05 Декември, 2025
0.0297

Се отвори ли Пандорината кутија за менување на учебниците, па и на тие по историја?

Објавено во: Анализа 08 Декември, 2017 07:00

Добивај вести на Viber

Министерството за образование и наука при промоција на предлог буџетот за наредната година сосема кратко се осврна на учебниците за основното и средното образование кои со тек на време ќе добијат нови и поквалитетни содржини. Сепак, тоа беше доволно опозицијата да нападне со сите оружја и да ја обвини министерката Дескоска, како и владата на СДСМ дека тоа е знак за потклекнување пред „диктатот“ на Бугарија за менување на историските факти. 

„А што е фактографија? Пластично објаснето: датумот кога е роден Делчев, неговото образование, неговото учество на Конгрес, основањето на четничкиот институт итн, тоа се ФАКТИ. Прашањето е, што ќе менувате од ова министерке? Македонската и бугарската историографија немаат никакви недоразбирања околу фактите, недоразбирањата се околу ТОЛКУВАЊЕТО на фактите. Бидејќи кај нас сите мислат дека историјата е сувопарно прераскажување на датуми, вклучително и министерката и нејзините советници, бидејќи кај нас секој си зема за право да се бави со историја, и од лево и од десно, ќе треба да им се објаснува дека историјата е анализа на фактите со причинско последични врски и дека не може секој кој ќе се запие во меана да биде историчар, пишува историчарот Никола Србов на социјалните мрежи.

Тоа што вчера министерката за образование го најави беше сосема кратка изјава за менување на учебниците, но на тие што се неквалитетни, контроверзни и полни со грешки, какви што впрочем беа и јавно критикувани во последните неколку години со сомнежи дека зад нивната изработка стоеја нестручни лица кои и удоволуваа на поранешната владејачка гарнитура за зацврстување на одредени десничарски и историски идеи.

„Најзначајната инвестиција во делот на основното и средното образование се предвидените средства за изготвување на нови и квалитетни учебници. Треба да се има предвид дека пишувањето на учебници е сериозен и долг процес. Затоа сакам да најавам дека предност во процесот ќе му дадеме на квалитетот, а не на времето за изработката на учебниците“, посочи министерката Дескоска при промоција на предлог буџетот за образование за 2018 година.

Повеќе детали од МОН за начинот на кој ќе се менуваат учебниците, особено тие по историја засега нема, но ако се земе во предвид изјавата на Зоран Заев дадена за бугарска телевизија дека ќе се брише терминот бугарски фашистички окупатор тогаш може да се претпостави што измените би опфатиле. Премиерот секако, не е историчар но сигурно не ја дал оваа изјава случајно. Така се очекува компромисот да биде направен со тоа што ќе се говори за фашистичките војски без да се прецизира од која националност се бидејќи станува збор за екстремна политичка и воена определба, а не за национална определба. По таа логика Заев посочи дека ниту Германија денес ниту целиот германски народ не заслужува ниту е нарекуван нацистички или фашистички во тој контекст.

Сепак, конечните измени и потврдените содржини ќе следат дури по формирање на заеднички историски комисии кои за да постигнат меѓусебен договор сигурно ќе биде потребно време, а и тој процес ќе биде будно следен од стручната, но и сеопштата јавност. 

Тука немаме намера да бидеме ниту историски експерти, ниту да тврдиме што е добро, а што не е да се прифати, туку укажуваме дека барем засега од јавно достапните и расположливи информации на МОН нема знаци дека конкретно ќе се менуваат учебниците по историја за угодување на бугарската страна.

Менувањето на било кој учебник мора да биде квалитетно изработено, да ги опфати најновите научни знаења, да ги следи модерните педагошки трендови и да биде стручно подготвен без претенциозни тврдења и застапување на нечии гледиште, најмалку во образованието каде се формира „умот“ на идните генерации.

Автор: Христијан Станоевиќ

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

КАМЕРИТЕ СЕ БОЈАТ, КРШАТ, КРАДАТ И ФРЛААТ ВО РЕКИ: Еве како поминале камерите на Сејф сити во земјите низ Европа и на Балканот

КАМЕРИТЕ СЕ БОЈАТ, КРШАТ, КРАДАТ И ФРЛААТ ВО РЕКИ: Еве како поминале камерите на Сејф сити во земјите низ Европа и на Балканот

СДСМ се „пере“ од Груевски – Се враќа ли опозицијата на „антирежимските“ корени

СДСМ се „пере“ од Груевски – Се враќа ли опозицијата на „антирежимските“ корени