19 Април, 2024
0.0269

Се критикува нееднаквоста, но политиките и натаму ги штитат богатите!

Објавено во: Колумни 27 Јануари, 2014

Добивај вести на Viber

Неуспехот во заздравувањето на економиите во најразвиените капиталистички земји и по пет години на досега невидена државна интревенција (огромни фискални стимулации и политика на ултра евтини пари) изнуди, на годинешниот собир на светската политичка и економска елита, сериозно да се проговори за вистинската причина на најголемата криза по Втората светска војна- за зголемувањето на нееднаквоста и во одделни земји и меѓу богатите и сиромашните земји во светот. Се потиснаа аргументите за дерегулацијата на финансиските системи и на меѓународниот финансиски систем, за глобалните нерамнотежи, за грешките во монетарната и фискалната политика како причини за кризата. Но, не дека тие не придонесле за нејзиното избувнување и продлабочување, туку дека не се примарни. „Пра-причината“ е порастот на нееднаквоста, односно опаѓањето на куповната моќ на работништвото. Таа води до намалување на побарувачката, бидејќи на потенцијалните потрошувачи им се намалуваат приходите, а поради тоа не може да   се реализираат произведените стоки и услуги. Во таква ситуација, должниците не можат да ги враќаат кредитите, а на банките им се влошува материјално- финансиската состојба. Со тоа се доведува во прашање процесот на репродукција на капиталот. Свртувањето на вниманието кон нееднаквоста како причина за кризата во Давос остана на ниво на констатации, без предлози кои би довеле до промени во сферата на распределба во капиталистичката репродукција (за волја на вистината, американската администрација предлага да се зголеми минималната надница на вработените, но неизвесно е како ќе заврши предлогот, со оглед на моќта на силите што се спротивставуваат). Единствено кинескиот премиер повика да се воспостави и унапреди  отворен глобален трговски и економски систем со цел  да се постигне заеднички просперитет, како би можеле сите земји да живеат од вредностите што ги создаваат, а не од привилегиите што ги стекнале со наметнување.   Ваквото барање не одекна далеку. Можеше да се прочита само во кинески извори. Затоа може да се каже дека и по годинешниот Давос, на Запад нема ништо ново во врска со преобликувањето на светот. Западните земји се’уште се заинтересирани само за решавање на сопствените проблеми (да го зголемат економскиот раст и вработеноста) како тие да немаат врска со глобалните проблеми. И затоа во Давос дојдоа до израз расправите за начинот за надминување на кризата, особено дилемата дали да се продолжи со стимулирање на потрошувачката (преку државна интервенција со фискални и неконвенционални мерки на монетарната политика) или да се почне со штедење, за да се избегнат опасностите од пораст на инфлацијата и последиците во меѓувалутните и трговските односи на глобално ниво. И натаму се потценува фактот дека последната криза беше последица и на неодмереното искористување на привилегиите на земјите чии валути вршат и меѓународна улога. Незамисливо е дека земјите на доларот, еворото, фунтата и јенот, пред кризата, би воделе во толкав обем релаксирани фискални и монетарни политики доколку постоеше глобална валута. Уште е помалку веројатно дека, во надминувањето на кризата, би продолжиле со истите, но поинтензивни мерки. Вредностите на нивните валути би претрпеле големи девалвации во однос на глобалната, со сите последици што произлегуваат од тоа врз нивните национални стопанства. Но,  во отсуство на глобална валута тие и натаму сметаат на преливање на дел од сопствените проблеми врз земјите кои нивните валути ги користат како средство за меѓународни плаќања и/или за монетарни резерви. Затоа се’уште не се заинтересирани за глобални реенија. Меѓутоа, веќе е проблем до кога ќе можат да го прават тоа, бидејќи се предупредува на опасност од пораст на протекционизмот односно од можни валутни и трговски војни и назадување на процесите на глобализација преку мултилатерализација на меѓународните економски односи. Заострувањето во меѓународните односи ќе се одрази и врз односите на трудот и капиталот  во националните економии во насока на нивно заострување. Затоа, тоа не е во интерес на националните економии. Нема никакво сомнение дека штетите од таквиот развој на настаните се поголеми од бенефитите, но не треба да се заборави и тоа дека главни корисници на бенефитите се политичките и бизнис елити во националните економии, а штетите ги поднесуваат широките маси (преку зголемување на нееднаквоста, односно преку опаѓањето на куповната моќ на населението). Но, и тоа има крај. Со заострувањето на меѓународните односи се намалуваат можностите за ублажување на спротивставените интереси меѓу трудот и капиталот во одделни земји, со сите реперкусии што од тоа можат да произлезат за развојот на нивните општества. Засега, од однесувањето на елитите може да каже дека тие не очекуваат пораст на тензиите кои не можат да ги контролираат. Со ова се објаснува и заобиколувањето на барањата за темелно реформирање на меѓународниот монетарен и финансиски систем, односно за елиминирање на националните валути во функција на светски пари т.е. за креирање на глобална валута. Ваквиот однос им дава за право на оние кои сметаат дека најбогатите во Давос в година ќе се вратат уште побогати. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок