Само една петина од ваучерите искористени летово
Објавено во: Економија 28 Август, 2020
Само една петина од ваучерите за летување се искористено до сега во текот на летната туристичка сезона која што е на изминување. До 25 август 20.673 граѓани ги искористиле ваучерите за домашен туризам, додека вкупниот број на доделени е 117.122, а нивната важност започна од 15 јули.
– Според Увидот во платформата може да се констатира дека во Охридско-струшкиот регион се искористени 50 проценти од ваучерите, во планинските места, во Маврово, Шапка, Берово и Пелистер, 25 проценти и во Дојран, Ресен и Крушево, останати 25 проценти – изјавија за „Слободен печат“ од Министерството за економија.
Со ваучерите во вредност од 100 евра граѓаните може да летуваат дома со цел да се зајакне домашниот туризам за време на пандемијата. Со оваа мерка се опфатени сите што примаат плата помала од 15.000 денари, а важноста на искористување е до крајот на годината, односно до 15 декември. Ваучерот може да се користи во домашните хотели и други капацитети.