Добивај вести на Viber
Само неколку часа по нападот врз училиште на Обединетите нации во Газа, Вашингтон потврди дека САД ги обновиле залихите на оружје на Израел.
Иако и Белата куќа и Стејт департментот го осудија гранатирањето на училиштето сместено во бегалски камп, каде беа убиени 19 лица, директна осуда за Израел нема.
„Очигледно е дека ништо не може да оправда убиство на невини цивили, кои бараат засолниште во просториите на Обединатите нации. Невините Палестинци кои бараат да се засолнат во овие училишта не треба да се најдат на удар на гранати“, изјави портпаролот на Стејт департментот Мери Харф.
Ова сепак беше една од најострите осуди од страна на САД за израелските напади од почетокот на обновените израелско-палестински судири.
Пентагон објави дека дополнителното оружје Израел го побарал на 20 јули, а Стејт департментот го одобрил барањето три дена подоцна. „САД се посветени на безбедноста на Израел и од витално значење за националните интереси на САД е да му помогнат на Израел да одржи силна и подготвена способност за самоодбрана“, рекол портпаролот на Пентагон Џон Кирби, истакнувајќи дека последната продажба е во согласност со тие цели.
Израел, меѓу останатото, барал да може да ги користи залихите на оружје кои САД ги имаат во Израел за итни потреби на еврејската држава, а за кои досега многу малку се знаеше. Вредноста на воените резерви во овие складишта се проценува на милијарда долари. Одлуката да се обезбеди дополнително вооружување за Израел поттикна многу критики во јавноста, бидејќи Вашингтон официјално изрази зголемена загриженост заради смртта на голем број Палестинци во конфликтот, од кои најголемиот дел се цивилни жртви.
Односите меѓу САД и Израел се влошија во последните неколку дена, по враќањето на американскиот државен секретар Џон Кери од регионот, каде што се обиде да издејствува прекин на огнот. Анонимни израелски официјални претставници го осудија предлогот на Кери за примирје, означувајќи го како „стратешки терористички напад“ и го критикуваа дека претставува список на желби од Хамас, бидејќи вклучува настојување да се прекине израелската блокада врз Газа.