САМО 3.5 ЖИТЕЛИ НА КВАДРАТЕН КИЛОМЕТАР: Која е најретко населената македонска општина?
Објавено во: Македонија 12 Ноември, 2025 08:06
Рурална општина во јужниот дел на Македонија е најретко населена. Според пописот од 2021 година, најмала густина на населението во државата има Општина Новаци со 3.5 жители на квадратен километар.
Новаци има 2.648 жители резидентно население, од кои 1.377 се мажи, а жени има 1.271. Многу села, а малку жители. Некои од селата се рамничарски, некои планински, дел се целосно иселени, а другите имаат мал број жители. Селото Новаци каде е седиштето на општината е поживо од останатите.
„Во Новаци има жители, и млади и стари. Другите села се иселени, уште од времето на Југославија, немаше ни пат, немаше услови за живот, луѓето заминаа во градот да си работат во фабриките. Маково, Рапеш, Брод, тие села се речиси празни, млади нема освен некои што се враќаат за викенди, а постарите кога ќе влезат во пензија, ќе си ја средат куќата и си живеат тука. Новаци е густо населено село, а другите се со по 10, 15 или 20 жители. Младите одат во странство, ама има и некои што се задржуваат тука. Во Новаци сточарството не е нешто посебно развиено, стока многу немаме, а луѓето се занимаваат со земјоделство, си садат сончоглед, пченка, сејат пченица и се вработени“, вели жител на селото Новаци.
Пред неколку децении демографската слика на селата била многу подобра од денес.
„Во 1973 година сум отселена од Гермијан во Битола. Тогаш имаше жители, училиштето беше полно со деца, имаше настава во две смени. Селото е од разбиен тип“, вели Нада Кочовска која потекнува од селото Гермијан.
Драги Стефановски од селото Долно Агларци објаснува дека пред пандемијата на коронавирусот, во селото било пораздвижено, имало повеќе луѓе.
„До 2018 година имаше повеќе народ. Се чувствува дека е празно, дури сега мислам дека имаме и помалку жители од таа бројка што беше на пописот“, вели Стефановски.
Локалната самоуправа доделуваше парична помош за новороденчиња, првачиња, но и за склучување на бракови изминативе години со цел да ја подобри демографската состојба.
Според податоците од Пописот 2021, густината на населението во државата изнесува 72 жители на еден километар квадратен. Најголема густина на населението има во скопската Општина Чаир. Таа зафаќа површина од само 3 км2 со густина на населението од 20.862 жители на км2. Aко споредиме со регионот, во руралните и планинските општини во Босна и Херцеговина(БиХ) и во Хрватска исто има мала густина на населението. Според податоците на Светска банка од 2022 година, Црна Гора се издвојува од другите земји во регионот со помала густина на населението.
Сања АтанасовскаМожеби ќе ве интересира
Пријава против поранешниот градоначалник на Демир Капија за контаминирање вода за пиење
ДЕНЕСКА ПОЧНУВААТ НОВОГОДИШНИТЕ ЗАБАВИ - градоначалникот најавува активности за сите генерации
ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ со контрарезолуција во Собрание дека СДСМ лаже за мигранти
Предлог за разрешување на главниот обвинител Коцевски утре на седница на Парламентот
Штип ќе им додели „бонус“ од 100 евра за Нова година на 100 пензионери
АКО ПАТУВАТЕ КОН ГРЦИЈА НЕ ОДЕТЕ НА ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН ЕВЗОНИ - најавени нови блокади, еве кога
Дејан Манасков приведен во Охрид поради физички напад на противнички тренер
Од фирма од Битола до невладина од Скопје: кој стои зад „Зимзоленд“




