06 Декември, 2022
0.0315

Самит Г-20 на Бали – Духот на Путин ќе лебди во воздухот

Објавено во: Колумни 14 Ноември, 2022

Добивај вести на Viber

Утре и во среда на индонезискиот остров Бали ќе се одржи Самитот на членките на Г-20. Некои од гостите веќе се таму, а во предвечерието на Самитот, денес, треба да се одржи средба на главните актери во светот во моентов, американскиот и кинескиот претседател Џо Бајден и Шји Џинпинг. Самитот се одржува во време кога на Украина беснее војна, започната со руска агресија, но потоа во неа се вклучија САД и НАТО. На Самитоѕ нема да дојде рускиот претседател Владимир Путин.

Пред неколку месеци во подготовката на средбата се вршеше силен притисок врз индонезискиот претседател, Јоко Видодо, на Самитот да не биде поканет рускиот претседател Владимир Путин. Дури се навестуваше дека Бајден нема да допатува во Индонезија, ако Путин биде таму. Но откако одработи на Самитот да биде поканет украинскиот претседател Владимир Зеленски, виртуелен настап, Бајден немаше ништо против присуство на Путин.

САД сега се пропусница за украинските политичари на вакви самити. На Самитот на АСЕАН пред два дена домаќинот, Камбоџа, не сакаше да го покани Зеленски, но беше поканет Димитриј Кулеба, украинскиот министер за надворешни работи. Во меѓувреме Путин свесен за својата моментална позиција, особено кај Западот, реши да се занимава со „домашни работи со кои е преоптоварен“.  Впрочем се’ уште се памети неговото предвремено заминување од Самитот на Г-20 во Австралија, во 2014 година по присоединувањето на Крим кон Русија. Па така сега без Путин , со неговиот дух, што ќе лебди над Самитот, Бајден ќе има можност да игра прва виолина на темата војна во Украина.

Кога текстов ќе го имате пред вас можеби ќе се знаат  резултатите од средбата на Бајден и Џинпинг. Сигурно таа нема да помине лесно. САД последниве години воведуваат разни ограничувачки мерки кон кинеската економија, под превезот на загрозеноста на нивната национална безбедност. Па сега велат дека се подготвени за жестока конкуренција со Кина, дека не се стремат кон конфликт, не бараат конфронтација, дека тие одговорно одат во таков натпревар и при сето тоа треба да се почитуваат веќе воспоставени и усогласени правила. Тука за Американците е важна слободата на пловење, исти услови за економијата и воздржување од заплашување, принуда или агресија. Тие тврдат дека искрено подготвени за заедничка работа особено во областите како што се климата, здравството или други прашања. Советниците на Бајден очекуваат тој да биде директен, и да го чуе Џинпинг со неговиот исто така директен говор и врз таа основа да се гради здрава конкуренција меѓу двете земји.

ПОЛИТИЧКА КОНФРОНТАЦИЈА

Ако внимателно се прочитаа американските очекувања, тогаш е јасно дека економскиот натпревар меѓу нив ќе продолжи, но истовремено, иако директно не се споменуваат, се зборува за Тајван и за Јужно кинеското море – пловење, заплашување, агресија.

Се разбира и Џинпинг нема да остане со прстот во уста. Тој е свесен дека САД и нивните сојузници ќе притискаат врз Кина. Пред се, со ширењето на НАТО на Далечниот исток или формирањето на нови воени блокови. Во прв ред АУКУС, а од вчера може да се зборува и за блок со Јапонија и Јужна Кореја, насочен пред се, кон Северна Кореја, но ако затреба и кон Кина.

Кинескиот провладин медиум „Глобал Тајмс“ смета дека Западот доаѓа на Самитот со цел да се кавга. Политичката конфронтација западните земји имаат намера да ја пренесат на теренот на Самитот за да се влошат односите со други држави, наместо да се бараат решенија на светските проблеми, размислува медиумот. „Сегашната позиција на западните земји предводени од САД изгледа така, како тие да одат на Г-20 за да се караат  и јавното мислење таму веќе направило приближни прогнози за тоа, кои ќе бидат цел и што тие ќе им кажат“, се вели во текстот. Конфронтацијата на Самитот не дозволува дијалог на страните на тој терен. Но, според авторот, меѓународната заедница ќе го осуди тоа што ќе се случи. Негова претпоставка е самитот Г-20 се соочил со закана од глобален раскол , кој е предизвикан од позицијата на редица земји во однос на ситуацијата на Украина и спроведување на САД стратегија за одвраќање на Кина.

Слично мислење има и во рускиот весник „Коммерсант“. Тој пишува дека САД и Кина ќе станат два пола на самитот Г-20. Во отсуство на рускиот претседател Владимир Путин, главната интрига ќе бидат преговорите на лидерите на двете водечки светски економии, смета весникот. Според него, во тек е формирање на „голем пар“, САД и Кина, внатре во „дваесетката“. Поради расколот во Г-20 на конкурентни групи на влијание, Самитот постепено се претвора во место на спротивставување, се прецизира во весникот. Инаку и првиот човек на ММФ, Кристалина Георгиева, искажа вознемиреност од фрагментацијата на светската економија, како резултат на што можеме да се најдеме во посиромешен и понебезбеден свет. „Јас ја преживеав првата студена воја. Да се почне втора е неодговорна замисла“, рече таа, мислејќи на конфронтацијата меѓу САД и Кина.

КООРДИНИРАН НАСТАП

Во сето ова Украина само бегло се споменува или се премолчува. А јасно како ден е дека двајцата лидери, Бајден и Џинпинг, како и сите други од Г-20 најмногу и најжестоко ќе зборуваат за војната во Украина и последиците од неа. . И за тоа се подготвени уште однапред. Пред се ќе се бараат практични решенија за безбедното снабдување со храна, енергетската безбедност, финансиските долгови.

Русија на Самитот ќе ја претставува министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. Русија уште одамна беше цел на напади за самитот Г-20. Имаше повици да се исклучи, како што тоа го сторија од Г-7, после присоединувањето на Крим. Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, пред некој ден ја повика Кина да ги „искористи сите средства" за да ја убеди Русија да го почитува меѓународното право. „Ги охрабруваме кинеските власти да ги искористат сите средства што им се на располагање за да ја убедат Русија да ги почитува меѓународно признатите граници и да го почитува суверенитетот на Украина“, изјави Мишел. А Кина што ќе прави? Ќе ги упати истото тоа да му го кажат на Путин. Затоа што односот на ЕУ кон Кина драстично се менува. А Кина е свесна за тоа. ЕУ во сегашната ситуација, кога ќе биде најпогодена од кризата, во очите на Кинезите оди во втор план. Затоа Кина ќе остане и натаму со Русија, но сега како постар брат.

Кина и Русија се координираат за своите настапи на Г-20. Така беше и на заседанието на министрите за финансии и првите луѓе на националните банки на членките на Г-20, пред еден месец во Вашингтон, кога не беше издадено заедничко коминике, токму поради несогласувањата, околу некои формулации поврзани со војната во Украина. И наместо коминике претседавачот  од Индонезија направи сопствено „резиме“ во кое беа означени многубројните разногласија меѓу членките. Исто може да се случи и сега кога треба да се донесе заедничка Декларација. Советникот на Бајден , Џејк Саливен смета дека во наредните 48 часа можеби ќе се успее нешто да се направи. Но неговиот оптимизам не го делат други. Од Европа , на пример. Па така, како што ќе нема заедничко фото од Самитот може да се случи и да нема Декларација без согласност на Кина и Русија, но можеби и на други држави.

БОЈКОТИРАЊЕ

Да не се зборави дека десет членки на Г-20 немаат воведено санкции кон Русија. На жежок оган е ставен домаќинот на Самитот. Претседателот Видодо и други индонезиски политичари се трудат Самитот да биде успешен, да дојде до заеднички став на членките, кој би влегол во Декларацијата. Но Западот е неумолив. Па така повиците на Видодо да се оди на отстапки кон Русија нема да вроди со плод. Интересно е што Британија и ЕУ се договориле да го бојкотираат излагањето на Сергеј Лавров. Тие ќе бараат сојузници во ова. Тие ќе избегнуваат и средби со него. Џејк Саливен на прашање за  тоа дали Американците ќе го бојкотираат настапот на Лавров, дипломатски одговори дека читал, но се’ уште не го чул мислењето на своите европски колеги.

И така, дваесет највлијателни мажи и жени од светот ќе се сретнат утре и другиден во моменти кога светската економија ослабува секој ден, земјите во развој се судираат со наближувачката должничка криза, а во Европа се води војна. На Самитот најверојатно, на настојување на САД и сојузниците,  главното внимание ќе биде посветено на последиците од руската инвазија во Украина. Но, за што тешко ќе  се изгради заеднички став. Има мислења дека клучното прашање е дали Кина ќе биде доминирачка во нејзините преговори со Русија или, пак, ќе се обиде да ги сплоти другите на страната на Кремљ. Ова од причина што Џинпинг се’ уште не ја осуди Русија за војната во Украина. Иако, неодамна се искажа против нуклеарна војна. И за крај еден цитат. „Не може да се реши геополитички проблем со мерки на економската политика. Ќе биде многу тешко нивото на економска соработка да се доведе на ниво на кое треба да биде...Крајот на војната во Украина е силен фактор, способен да ја преобрати светската економија“, вели Кристалина Георгиева. Само таа деновиве спомна крај на војната.  А нема крај ако оставате духот на Путин да ви лебди над глава. Само ќе ви го мати умот. Се’ додека не го седнете на маса нема решение.

Мирче Адамчевски

Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2022 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

Преговорите за Украина доцнат – Макрон требаше да ги води пред војната

Преговорите за Украина доцнат – Макрон требаше да ги води пред војната

БЕСИМИ: ПРАВЕДЕН ДАНОЧЕН СИСТЕМ ЗА ЗАБРЗАН ЕКОНОМСКИ РАСТ

БЕСИМИ: ПРАВЕДЕН ДАНОЧЕН СИСТЕМ ЗА ЗАБРЗАН ЕКОНОМСКИ РАСТ

ВРАЌАЊЕ НА АТРАКТИВНОСТА НА ПРОФЕСИЈАТА „БАНКАР“

ВРАЌАЊЕ НА АТРАКТИВНОСТА НА ПРОФЕСИЈАТА „БАНКАР“

Девет месеци војна во Украина - и за новогодишните празници во ровови

Девет месеци војна во Украина - и за новогодишните празници во ровови