СДСМ ќе се посвети на домашните реформи по ветото од Бугарија
Објавено во: Македонија 09 Декември, 2020
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија претпладнево излезе со реакција откако вчера Советот на министри на Европа дефинитивно не ја усвои преговарачката рамка, во која владеачката партија тврди дека ветото од Бугарија нема да ги обесхрабри кон настојувањето за добивање на датум за преговори со ЕУ.
Од СДСМ велат дека во наредниот период Владата и државните инстуции, како што велат од таму, ќе го засилат темпото и ќе ја зголемат предноста во реформи што Македонија ја има во однос на државите од регионот.
„Неодобрувањето на преговарачката рамка за Република С. Македонија од страна на Република Бугарија е на штета на осовните принципи и вредности на кои почива Европската Унија.
Со таквиот потег, Бугарија застана на патот на нашата европска интеграција за која претходно, во повеќе наврати, институциите на ЕУ и сите останати земји членки одделно, вклучувајќи ја и Бугарија, потврдија дека целосно ги исполнуваме условите.
Македонија никогаш нема да се откаже од правото на самоопределување на македонските граѓани кое е гарантирано со Повелбата на ООН, Универзалната декларација за човекови права, Европската конвенција за човекови права, Лисабонскиот договор и темелните вредности на Уставот на Република Македонија.
Македонскиот национален идентитет не беше, не е и во ниту еден случај нема да биде предмет на преговори и разговори.
Македонскиот народ и македонскиот јазик се столбовите на нашиот македонскиот идентитет.
Ветото од Бугарија нема да не обесхрабри, нема да дозволиме застој на внатрешните реформи што се за доброто на нашите граѓани и нашата држава. Напротив, Владата, државните инстуции, ќе го засилат темпото и ќе ја зголемат предноста во реформи што Македонија ја има во однос на државите од регионот.
Владата предводена од СДСМ останува на истиот стратешки колосек. Испорачавме полноправно членство во НАТО и ќе ја придвижиме земјата и кон ЕУ!
Европските стандарди ги носиме дома. За нас, како и за огромното мнозинство граѓани нема нема друга алтернатива освен интеграција во ЕУ. Нашата, македонска иднина е европска“, се вели во соопштението на СДСМ.