Сања Арсовска: Да се тргнат нечистите раце од синдикалната борба
Објавено во: Македонија 29 Јануари, 2017
Приоритетите
на Министерството за култура, партијата и популизмот пред уметноста и
културата, пластичните чудовишни згради пред живите уметници и културни дејци,
лошата распределба на средства, фрлање пари за уметници кои својата
неспособност ја спакувале во партиска послушност, зашто тоа им е единствена шанса да сработат
нешто се само дел од горливите проблеми во секторот култура, вели за Фактор,
актерката Сања Арсовска, претседател на Синдикалната организацијата на Драмски Театар.
Вработените во институциите од културата вели се деградирани како никогаш досега, колективни договори нема, условите се лоши за работа, а власта по брза постапка наметнува измени во Законот кои дополнително ја деградираат фелата.
“Во целиот културолошки хаос не останаа поштедени уметниците и културните работници во државните институции. Министерството им изготви нов закон кој се изгласа по брза постапка и без јавна дебата во Собрание, а е на голема штета на вработените. Им ги ограничи правата и слободите на вработените, се со цел да ги држи под контрола и замолчени сите вработени. Сега ни спрема и нов колективен договор само за да ги го завцрсти поубаво обрачот околу вратот. А вработените во културата и пнатаму работат со субстанардни услови, на археолозите, конзерваторите, реставраторите веќе 7 години им е укината дневницата за теренска работа, укинати се дневниците за гостување на театрите низ државата. Добро, да, ги покачија платите во секторот култура, на што Министерството особено се гордее и убаво е што се присеќава колкави биле платите во 2006, само не знам зошто не се сеќава каков бил животниот стандард тогаш, во однос на сега”- вели Арсовска.
Дека состојбата во културата ќе стигне до ова дереџе вели било јасно уште од 2010 година со објавата на промотивното видео за Скопје 2014. Само што тогаш, додава биле наивни и не верувале дека проектот ќе се случи.
“Не мислевме дека некој би се дрзнал да убие еден град и врз него да изгради кичовидна инсталација. Мислам дека само оваа власт, Трамп и мафијата на Неапол (според тоа како им се уредени домовите) во 21 век негуваат таков невкус во дизајнот. Згора на некусот, нашава влада проектот ни го сервира како национален идентидет. Па како да не боли?!”- нагласува Арсовска од Синдикатот на културата.
Па така, според неа сега има нови градби без никакво културно и историско значење, додека нашето вистинско културно богатство скапува, а некои градби се бришат и од листата на заштитени културни споменици само заради градежните апетити на владата. Се зборува за квантитет, а квантитативните нормативи вели не можат да важат за културата и уметноста и тоа е она што министерството никако не може да го разбере.
“А проектите реално чинат, но кога би сакале сите проекти да ги валоризирате уметнички, се стравате пред исклучително тешка експедиција ”Барање игла во сено”.Министерството мислеше дека е подобро да се изгради Археолошки музеј наместо да ја заштити најзначајната културно-историска институција Музејот на Македонија во кој во истото време додека се градеше Археолошкиот музеј беа украдени 166 артефакти. Министерството смета дека е попаметно да даде државни средства на автори и режисери блиски до властите, за да го продолжи трендот на осакатување на културата и уметноста, свесно дека тоа што го финансираат нема никаква вредност, дека книгата ќе биде прочитана од шестмина, а претставата ќе се изигра 3 пати од кои само премиерата ќе се игра во полн салон. Министерството субвенционира со 4/5000 евра пејачи кои ќе влезат во студио на 15 минути и ќе измантраат ”Македонијо, Македонијо”, додека само еден актер кој три месеци работел на улога за своето остварување би можел биде награден со 500 евра на фестивалот Војдан Чернодрински”- потенцира актерката Арсовска.
Синдикатите како што вели треба да комуницираат со политичките партии и со власта, но треба да останат во надредена, а не подредена состојба, треба цврсто и непопусливо да ги заспапуваат правата на работниците, а не да ги задоволуваат властите. Состојбата во ССМ според неа само ја потврдува моралната деволуција во државата.
“Воопшто не сум изненадена што Митревски на најпримитивен начин решил да се справи со проблемот. Ќе бев изненадена доколку тој достоинствено се повлече и доколку институциите ја почитуваа одлуката за неговото разрешување. Ама кога имате претседател на Сојуз на синдикати кој се втурнал во прегратките на власта, смешно е од него да очекувате достоинство и интегритет, туку само покорност и сервилност. Нему му е дозволено само на другата страна да глуми авторитет и да кажува колку е во право. А Митревски е до толку во право, што му требаа рекетари за да докаже, до толку е во право што се плаши јавно да се соочи со колегите од ССМ.
Оттука и создавањето на СКРМ. Кога ќе увидите дека најголемиот синдикат на образование, наука и култура СОНК, ги преспива сите лоши реформи, закони, логично е оние кои будно следат каква неправда се случува врз работниците да се обединат и да формираат нов, независен синдикат преку кој ќе се борат за оставување на своите права” –вели Арсовска.
Од една страна објаснува дека има синдикати кои се потчинети на власта, се плашат да се спротивстават, да критикуваат, а од друга има синдикати кои и пркосат на власта и храбро и недвосмислено и покрај многу опструкции и притисоци, се борат за работничките права. Стравот вели постои и ќе постои, особено кај оние кои на сомнителен начин го добиле работното место, но од друга страна оние кои се сигурни во своите професионални капацитети и кои добиле работа заради свои лични, а не партиски заслуги, немаат проблем гласно да ги артикулираат проблемите и да се конфронтираат со надредените.
С.Б.