19 Април, 2024
0.0353

Се подготвува сечење на „Доњецкиот јазол“

Објавено во: Колумни 13 Септември, 2019

Добивај вести на Viber

Кон крајот на месецов, а можеби и на почетокот на октомври, најверојатно во Париз ќе се одржи средба на врвот на таканаречената нормандиска четворка“. Целта ќе биде подготвување на конечно решение за истокот на Украина кој сега во добар дел е под контрола на проруските сили. Дали канцеларката Ангела Меркел и  претседателите Емануел Макрон, Владимир Путин и Владимир Зеленски ќе успеат да го пресечат „Доњецкиот јазол“? Како што стојат работите ако во тоа не се успее, тогаш наместо напредок ќе има назадување, а тоа значи замрзнат конфликт со сите негативни последици. Пред се’ за Украина, но и за населението кое што сега живее на териториите под контрола на проруските сили.

Украинскиот претедател Владимир Зеленски полека ги исолнува или се обидува да ги исполни предизборните ветувања. Тој во предизборието рече дека ако треба ќе се сретне и со Путин, за да ги ослободи Украинците, политички или воени затвореници, од руските затвори и дека ќе донесе мир во Донбас. Во услови на закрвеност меѓу спротивставените страни, тоа ќе оди тешко, особено за Зеленски, кого што некои сили во Украина би можеле да го наречат „капитулант“, па и да преземат некакви дејства против него. Но тој засега не се плаши од такво нешто.

Вчера украинскиот претседател на прес конференција најави дека Украина подготвува карта за исполнување на Минските договори со конкретни рокови за тоа.-Следните чекори се средба во нормандиски формат, и јас верувам дека на таа средба ние можеме да решиме многу клучни и навистина сложени елементи од минските договори, изјави Зеленски. Според него на средбата на врвот ќе се расправа за „формулата на Штајнмаер“ и за сите точки од минските договори. Тој најавува дека Украина ќе се бори за заштита на „секоја капка“ од украинските национални интереси.-Вие знаете дека јас не ги потпишав Минските договори. Но ние сите разбираме дека сега одговорноста паѓа врз мене. Никој не ја отфрла таа одговорност, зашто тоа е наша земја, додаде Зеленски. Тој би сакал средбата да се одржи во септември, затоа што враќањето на сите украински пленици и мирот се приоритетна задача за него, како претседател.

Средбата на врвот на „нормандиската четворка“ е прва по 2016 година. Во меѓувреме се’ се одвиваше со телефонски разговори или видео врски. Но не беше постигнат никаков резултат. Оваа средба е плод и на неодамнешните разговори на Макрон со Путин и на овој со Ангела Меркел. Претходно со францускиот претседател и германската канцеларка средби и разговори имаше и Зеленски. По сето ова, а имајќи го предвид приодот на Зеленски кон државните прашања и проблеми, средбата како да се наметна сама по себе. Изненадува отвореноста, барем засега во решавањето на прашањето на Донбас, односно неговото враќање под контрола на Ураина.

Во светлината на подготовките на оваа средба, вчера еден од лидерите на Донбас изјави дека за него најдобро решение би било претворањето на таа територија во федерална единка на Руската Федерација. Се разбира ова може да се сфати и како став кој би бил „спроведен“ во сила доколку работите тргнат поинаку од она што е напишано во Минските договори. Канцеларката Меркел неодамна изјави дека заедно со претседателот Макрон работат врз организирање на средбата на врвот. И таа и Макрон искажуваат големи надежи и очекувања од средбата. Тие не сакаат средба, заради средба. Сакаат конкретни резултати. Владимир Путин, неодамна рече дека нема алтернатива на „нормандискиот формат“, но побара пред одржувањето на средбата да се исполни барем нешто што е досега договорено, уште пред целиот дипломатски процес да влезе во ќорсокак. Се чини дека неодамнешната размена на пленици по формулата „35 на 35“ е токму она „барем нешто“ што побара Путин. Сега веројатно следи и де факто одвојување на воените сили и на тешкото оружје.

Минските договори имаат десетина точки. Досега, некои сметаат дека се исполнети три од нив. Има прекин на огнот, кој секојдневно се нарушува, одвоено е тешкото оружје, но и тоа не е до крај направено, а има и мониторинг од ОБСЕ. Сега следува исполнување на другите точки кои зборуваат за локални избори во согласност со украинското законодавство, како и за автономија на тие региони, што значи и промени во уставот на Украина. Па после тоа прогласување на амнестија на лицата што учествувале во конфликтот. Токму овие точки ќе ја стават на испит цврстината на власта на Зеленски и неговата партија „Слуга на народот“. Некои украински експерти сметаат дека Украина мора да почне да ги спроведува Минските договори, бидејќи работите веќе одат кон укинување на санкциите кон Русија и во таков случај Украина би останала сама да води дијалог со териториите кои не се под нејзина контрола. Украина  досега одбива да води преговори со нив, а како посредник се јавува Русија. Но таа не става потпис под ниту еден документ, затоа што смета дека не е дел од конфликтот. Па тоа го прават претставниците на одметнатите територии.

Доколку наредниве денови дојде и до вистинско одвојување на војските, тогаш ќе следи средбата во Париз. Најверојатно ќе се оди кон корекција на „патната карта“ договорена во Берлин. Но и на таканаречената „формула на Штајнмаер“. Со оглед на тоа што Украина не сакаше да ги спроведе Минските преговори онака како што се предвидени, беа барани модалитети да се направи „формула“ прифатлива за сите страни. Валтер Штајнмаер, тогашен министер за надворешни работи на Германија, а сега претседател, предложи Украина прво да донесе Закон за избори на Донбас, а потоа да дојде до одвојување на војските. После тоа следи одржување на избори, и по нивното признавање од страна на ОБСЕ, Украина е должна да му даде на Донбас посебен статус. Понатаму „формулата“ предвидува целосно повлекување на силите на Донбас и враќање на државната граница под контрола на Украина.  За време на претседателствувањето на Петар Порошенко оваа „формула“ не се применуваше, па спроведувањето на договорите беше замрзнато. Се чини дека така сакаше Порошенко, да има конфликт кој тлее и да го користи како оружје против Русија кога ќе му затреба за внатрешна или надворешна употреба.

Работите се сменија со доаѓањето на Зеленски. Сега Русите сакаат „Формулата на Штајнмаер“ да се стави на хартија како документ-патна карта. Најверојатно ќе дојде и до корекции на оваа формула. Но колку и во која насока не може да се знае сега. Најверојатно за такво нешто се прават подготовки и во Украина и во Русија, но не се исклучува и ангажман на Германија и Франција. Се со цел да се дојде до некој компромис. Ова од причина што во Украина „формулата на Штајнмаер“, коригирана или не, во законот за посебен статус, ќе мора да помине во украинскиот парламент. А тоа ќе покаже колку пратениците кои во мнозинство се од партијата на Зеленски се подготвени да ја поддржат неговата прокламирана предизборна цел за мир на Донбас. Украинската јавност како да ја подготвуваат за такво нешто. Некои претставници на власта веќе зборуваат дека со децентрализација како што предвидува еден предлог закон подготвен порано, Донбас би добил повеќе отколку со автономија! Што и да биде, парламентот ќе мора да гласа и за амнестија, а и тоа не е мал залак за власта. Да не се случи да и’ застане во грло.

Украина е непредвидлива. И поранешниот претседател Виктор Јанукович имаше мнозинство во парламентот, но знаеме како заврши. Ветер во грбот на Зеленски дува една анкета, спроведена од 6 до 10 септември, која покажува дека во него имаат доверба над 70 проценти од испитаниците, што е зголемување за еден и пол пат во споредба со анкетата во јули. Од работата на новиот состав на парламентот се задоволни 30 отсто од испитаниците. Дали сето ова е доволно за носење болни решенија или пак ќе бидеме сведоци на нов „Мајдан“? Украина не е подготвена за нов „Мајдан“. Која е алтернативата на останување на ситуацијата во Донбас статус-кво? А патем да се знае дека Франција и ги отвора портите на Русија кон Европа.


Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок