08 Август, 2020
0.0470

Сакате трајно решение? Трајни налози!

Објавено во: Колумни 28 Април, 2020

Многу е едноставно да се биде среќен, но многу е сложено да се биде едноставен Рабиндранат Тагоре

Во контекст на новонастанатата ситуација и реалноста во која западнавме како цивилизација, сметам дека е доблесно, човечки и професионално секој со својата стручност и компетентност да помогне за општото добро. Имено, во претходната колумна, како економист, напишав и споделив одредени размисли и предложив конкретни решенија во сферата на иновативните финансиски услуги. Ме радува фактот што Владата, Народната банка и комерцијалните банки преземаат чекори преточени во конкретни мерки во иста насока.

Во периодот на епидемија на опасниот вирус, сведоци сме дека голем број граѓани чекаат пред експозитурите и филијалите на банките. Ова може негативно да се рефлектира од два аспекти, и тоа: прво, постои голема опасност од брзо ширење на вирусот заради фактот дека голем број луѓе се собираат на мал простор и второ, предизвикување на неоснован страв кој може да доведе до неразумно повлекување на средства на граѓаните од банките. Мерките коишто се препорачуваат од страна на банките главно се однесуваат на апели за редуцирање на посетите на експозитурите и филијалите на банките, односно тоа да се практикува само во ситуации кога е неопходно, промовирање на моделот за користење на електронско и мобилно банкарство, како и користење на банкомати за повлекување и уплата на готовина. Меѓутоа, голем дел од македонските граѓани, особено повозрасната популација, се со високо ниво на совесност и одговорност, и во согласност со нашиот менталитет сакаат навремено и лично да ги платат сметките за режиските трошоци. Тоа, според нив преставува нивна граѓанска должност (што е секако за поздравување). Досегашното долгогодишно банкарско искуство и многубројните разговори со голем број на клиенти, колеги и пријатели ме наведува на размисла дека одењето во експозитурите и филијалите и плаќањето на сметки во хартиена форма, пред сé е дел од воспоставена долгогодишна навика, односно сигурноста дека обврската е платена со ,,поседување на доказ во рака”. Освен тоа треба да се има предвид и фактот дека за повозрасната категорија на клиенти, посетата на експозитурите и филијалите се дел од нивната социјална кохезија.

Логично се наметнуваат бројни прашања. Како да се променат навиките? Што треба да се преземе? Како да се намалат опасностите за граѓаните од заразата со опасниот вирус Ковид 19? Како да се олесни животот на граѓаните и тие да не бидат приморани да чекаат во долги редици и да го изложуваат својот живот и своето здравје во опасност? Како да се намалат трошоците на компаниите, да се заштеди огромна количина хартија и да се зголеми правната сигурност? Како да се намалат тешкотиите на граѓаните, соочени со чести блокади на банкарските сметки поради неплатени режиски трошоци, со исклучувања на струја, вода или топлинска енергија и со огромни трошоци за казнени камати и за извршување? Како да се зголеми довербата на граѓаните за користење на ефикасни и современи начини за вршење на трансакции без посета на експозитурите и филијалите? Кои се надлежните институции кои што треба да преземат иницијатива и реализација?

 За сите овие прашања има еден едноставен одговор, а тоа се трајните налози. Тие, сами по себе, претставуваат едноставен, безбеден, економичен (од аспект на време и средства), инструмент за редовни (месечни) плаќања на режиските трошоци (сметки за вода, струја, топлинска енергија, телекомуникациски услуги и сл.), без притоа физички да се посетуваат експозитурите и филијалите. Постојат огромен број сериозни причини кои ја потврдуваат оправданоста на оваа алатка за плаќање на режиските трошоци. Прво и најзначајно - преку користењето на трајните налози, на граѓаните им се овозможува автоматизирано извршување на плаќањата за режиските услуги на едноставен, ефективен и безбеден начин без да има потреба да чекаат пред шалтерите во банките и да се изложуват на сериозен ризик од зараза. Освен тоа, исклучително е значајно што сметките ќе се плаќаат секогаш во предвидениот временски рок, без да се изложуваат граѓаните на ризик да им бидат блокирани трансакциските сметки и да мора да плаќаат огромни средства за казнени камати и за извршители. И на крајот, но не помалку значајно - ќе се намали нервозата кај граѓаните од долгото чекање пред шалтерите. Кој не изустил два-три сочни збора кога ќе го види долгиот ред пред шалтерот каде што треба да плати некоја сметка!

Трајните налози ќе овозможат и значајна заштеда на време. Ако секое од 500.000 домаќинства во Македонија троши по 30 минути месечно за плаќање на сметките (во просек 10 минути чекање пред шалтер и 20 минути превоз), тоа се 250.000 часови месечно, односно 3.000.000 часови годишно! Ако еден работен час е просечно 2,5 евра, годишно губиме 7.500.000 евра заради чекање пред шалтери! Преку зголемување на користењето на трајните налози би се намалиле и трошоците за ангажирање на адвокати, нотари и извршители. Истовремено, редовните уплати од страна на потрошувачите ќе придонесат за зголемување на ефикасноста на компаниите преку повисоко ниво на солвентност, како и можност за рационално и долгорочно планирање на готовинските текови.

Од друга страна, со трајните налози и Банките ќе постигнуваат заштеди, како во однос на материјални трошоци, така и од аспект на поефикасно користење на потенцијалот на вработените, особено во експозитурите и филијалите за пософистицирани работни активности (пример: продажба на банкарски услуги од типот на електронско и мобилно банкарство и сл.)

За остварување на посакуваните цели и нивно остварување во реалноста, секако дека постои потреба од меѓу институционално вмрежување и координирани активности од сите засегнати страни. Во таа насока, предложувам одредени активности и мерки за зголемено користењето и употребата на трајните налози:

-  компаниите кои нудат режиски услуги, при испорака на сметките до потрошувачите да доставуваат и договорен образец на трајниот налог кој што е потребно да биде пополнет со релевантни податоци од страна на клиентот, потпишан и доставен до експозитура или филијала на банката каде што клиентот има трансакциска сметка, односно каде што ги добива личните примања. Исто така, овие компании треба да размислат и за овозможување на одреден дисконт за сите корисници кои ќе одлучат да ги плаќаат своите сметки со траен налог. Покрај тоа за зголемувањето на сигурноста, овие компании треба да се обврзат дека при евентуално настанати грешки, односно врз основа на поднесените рекламации од страна на потрошувачите, должни се да ги проверат и да ги решат во одреден временски период. Вработените во компаниите кои професионално контактираат со клиентите посредно или непосредно (на пунктовите за наплата или преку контакт центрите) да бидат обучени за промовирање на современите модели за плаќање на сметките преку електронско и мобилно банкарство, како и преку користење на трајни налози;

-  во однос на банките, постои потреба покрај можноста за прием и внес на трајните налози преку експозитурите и филијалите, да се овозможи трајните налози да се внесуваат преку електронско или мобилно банкарство, on-line преку веб страната на банката, како и преку контакт центрите. Исто така за побрзо и поефикасно внесување на трајните налози во банкарските апликации, како и за промовирање на новите модели за плаќање, потребно е да се направи и соодветна едукација и обука на вработените банкарски комерцијалисти. Дополнително, банките треба да размислат и за овозможување на форма на ,,cash back” модели за сите корисници кои ќе одлучат да ги плаќаат своите сметки со траен налог;

-  Владата, Народната банка, комерцијалните банки и компаниите кои нудат режиски услуги заедно да изготват и емитуваат медиумска кампања преку јавниот сервис и другите телевизиски и останати медиуми, преку која што ќе бидат концизно и алгоритмизирано објаснети постапките за активирање на трајни налози за плаќање на режиски трошоци, како за физички, така и за правни лица. Оваа медиумска кампања ќе го едуцира населението за придобивките од користењето на трајните налози, како од аспект на заштита од ширење на вирусот, така и за останатите придобивки за кои претходно елаборирав;

-  за крај, Владата има можност да ги разгледа модалитетите за поврат на дел од ДДВ на режиските трошоци за сметките платени преку користење на трајни налози.

Трајните налози ќе овозможат заштита на здравјето на граѓаните, ќе ги заштитат граѓаните од исклучување на вода, струја или топлинска енергија, телевизија, телефонија и сл. и ќе спречат да се блокираат нивните сметки и тие да бидат обврзани да плаќаат високи казнени камати и трошоци за извршители. Трајните налози ќе придонесат да се намалат трошоците на компаниите, ќе обезбедат поголема правна сигурност, ќе придонесат за зачувување на природата и ќе заштедат значаен број работни часови. Заради ова, основното прашање не е дали да се применат трајните налози за плаќање на режиските трошоци, туку зошто тоа досега не е општо прифатено?

м-р Андреј Илиевски

Авторот е Докторанд по Економски науки, со над 20 годишно банкарско искуство на различни раководни и професионални позиции


Можеби ќе ве интересира

„Танцот со ѓаволот“ ја однесе шегата и ја расипа забавата

„Танцот со ѓаволот“ ја однесе шегата и ја расипа забавата

Лукашенко за претседател ќе се бори со жена, ако претходно не ја затвори

Лукашенко за претседател ќе се бори со жена, ако претходно не ја затвори

Универзална

Универзална

Македонски пратеници го чекаат својот „муштерија“ пред МТВ!

Македонски пратеници го чекаат својот „муштерија“ пред МТВ!

Битиќи vs Лазаров: Повисок ДДВ, нов ребаланс, како ќе не „удрат“ дознаките

Битиќи vs Лазаров: Повисок ДДВ, нов ребаланс, како ќе не „удрат“ дознаките