19 Април, 2024
0.0284

Се може и без ЕУ, но не и без европските вредности!

Објавено во: Колумни 23 Септември, 2013

Добивај вести на Viber

Статус-кво ситуацијата во решавањето на проблемот со името Република Македонија што го има Грција и повеќегодишното  вето што таа го става, при секоја можност за наше приклучување во НАТО и во ЕУ изнудува земјата да се подготви за нова стратегија во остварувањето на нејзините евроатлански аспирации. Наместо да се чека да се одоброволи Грција за земјата да го добие местото што го заслужува во НАТО и во ЕУ Македонија треба да подготви стратегија и нејзина операционализација во насока на остварување на европските вредности и надвор од ЕУ.

Значи, не да се откаже од интегративните процеси, туку да ги интензивира со цел фактички да напредува во освојувањето на европските вредности во сите сфери на општественото живеење. Впрочем, мало е фајдето од приклучувањето во ЕУ ако земјата не е подготвена доследно да ги спроведува клучните принципи во функционирањето на интеграцијата. Во таков случај, земјата наместо да биде вистински интегриран дел во целината, таа станува привезок и своевиден товар на интеграцијата. Да не забораваме дека повеќе земји кои недоволно подготвени влегоа во ЕУ се соочуваат со сериозни проблеми и се третираат како товар на водечкиот круг земји на Унијата. За разлика од таквите земји, има европски земји што не се членки на ЕУ ама ги ужуваат благодетите од европските цивилизациски вредности. Македонија е се‘уште далеку од ситуација да биде земја која ќе влезе во групата на држави чии граѓани живеат поквалитетно иако не е дел од ЕУ, меѓутоа, не треба и да се потценуваме дека, доколку искрено се сака, и тоа како можат да се остварат подобри резултати во развојот, кој пак директно придонесува до подигање на животниот стандард.

Јасно е дека посакуваните резултати би ги постигнале побрзо и со помал напор доколку станеме членка на Унијата, пред се‘, како резултат на ефектот од функционирањето на единствениот пазар и единствената валута. Но, тоа не е неможно да се оствари и доколку подолго  останеме пред вратите на ЕУ. Впрочем, веќе неколку години Македонија ги исполнува критериумите за членство во еврозоната- 3% буџетски дефицит и 60% јавен долг. Додека повеќето членки на еврозоната овие лимити ги надминуваат за повеќе процентни поени, Македонија го надминува само лимитот за буџетскиот дефицит и тоа само за 0,5 односно 0,9 процентни поени, во минатата и оваа година.

Во овој контекст треба да се има предвид дека Македонија е меѓу ретките земји која е надвор од еврозоната, а спроведува монетарна политика врзана со фиксен курс на националната валута во евро (ги спроведува принципите на златно важење). На тој начин таа ги трпи последиците од промените во вредноста на еврото, а нема никаква поддршка од европската централна банка, каква што остварија членките во надминувањето на должничката криза, а пред тоа користеа ефтини кредити за развој. Некои од нив дури и се побунија заради изнудените мерки за интерна девалвација, а Македонија, самата, со ништо необврзана, деценија ипол, води политика на интерна девалвација за да ја одржи конкурентноста на македонското стопанство на странските пазари. Како последица на тоа се ниската стапка на раст, високата невработеност, ниските плати и големата сиромаштија. Сето тоа населението го поднесува стоички, со надеж дека соодветно ќе биде валоризирано со оценката за приклучување во Европската  унија. Додуша, надлежните тела на Унијата тоа и‘ го признаа на Македонија четири години со ред, меѓутоа, земјата не добива датум за отпочнување на преговори за пристапување поради ветото на Грција.

Ова укажува дека доколку се сака  остварувањето на европските вредности без членство во ЕУ не е неостварлива мисија. Особено по потпишувањето на Меморандумот за исполнување на стратешката цел за членство на Република Македонија во Европската унија.  Се разбира, доколку зад него стојат потписи на неколебливи политички субјекти да ги остваруваат европските вредности, независно од тоа дали целта ќе ја постигнат преку зачленување во ЕУ или надвор од ЕУ. Притоа, суштествена е согласноста дека не се работи само за остварување на економските критериуми за членство во ЕУ, туку и за оние кои се однесуваат на слободата на медиумите и изразувањето, на слободните и фер избори,  на владеењето на правото и независноста на судството, како и на борбата против корупцијата и криминалот.

Значи проблемот повеќе се детектира во нивото на подготвеност на политичките елити да се остварат и почитуваат европските вредности (слобода и демократија во сите сфери на живеење, стабилност, безбедност, одржлив развој, заштита на животната средина...) кои се неопходни за доброто на граѓаните, а не за потребата Македонија сега и веднаш да влезе во ЕУ затоа што после тоа сите би живееле многу посреќно и многу повесело. Затоа кога барем веќе и декларативно ја промовиравме волјата со потпишувањето на Меморандумот нема никаков резон и понатаму да се чека. Треба да се постапи според тоа што наметнува ситуацијата. Ако не е можно вредностите за кои е заинтересирана земјата да ги оствари со членство, да се насочи да ги постигне и без членство во Унијата. А тоа не е неможно.

Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок