпаролката Марија Захарова. Истовремено заменикот министер за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, изјави дека Русија истапила со предлог кон американските власти и кон претставниците на НАТО за воведување на мораториум на разместување на ракети од среден и краток дострел. Аналогно на предлогот на рускиот претседател Владимир Путин, даден во февруари годинава, кога го најави излегувањето на Русија од договорот, како одговор на претходниот американски потег за напуштање на договорот. Тогаш Путин нагласи дека Русија нема да разместува ракети од среден и краток дострел ниту во еден регион од светот се додека тоа не почнат да го прават Американците. „Поаѓаме од тоа дека Русија нема да разместува, ако се појави такво оружје, ниту во Европа, ни во други региони во светот се до оној момент додека во тие региони не се појави оружје од американско производство“, рече Путин. Очигледно станува збор за едностран мораториум на разместување на ракети од среден и краток дострел за кој сега Русите бараат да се изјаснат и западните партнери.

Заменикот министер Рјабков истовремено прокоментира дека околу ситуацијата со договорот за ликвидирање на ракетите „Русија нема да дозволи никому со неа да разговара од позиција на притисок и сила. Исто така забележа дека решението на САД да излезат од договорот ќе се одрази негативно врз светската безбедност. Според негово мислење излезот од договорот е насочен кон кршење од страна Вашингтон на важни договори во сферата на вооружувањето.

Веројатно овде Рјабков го имаше предвид Договорот СТАРТ-3, за намалување на нуклеарното оружје, потпишан од странана БаракОбама и рускиот претседател Димитриј Медведев. Неговата важност истекува во 2021 година. Ако и тој не се продолжи, тогаш меѓу двете сили ќе нема никаков обврзувачки документ кој би ја гарантирал светската безбедност. Но на Рјабков индиректно вчера му одговори американскиот претседател ДоналдТрамп. Тој во разговор со новинарите изјави дека и САД, како и Русија, сакаат да постигнат нови договори во сферата на контролата на нуклеарното оружје и разоружувањето. „Би кажал, дека Русија сака да добие нешто во нуклеарен договор. Јас не сум против тоа. Тие сакаат да добијат нешто, а и јас исто така“, рече Трамп. Тој пред новинарите не сакаше да прецизира дали САД денес ќе го напуштат Договорот за ракетите од среден и краток дострел. „Да видиме што ќе се случи“, им рече Трампна новинарите“. Инаку не  е тајна дека САД и Русија имаат консултации за натамошната судбина на овој договор. Тој може да биде продолжен до 2026 година со согласност на двете страни. Неодамна Путин во интервју за Фајненшел тајмс изјави дека „доколку и овој договор престане да постои, тогаш, во суштина, во светот ќе нема никакви инструменти, за спречување на трката за вооружување“.

Путин и Трамп пред два дена имаа телефонски разговор на американска иницијатива. Главна тема, наводно, биле пожарите во Сибир и евентуална американска помош во нивно гасење. Можеби разговарале за тоа, но сигурно не го премолчале денешниот датум и крајот на договорот за ракети од среден и краток дострел, како и разговорите за СТАРТ-3. Иако е малку веројатно, денес  не би биле изненадени ако двајцата претседатели постигнале некаков договор на тој план. 

Не навлегувајќи во тоа кој го нарушил Договорот за ракетите од среден и краток дострел, факт е  е дека тоа им одговараше на двете страни. „Дајте најнапред да ја видиме реалната ситуација. Договорот се нарушуваше, договорот е застарен и договорот апсолутно не ги опфаќа сите страни“, изјавуваше советникот на Трамп за национална безбедност ЏонБолтон.  Тој одамна е приврзаник за проширување на опфатот на држави со договорот. Новинарите најдоа еден негов текст од 2011 година како коавтор, во кој авторите сметаат дека Договорот ги ограничува способностите на Москва и Вашингтон да го зацврстат својот потенцијал во време кога заканата во врска со зголемување на вооружувањето се поочигледно доаѓа од други играчи, посебно од Иран и Кина. Оттука „Политиката во поглед на Договорот треба да биде: раширете го или уништете го“, пишувале авторите.Според Болтон, Договорот ја нема предвид новата стратешка реалност. Па затоа се неопходни нови потреби и барања, кои сега не се дел од текстот на постојниот договор. Тој вели дека и Русија и САД се загрижени од новите состојби на стратешката ситуација. Но и покрај тоа позициите на Русија и Америка во исполнување на обврските се многу различни.

Сергеј Иванов, кога беше министер за одбрана на Русија, договорот го карактеризираше „како реликвија од студената војна“. Уште во 2013 година тој изјавуваше дека Русија мора да има ракети од краток и среден дострел, барем поради тоа што такви имаат Индија, Пакистан, двете Кореи, Кина, Израел и Иран. “Тие земји се блиску до нашите граници и ние мора да водиме сметка за тоа. А само две земји немаат право да имаат такви ракети. Русија и САД. Така вечно не може да се продолжи“, коментираше Иванов.

Покрај погорните изјави на Болтон и Иванов како причини за ставање крст на Договорот од страна на американската администрација, некои експерти, сметаат дека е фактот што на Трампне му се допаѓаат  договори во кои тој не учествувал. Така беше со Парискиот договор за климата, па Договорот за Транстихоокеанското партнерство, па договорт за трансатлантско партнерство, Договорот НАФТА, за слободна трговија меѓу САД, Канада и Мексико... Па сега ќе сака одново да преговара некои од нив. Затоа веројатно и ќе дојде до продолжување на договорт СТАРТ-3, со негов потпис, па по силните ултиматуми и инсистирања на договор за трговија со Кина...И други договори

Целта на САД е јасна. Во ерата на Трамп контролата на оружјето треба повторно да се започне, па договорот за ракетите од среден и краток дострел ќе биде мултилатерален или воопшто ќе го нема нема. На Трамп му се потребни такви резултати, особено што веќе најавидека ќе учествува во новата претседатеска трка на изборите во 2020 година. Прашање е колку Русија и Кина ќе сакаат да му помогнат на Трамп во остварувањето на неговите намери. Со Русија би можело да с постигне некаков договор, но со Кина, засега тешко. Таму со сметаат дека Договорот е работа на САД и на Русија. И тие треба да ги решаваат спорните прашања. Таа, засега, сигурно нема да се согласи да влезе во некаков договор со Русија и САД. Претседателите на Русија и Кина Путин и СјиЏјинпинг неодамна имаа заедничка изјава-повик, секоја држава своето нуклеарно оружје да си го повлече на својата територија.Но не се само Кина и Русија во прашање. Списокот на земји со ракети од среден и краток дострел е подолг.

А што да каже Европа? Таа се чини ќе биде најголемата жртва на непродолжениот договор. Германскиот министер за надворешни работи ХајкоМаасја обвини Русија за прекинување на важноста на договорот, но истовремено нагласи дека се потребни нови договори за спречување на трката во нуклеарното вооружување. Според него со прекинувањето на договорот Европа губи дел од својата безбедност. Во октомври 2018 година во списанието „Форин полиси“, Џон Волфстал го критикуваше решението на Трамп да го наушти договорот. „Анулирањето на тој договор ќе ги направи САД и нивните сојузници(за кои Трамп очигледно не се грижи) помалку заштитени и ќе ги поткопа глобалните основи за нераспространување на нуклеарното оружје“. Други пак потегот на САД го сметаат како подарок за Русија.

Се чини Европа како да не игра клучна улога во глобалните конфликти. А се зголемува важноста на Азија. Трендовите Кина да ја замени Москва во определена иднина, не само економски, туку и воено, развојот на Индија и Пакистан, покажуваат во која насока би се движеле напорите на Трамп. Тука е и Иран, а неговата важност ја покажува и сегашната криза во регионот. И додека САД ќе се вртат кон Азија не е на одмет Европа да поразмисли за сопствената безбедност. Не е исклучено одново да се јават иницијативите за европски воени сили. А сето тоа ќе чини и време и пари. Згора на се’ потреба од единство, за кое очигледно ќе мора да се расчисти со многу заблуди. Почнувајќи од таа дека Трамп ќе ги заштитува, па се до оние дека е можна единствена Европа без отстапување кон Унијата на поголем дел од суверенитетот на секоја нејзина членка.


Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?