04 Мај, 2024
0.1510

Сечење на универзитетската автономија

Објавено во: Колумни 13 Декември, 2015

Добивај вести на Viber

Мудрите, вредните и умни луѓе своите работни обврски ги извршуваат во текот на денот, во работно време предвидено согласно професијата и стандардите кои ги наметнува нивното работно место. Секој добронамерник ќе ви каже дека денот е за работа и активност, а ноќта за мудрување и релаксирање. Секако дека постојат и исклучоци, во контекст на одредени професии кои бараат 24-часовен ангажман, но и тоа е во согласност со стандардите на соодветната професија. И се би било добро, морално и правилно и би функционирало одлично доколку нашата реалност и оние кои ја креираат не перфертира и изнедрува поинакви правила, кои за мнозинството се непоимливи. Она што вчера не извади од колосек се случи во текот на ноќта, во 2.30 по полноќ, се уништи зелена површина и дрва кои се сведоци на многу времиња и генерации. Не дење, кога живее универзитетскиот кампус, туку подмолно, ноќе, без никој да види и забележи, како крадци кои молчешкум сакаат да го прикријат својот грев, како анимир дами кои срамејќи се од она што го прават се затскриваат во ноќните грмушки, како безлични манијаци кои ноќта ја користат за исполување на своите патолошки потреби, без трунка срам и совест ги исекоа и оние малку дрва и она малку зеленило кое го оплеменуваше урбаниот простор. Ниту една цел не е толку вредна за да се уништи зеленило Хипокризијата на оние кои ни ја креираат реалноста, градските и општествени татковци, оди до таму што во ден кога се одработува една благородна идеја-ден на дрвото-засади ја својата иднина, организираат и ноќно сечење на дрва кои имаат свое место, историја и функција во универзитетскиот кампус. Навистина непоимливо за здравиот памет и рационалната размисла, да поттикнуваш и да развиваш кај младата популација еколошка свест и мисла за повеќе зеленило во урбаната џунгла, а од друга страна, зеленилото кое постои и облагородува и оплеменува некој простор да го искасапиш и уништиш. Секој граѓанин кој на директен или индиректен начин беше сведок на бескрупулозната сеча на дрвата во универзитетскиот кампус, втајувајќи во себе бес и лутина, даде едноставен одговор - ниту една цел не е толку вредна за да се уништи зеленило и дрвата кои имаат своја функција и историја. Во континуитет ни земаат дел по дел од автономијата Една стара мудрост вели - Ако ти недостига капа можам да ти ја купам, но памет никако, е оваа сентенца ми е најсоодветна за она што ни се случуваше вчера во нашиот универзитетски двор. И тоа во континуитет ни земаат дел по дел од автономијата, а повеќето од нас се само неми сведоци на она што ни се случува. Молчешкум аминуваме или млако реагираме, а ако покажеме заби, како во случајот со пленумите е тогаш ќе ретарираат, но после краток период наоѓаат прилика суптилно да ја протуркаат идејата која ја имаат замислено. Дрско до бескрај, да се игра и мешетари со интелектуалната елита и со студентите кои се сегашност и иднина на општеството е повеќе од безобразие. Инаетот не води никаде, посебно кога се удира со глава во ѕид, бидејќи се докажа и покажа дека има храбри и умни млади луѓе кои не дозволуваат да бидат манипулирани и по никоја цена да им биде земено и первертирано нешто што е нивна реалност, потреба и визија. Да се градат два факултети во барок не значи чекор напред Визија, мисија и иднина, е една од паролите на нашиот универзитет, но ако се продолжи со урнисување и сечење на автономијата ни една буква нема да остане од максимата која толку многу љубиме да ја потенцираме. Она што ме збунува и вади од колосек е немотијата на оние кои се одговорни, секако дека позицијата не наметнува само приоритети, бенефити и уредување, туку и обврска и одговорност, наметнува и изнедрува борба за секоја сулуда идеја која задира во автономноста да се отфрли и да се бори за квалитет и новитет кои подразбираат просперитет и иновација. Да се градат два факултети во барок не значи чекор напред, напротив, два назад. Културниот хабитус на универзитетскиот кампус не треба да се силува господа, напротив,треба да се осмисли и оплемени. Политиката треба да биде надвор од универзитетот Автономијата на универзитетот е загарантирана и со нашиот Устав, кој толку пати го прекршивте и таа не подразбира само академска слобода и академско управување, таа подразбира и автономија во просторно и културно планирање. Политиката треба да биде надвор од универзитетот, бидејќи ако се продолжи да се распарчува по политичка основа универзитетската автономија е тогаш не верувам дека секој од нас ќе остане имун и нем сведок.Не го газете и уништувајте уште она малку што ни остана, бидејќи толеранцијата кај секој оној кој е дел од универзитетот е на горна граница и нема да се дозволи душата на универзитетот да се угуши. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина