04 Мај, 2024
0.2504

САД и Русија сè поблиску до договор за Сирија!

Објавено во: Колумни 18 Декември, 2015

Добивај вести на Viber

Денес во Њујорк ќе се одигра првиот чин од драмата „САД и Русија заедно за Сирија“.  Вчера беше воведот во неа. Советот за безбедност едногласно ја прифати заедничи подготвената резолуција од САД и Русија за засилување на борбата со финансирањето на терористичките групи. Денес треба да се одржи заседание на Меѓународната група за поддршка на Сирија. Можно е и заседавање на СБ на ОН. Овој месец со Советот за безбедност на ОН претседателствуваат САД. И тие многу сакаат за време на нивното претседателствување да се донесе важен документ за Сирија. Впрочем државниот секретар Џон Кери не случајно неделава беше во Москва. Тема на средбите со неговиот колега Сергеј Лавров и претседателот Владимир Путин беше токму документот, резолуцијата за Сирија, кои Американците сакаат да го предложат во СБ на ОН. Се чини Кери успеа, на нескриено задоволство на домаќините. Лавров ќе оди во Њујорк на седницата на СБ. Кога се спомнува нескриеното задоволство на Русите, пред се се има предвид изјавата на Путин дека тој ја поддржува нацрт резолуцијата на САД, на претседателот Барак Обама, и за прв пат вели дека рускиот план за решавање на сириското прашање во целост се совапаѓа со американскиот. Секако остануваат разликите околу иднината на сирискиот претседател Башар ал Асад и руската воена поддршка на Сирија. Претставникот на Белиот дом, Џош Ернест, вчера изјави дека САД позитивно ќе ја оценат борбата на Русија против терористичката група ИД, доколку таа ја промени стратегијата во борбата со неа. „Ние сме за политички преод во Сирија, но руските воени сили продолжуваат еднострано да спроведуваат операција во Сирија. Тие не се фокусираат на спротивставување на ИД, туку на поддршка на режимот на Асад. Ние би ја поздравиле руската конструктивна кампања против ИД, но за тоа се потребни кардинални промени во нивната воена стратегија“, како што пренесуваат агенциите, изјавил Ернест. Доколку работите на седницата на Меѓународната група за поддршка на Сирија не се искомплицираат, веднаш ќе следи и ставање на дневен ред на американската резолуција на седница на СБ на ОН. На тој начин ќе се постави темелот на политичкото решавање на воениот судир во Сирија. А, Асад? Од она што е достапно до јавноста, може да се каже дека во американската резолуција се зборува за важни елементи на политичката трансформација во Сирија, но ништо за иднината на претседателот Асад. Разликите остануваат. Раководителот на прес службата на Стејт департментот, Џон Кирби, вчера нагласи дека „нема согласност во Меѓународната група за поддршка на Сирија околу судбината на Асад“. А за да се постигне целосен договор е потребно да има согласност и за Асад, сметат Американците. И не само за тоа, колку долго тој ќе остане на власт, туку и на каква функција. Ова зборува дека и Американците веќе не се држат цврсто до ставот дека Асад мора веднаш да замине. Вклучувајќи се во дискусијата околу Асад, генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун изјави дека не е прифатливо да се поставува прашањето за иднината на Асад, во смисла дека од него зависи разрешувањето на кризата во Сирија. Во прилог на фактот дека во американската резолуција нема ништо за Асад, ако веќе ја усогласиле со Русите, е и вчерашната изјава на Владимир Путин на годишната прес конференција. На прашањето за судбината на Асад Путин беше јасен во одговорот. „Јас многу пати реков и сакам уште еднаш да повторам. Ние никогаш нема да се согласиме со тоа некој од надвор, било каде, било кому, да му наметнува, кој треба да раководи. Тоа не може да се вгради во никаква здрава смисла. Секако ние за таа работа зборувавме и со државниот секретар Кери. Нашата позиција останува принципиелна и не се менува. Ние сметаме дека само сирискиот народ треба да определи кој треба да управува, според кои стандарди и според кои правила“. Во очекување денес на добри вести од зданието на ОН во Њујорк, збор два и за вчерашната прес конференција на Путин. Што можеше да се чуе на неа? Поголемиот дел беше посветен на внатрешните работи. Се доби впечаток дека Русија е држава која не е соочена со економска криза, иакотој ја почна конференцијата со виц од советските времиња. Бајат како што рече Путин, иако мошне актуелен за ситуацијата во која се наоѓа Русија. Новинарите го потсетија на ланската прес конференција кога рекол дека за излез од кризата ќе требаат една до две години. Па оттука и прашањето какво е неговото настроение на излезот од кризата, бидејќи на земјата и е тешко, дали има нови прогнози? А тој ним вицот. „Се сретнале двајца пријатели и едниот го прашува другиот: -Како одат работите? Овој му одговара: -Како во  риги, црно-бело. -Сега каква е? –Сега е црна.. Поминало половина година и пак истото прашање. -Како одат работите? Знам дека се во риги. Сега каква е? – Сега е црна. – Не, нели тогаш беше црна. – Не, излегува дека тогаш била бела.“ го заврши Путин вицот, додавајќи дека сега во Русија ситуацијата е токму таква. Добар вовед, но во продолжението на конференцијата одговорите на економските прашања дадоа впечаток дека ситуација во Русија сега е бела! Небаре нема криза, нема корупција... За луѓето што се надвор од Русија секако поважни беа одговорите на меѓународни теми. Да не беа Турција и Украина, конференцијата можеше да помине и без меѓународни прашања. Од она што Путин го зборуваше околу Сирија јасно беше дека му годи што во целата ситуација ја „играат“ Русија. Посебно Американците. Иако кога ја напаѓаше Турција и го спомена „лижењето едно место“ на Американците, се доби впечаток дека мора да каже нешто што му лежи на срце. Го прашаа за трета страна во целата работа. Во завиена форма тој понуди некакви сценарија,но рече дека нему тоа не му е познато. А Турците ги ставиле сите во многу тешка ситуација. Рускиот претседател многу зборуваше за Турција поврзано со соборениот руски воен авион. Тој многу му е лут на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Дури и името не сакаше да му го спомене. Рече дека на Самитот на Г20 во Анталија на разговори со турското раководство се согласил  да и даде поддршка на Турција дури и за прашања кои се во судир со меѓународното право. Едно е јасно. Путин не сака да има меѓудржавна работа со сегашното турско раководство. Секако ова не значи дека ќе се урнат сите мостови на соработка, посебно економската, но до помирување нема да дојде. Топката е на нивно поле, рече Путин. Тој истакна дека како последица на соборувањето на рускиот бомбардер сега во Сирија има ракети од типот С-300 и С-400. А тоа значи дека Турците ќе водат сметка дали нивните авиони ќе го нарушат воздушното пространство на Сирија, како што го правеле досега. Можеби и затоа Турците оттогаш не водат воздушни напади врз ИД. Денес треба да се одржи прес конференција на американскиот претседател Обама. Ќе биде интересно да се чуе и да се види дали тој ќе има одговор на некои изјави на Путин. На пример онаа за „лижењето на едно место“ на Американците. Сигурно не помалку ќе биде интересна и Сирија. Веројатно Обама нема да пропушти да се пофали, доколку се е договорено. Дотолку повеќе што станува збор за американски предлог на резолуција за таа држава. За крај една дигресија. Авторитарниот теквондист Путин веќе 11 години излегува да се соочи со новинарите. Овој пат со речиси 1.400 и сето тоа пренесувано преку телевизиите или он лајн мрежите. Можеме да зборуваме што сакаме, ама очигледно тој има повеќе храброст од нашиов „боксер“, кој веќе десет години бега од јавно соочување со новинарите  како од оган. Тој не може да излезе на мегдан со двајца новинари, од кои едниот не би бил негов, а камо ли со 1.400 од кои не знаеш од која страна ќе дојде ударот и покрај тоа што ќе има и нарачани прашања. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина