02 Мај, 2024
0.0263

САД и Русија воено ќе се координираат во Сирија!

Објавено во: Колумни 14 Февруари, 2016

Добивај вести на Viber

Во предвечерието на 52. Минхенска меѓународна конференција за безбедност, која започна завчера, од таму стигна веста за договор за престанување на воените дејства. Токму така, престанување на воените дејства за една недела, но не и целосен прекин на огнот. Воените дејства, по прифаќањето на мерките од Минхен од страна на сириската влада и опозиција, треба за една недела да престанат на оние територии на Сирија, кои не се под контрола на ИД и други групи блиски кон неа. Се очекува дека и двете страни веднаш ќе го прифатат договорот. Тоа значи здружената западна коалиција, предводена од САД и сириската регуларна армија потпомогната од Русија продолжуваат со воените операции против силите на ИД и нивните сојузници. Паралелно, секоја одделно, ќе работат со опозицијата и власта. Џон Кери, американскиот министер за надворешни работи, неговиот колега Сергеј Лавров и специјалниот претставник на ОН за Сирија Стафан де Мистура по долготрајни преговори, а во кои учествуваа и преставници на други 15 земји, излегоа со план за надминување на кризата во Сирија. Освен престанувањето на воените дејства, договорена е и итна организација на хуманитарни коридори во неколку градови и продолжување на меѓусириските преговори. Според посматрачите, за Алеп не е кажан, официјално, ниту еден збор. Но тоа не значи дека тој е оставен како „сива“ зона. Пред неколку дена Русија, со оглед на се поголемите спорови со САД и други учесници во конфликтот, критиките од нивна страна за страдање на цивилно население,  излезе со инцијатива и им даде предлог на Американците за решавање на тој проблем. Се повторува старата приказна околу Сирија. Русија секогаш излегува прва со инцијатива, а другите треба да ја разгледаат и да се произнесат за неа. Исто како што беше и за хемиското оружје, кога Асад беше спасен од бомбардирање од страна на Американците. Но, како и да е, се чини овојпат на Русите им стана јасно дека ќе нема ништо од преговорите меѓу спротивставените страни во Сирија, што не им оди во прилог, бидејќи и тие се нивни поддржувачи. Впрочем првата средба на претставниците на власта и на опозицијата пред една недела пропадна, тукму поради противење на сириската опозиција да учествува во преговори кога се води војна и се појавува хуманитарна криза. Сега, најверојатно, ќе се создаде можност на 25 фебруари преговорите меѓу двете страни да започнат. Рускиот предлог, по долги преговори е доработен и Кери, Лавров и де Мистура излегоа со конечната верзија. Очигледно развојот на настаните околу вториот по големина град во Сирија ги забрза работите за постигнувањето на договорот во Минхен. Алеп е на прагот да биде опседнат од сириската армија и нивните соујзници. Многумина воени експерти препоставуваат дека прашање на денови е кога ќе градот падне во рацете сириската армија. Доколку тоа се случи, тогаш Русите ќе ја исполнат својата цел. Да го „оживеат“ претседателот на Сирија Башар ал Асад и уште повеќе да ги зацврстат неговите позиции во преговорите кои што ќе следат, а кои беа најавени како дел од планот за мирно решавање на сириската криза во период од 18 месеци, донесен во Виена кон крајот на ноември минатата година. Битката за Алеп не е завршена. Дали оставањето на седум дена за престанување на воените дејства, не е и оставање на време силите на Асад потпомогнати од Русија да ги завршат операциите? Дали тој рок нема да го искористат и Курдите за проширување на територијата под нивна контрола. Како ќе реагира Турција на сето ова? Одговорите на овие прашања не се еднозначни. Турција едно време дури се закани дека ќе преземе акции доколку оцени дека треба да преземе таков чекор. Имаше и шпекулации дека турските воени сили се подготвени за копнена операција околу Алеп, да влезат во Сирија, што ќе значи и ескалација на конфликтот.Таа е кивна на Русите за поддршката на Асад, на сириските Курди кои освојуваат се повеќе територии долж границата со Турција, кивна е на Американците кои ги поддржуваат Курдите.  Копнени сили најави и Саудиска Арабија. Сето тоа само ја подгрева ситуацијата која во еден момент може и да излезе од контрола, таква каква што е сега на теренот. Затоа една недела, доколку не се случи власта или опозицијата да го отфрлат договорот, колку што е оставено за почеток на реализација на заклучоците од Минхен, секој ќе гледа да ја искористи максимално. Веднаш потоа ќе мора да се смири ситуацијата околу Алеп и други места каде што доаѓа до судир меѓу провладините и опозициските сили. Овие последниве ги викаат и умерена опозиција, но никој не знае што значи тоа. Како и да е и САД и Русија сега ќе мораат да влијаат врз своите сојузници на теренот да се почитува престанувањето на воените дејства. Практично САД и Русија ќе се гарантите за тоа. Впрочем и не случајно сега ќе почне соработка и координација меѓу САД и Русија за воените прашања, што не беше случај досега. Русите  уште на почетокот на своите дејства во Сирија, септември лани, бараа соработка со САД на воен план, но Американците, освен некаква координација околу воздушните напади не сакаа да чујат за нешто повеќе од тоа. Сега се согласија. Ова е прв пат да се случи да има координација на некакви воени дејства меѓу двете велесили. Тоа го потврди за БиБиСи претставникот на Стејтдепартментот, Џошуа Бејкер. –Ова , можеби, е прв пат кога ќе има соработка и координација за воени прашања меѓу Соединетите Американски Држави и Руската Федерација, јас мислам дека тоа е многу важен чекор во тој процес, рече Бејкер. Не помалку важно е и формирањето на работни групи на кои секојдневно ќе се разгледуваат прашањата за спроведувањето на договорот од Минхен. По престанувањето на воените дејства ќе се интензивира хуманитарната помош на засегнатото население, а по десетина дена ќе треба да почнат и преговорите, кои треба да доведат до траен мир во Сирија. Некаде на почетокот на ноември на страниците на Фактор најавивме дека не треба да се исклучи дека во Сирија може да се прогласи примирје. А потоа силите на власта и на опозицијата да се насочат кон позициите на ИД. И дека тоа ќе биде најдобриот расплет на граѓанската војна во Сирија. И заклучивме дека до примирјето ќе се тепаат меѓу себе за да стават што повеќе територии под своја контрола. Зашто оној кој контролира повеќе територија тој ќе има посилни адути во некои идни преговори. Она што сега се случува предвестува дека битката за територии стивнува. Сите погледи ќе бидат свртени кон САД и Русија, како тие ќе успеат да се справат со желбите и (не)можностите на своите  „галеничиња“. Мирче Адамчевски      

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина