18 Април, 2024
0.0258

Самоуништувачкиот синдром на Македонецот

Објавено во: Колумни 30 Ноември, 2013

Добивај вести на Viber

Големиот филозоф Томас Хобс покрај многуте писанија, филозофски размисли и мудри изреки е познат и по две сентенци. Homo homini lupus est (Човек на човека е волк) и Belum omnium contra omnes (Војна на секој против секого). Овие максими Хобс ги искажал објаснувајќи ја природната состојба и потребата на луѓето да создадат држава по пат на општествен договор. Но од денешна перспектива размислувајќи за она што ни се случува последниов период можам со право да кажам и без тронка влакна на јазикот, дека овие максими и те како се етаблирани во нашето општество и се однесуваат на самоуништувачкиот синдром на нашиот народ. За мене фактите се закон и затоа кога толкувам одреден социолошки феномен примарно ми е појаснувањето врз основа на факти и аргументи.

Спилбергово сценарио за великанот на македонскиот ракомет

Деновиве сме сведоци на едно грубо, безкрупулозно, па дури и со право можам да го наречам огавно и вулгарно омаловажување на наш познат спортски деец, спортист кој покажал и докажал дека со сето срце и душа ја љуби својата татковина, максимално се дава бранејќи ги боите на репрезентацијата и со гордост го носи македонскиот репрезентативен дрес.

Истиот тој спротист искануван и величан дома и во светот, во однос на неговите спортски вештини, знаења и таленти е член и на одреден спротски клуб бидејќи по дифолт и тој како врвен спортист чија примарна дејност е спротот треба да обезбеди егзистенција за себе и за своето семејство. Великанот на македонскиот ракомет има само еден „грев“ бил на спортски натпревар во нашето соседство и замислете навивал и бодрел тим кој не е од нашата држава.

Колку ли голем грев сторил та дел од македонските навивачи, спортски дејци и љубители на спортот да го омаловажуваат, да исценираат дури и лажни приказни одејќи дотаму што пишуваа сценарио рамно на Спилберговото: глумел повреда, само за да бодри тим кој не е македонски!!!

Што е тоа во луѓето тажно што ги тера да навредуваат

Навреда, клевета, насилство и вербална агресија врз некој кој докажал и покажал како со срце и душа се бранат боите на државата - дали тој истиот треба да биде мета на омраза, подбив и омаловажување? Деновиве таа дилема ме мачи, а уште повеќе ми ја стега душата и горчина ме облева од негативниот набој и измислените приказни за спортистот кој во целиот свој спортски беграунд не направил нешто со кое би се срамел и нешто кое него би го понижило. Себе си си го поставувам прашањето и гласно размислувам: што е тоа во луѓето тажно што ги тера да навредуваат, омаловажуваат и вулгаризираат личности кои доскоро време ги величеле и ги ставале на пиедесталот како богови?

Дали некој се запрашал од сите тие кои што исфрлаа говор на омраза, колку е вреден за нашата држава тој спортист, колку има дадено за неа и дали е еклатантен пример на спортски амбасадор. Дали сите тие сејачи на нетолеранцијата подразмислија дека истиот тој има семејство, пријатели, луѓе кои го почитуваат и пред се совест и свест кои и те како ќе го запечат кога ќе ги чуе сите негативности кои кон него беа упатени. Дали совеста, кај оние кои се обидоа дури и да кренат рака на него апсолутно занемела и тој нивен внатрешен судија апсолутно исчезнал кога станува збор за случајот кој што го споменуваме.

Самоуништувачкиот синдром полека навлегува во севкупното општествено миље

Уф морници ме лазат и душата ме боли од омразата која не навјасува безпредметно, бессовесно и без реална и разумна причина. Не би сакал да вулгаризирам, но овој случај ми ја потикнува размислата дека длабоко во нас е посеено семето на злото, омразата, нетолеранцијата, непочитта кон секој кој е поинаков од нас. Самоуништувачкиот синдром никако не сакам да не зафати, но како што тргнале работите полека навлегува во индивидуите и во севкупното општествено миље. Да посакаш да навредиш и повредиш некого за мене е рамно на животински инстинтк и нагон, а неразумно за човек како најсовршено битие. Она што неможам да им го простам на оние кои изговараа вулгарни зборови е безобразието со кое тоа го правеа и изразот на нивните лица кои оддаваше вистинска желба за освета кон таа личност.

Една рака народ сме и не смееме да дозволиме она што е вистински вредно да се уништи

Кај сме и до каде ќе стигнеме со ваквиот начин на негирање на она што вреди кај нас, без оглед дали станува збор за спортист, научник, естраден уметник. До каде ќе стигнеме ако од нас извираат зли јазици и душата ни е отруена од негативни дејанија. До никаде, во бестрага. Она што сакам да го порачам и да допре до секој добронамерник и вистински љубител и уживател на спортот е да спортската култура и спортскиот бон тон станат негови приоритети при посета на секоја спортска манифестација. Наместо омраза да исполува среќа и подршка, наместо нетолеранција на пиедесталот на врвни вредности да ја стави толеранцијата и разбирањето на секој кој е поинаков од него и наместо семе на злото да всадува и шири цвеќе на добродетелството.

Една рака народ сме и не смееме да дозволиме малкумината таленти да ги навредиме, не смееме да дозволиме она што е вистински добро и вредно навистина да се омаловажи и уништи и не смееме да дозволиме секој кој придонесува за добробит на државата да биде предмет на предрасуди. Нека овој случај ни биде ука и поука за сите лоши работи кои сме ги направиле и нека во иднина пред да искажеме одредена негативност добро да размислиме кого повредуваме и кого навредуваме – со самото тоа ние се негираме и себе си и сопствениот народ. Нека царува љубовта, разбирањето, толеранцијата и возвишувањето на секој оној кој прави добро за државата и кој со својот пример покажува и докажува како се сака сопствената држава.

Д-р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија

Филозофски факултет - Скопје

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок