20 Април, 2024
0.0253

Седумте смртни гревови на неуспешните трејдери

Објавено во: Колумни 29 Август, 2013

Добивај вести на Viber

По минатата колумна бев контактиран од неколку “паталци“ кои имале лошо искуство во тргувањето со валути односно сметката континуирано им одела во дебел минус и сакаа размена на искуство во таа насока. Да сумирам интересот на сите беше да дознаат од која причина прават загуби и зошто после многумесечни обиди никако не успеваат да направат конечен исчекор кон конзистентно профитирање од овие трансакции. Причините за неуспешноста на повеќето трејдери лежат во самиот психолошки емотивен крој на човекот кој е повеќе склон кон хедонизам и неприметно прифаќање на лоши животни навики споредено со доблестите кои вообичаено бараат вложување на повеќе труд и поголем напор.    Прифаќањето на лошите навики кај човекот, а богами и кај жената,  полека но неприметно секогаш резултира со помалку успешно животно битисување во многу животни области така да и Форекс тргувањето, инвестирањето на берзите за акции, благородни метали, стоки и останати финансиски инструменти  не е исклучок. Немам намера на гореспоменатите паталци и на сличните неуспешни трејдери и инвеститори  да им пеам опело но за да ги опишам најчестите грешки кои се прават при тргувањето, но ќе се послужам со терминологијата која најчесто се користи во црковната христијанска етика, а тоа е темата за “седумте смртни гревови”.  Ја земам за урнек модерната Листа на гревови опишана и во филмот  “Седум” на еден од најдобрите режисери на денешницата Дејвид Финчер, а списокот на гревовите го сочинуваат: Горделивоста, Мрзеливоста, Алчноста, Рамнодушноста, Страста , Гневот и Зависта. Горделивоста е особина на многумина кои се обидуваат да тргуваат со девизи. Вообичаено со инвестирање на финансиските пазари не се бават кондуктери , ветеринари или логопеди туку луѓе од финансиската сфера кои имаат одредени основни познавања од финансиското работење, девизниот пазар и веќе спечалиле некоја пара на берзите, сигурно редовно играат во кладилница, слушнале за фјучерси и опции така што мислат дека имаат од господ дадена дарба да направат брза и лесна добивка. Реалноста бргу ги мава во глава кога за бргу време ќе сватат дека не е доволно основно познавање на Форекс правилата за тргување, сурфање на неколку форуми на интернет, пратење на некои прогнози за курсевите од страна на поголемите банки  туку е потребна макотрпна работа и учење. Никако да си признаат самите на себе дека прават грешки, да го пронајдат проблемот во себе и да превземат чекори да утврдат зошто и каде грешат. Овде ги споменувам и оние кои се поскромни и не се горделиви по природа но се мрзеливи да вложат поголем труд за да ги исправат грешките, односно да направат еден мал  “академски” исчекор нанапред и да проникнат подлабоко во оваа финансиска професија. Мрзата е вториот грев заради кој се губат пари. Пораката до сите е да не се губи време. Навлезете подлабоко во Форекс тргувањето и правилата на игра. Освен оној трејдерски осет кој се развива со искуство и го имате или сеуште го немате и сакате да го развиете,  се друго може со поголем напор да се научи. Денес благодарение на интернетот се е на дофат на раката, од најосновните елементи на тргувањето, се до посложените стратегии. Само треба да се биде вреден и да се одвои повеќе време за усовршување. Уште подобро е ако се успее да се најде  ментор кој веќе е навлезен во оваа проблематика и може и би сакал за пократко време да Ве внесе во тајните на тргувањето со валути. Со ова би се заштедило многу време и труд.  Доколку имате љубов кон оваа професија најголема грешка во случај на загуба е да престанете да тргувате и да го изгубите интересот засекогаш. И да имате мал неуспех не треба да Ве обесхрабри застанете малку и утврдете каде е грешката. Доколку сметате дека имате добра стратегија усовршете ја напорно и трудољубиво се додека не ја совладате. Алчноста е најголемиот грев гледано од аспект на финансиските инвестиции. Таа е мајката на сето зло . Мрачна човечка емоција откината од душата која носи хаос како темната санта мраз која откината од Арктикот го расцепи Титаник и го скрши сонот на многумина кои сонуваа за луксузно хедонистичко патување . Алчноста е главната причина зад Големата финансиска Криза која сеуште тлее во светот. Најголемиот грев е желбата преку-ноќ да станеме Доналд Трамп. На Форекс пазарот тоа не е можно. Успех е можен само со трпение и со дисциплинирано, постепено и паметно вложување.Отворете сметка за онолку пари колку што може да си дозволите да изгубите,  а да не бидете емотивно и финансиски  потресени. Затоа што ако го продадете својот единствен стан и парите ги ставите на сметка за тргување колку ќе можете трезвено да размислувате кога некоја позиција ќе тргне во несакан правец? Затоа не треба да се отвораат големи позиции. На тој начин може многу да се добие но теоријата на веројатност вели дека кога тогаш ќе го загубите се она што претходно сте го заработиле. Потоа следи прекин на тргувањето, оти се нема пари. Попаметно е секогаш да се отвора ист помал износ на позиции и по одделна трансакција да се ризикува 2 до 3% од парите кои ги имате на сметка, се додека не ја удвоите сметката. Дури тогаш може да ги зголемите влоговите но повторно тоа да не биде повеќе од 2-3% од вкупното салдо на сметка . На овој начин со помали позиции теоретски ќе можете да отворите и 20 последователни погрешни позиции и сеуште да имате половина од парите на сметката. А мали се шансите дека ќе имате толкав малер и 20 пати по ред да остварите зијан Рамнодушноста кај тргувањето би ја поврзал со немањето дисциплина и трпение да успеете да направите разлика односно позитивен исчекор кон профитот.. Рамнодушноста е грев затоа што така раскалашено се однесувате со парите кои Вие или Вашите родители макотрпно ги заработиле. Како прво треба да се биде крајно дисциплиниран во тргувањето. Дисциплинирано треба да се чека додека дојдат вашите пет минути односно она ниво на курсеви каде би сакале да отворите позиција. Некогаш е подобро да имате 1-2  трансакции неделно или 7-8 месечно отколку да тргувате прекумерно и да се претргувате. Секогаш дисциплинирано отворајте иста големина на позиции, дисциплинирано штом оторите одредена позиција оставете налози за стопирање на позицијата доколку тргне позицијата во несакан правец и секогаш тоа да биде на ниво каде ќе ризикувате 2-3% од парите на сметката, а од друга страна профитниот таргет да биде минимум двојно поголем. На овој начин и со 50% успешност во отворањето позиции ќе се оствари профит затоа што Вашите ќарови ќе бидат 2-3 пати поголеми од Вашите зијани. Страста кај тргувањето би ја изедначил со Опсесијата. Опсесија да се биде постојано присутен на пазарот , да се има отворена позиција во одредена валута  или фигуративно да се изразам, да се има уплатено ливче за бинго или во кладилница за да постојано Ве мава адреналин , во исчекување да Ве стрефи Бинго кое никако да стигне.  Опсесијата води кон претргување односно отворање на 3-4 позиции одеднаш кои не можат истовремено да се контролираат. Замислете го Форекс пазарот како да играте на еден софистициран Флипер каде Вашето топче носи многу позитивни бодови , но доколку Ви падне во бунарот, со сигурност носи и многу негативни бодови , да не речам пари. Доколу имате едно топче исфрлено во флиперот полесно ќе може да го управувате и да Ви носи повеќе поени. Доколку пак пуштите 3-4 топчиња одеднаш, тогаш гарантирано ќе Ви паднат повеќето топчиња во бунарот. Имајте секогаш 1 отворена позиција, евентуално 2 понекогаш. Бесот се појавува кога разбеснети после 2-3 последователни кикса, го губите здравото расудување и ризикувате 2-3 пати повеќе пари со цел бргу да го повратите зијанот.Или пак кога после 2-3 успешни погодока се чувствувате како Мандрак и истотака ризикувате тројно поголеми износи пари по трансакција за да ја искористите Вашата “од бога” дадена маѓионичарска дарба да правите лесни пари итоа што е можно побргу. Во двата случаи отрезнувањето пропратено со подиспразнет новчаник , боли како кога ќе пресисате после бурна вечер помината во кафеана. На крајот ја споменувам Зависта. Немојте причина за тргување да Ви биде желбата да станете претерано богати како некои други успешни околу Вас. Секогаш размислувајте позитивно и имајте пониски цели. Најпрвин, совладајте ги тајните на оваа професија, но не за да бидете подобри од другите туку за да станете успешен, материјално независен  и да си го подобрите сопствениот живот на тој начин што ќе заработите некоја пара, но не брза пара преку ноќ, туку долгорочно, постепено и паметно. Никаде во денешно време не се заработуваат “лесни пари”. И немојте после првичните неуспеси да се разочарувате и да окривувате некои невидливи непријатели , да го окривувате  “пазарот”, “евреите од Волстрит”, Сорос  и сличните успешни инвеститори или незнам уште едикојси . Грешката е во вас и единствено во вас. Работете напорно и усовршете ја својата стручност. Докажете дека конзистентно и континуирано знаете да направите профит. Тогаш дури и да немате почетен капитал за да отворите сметка за тргување, сигурно ќе најдете други кои би вложиле во Вашето знаење од кое би заработиле и Вие сигурно, што би бил добар почеток за светлата иднина која стои пред Вас. Дарко Стојкоски авторот е член на Извршен Одбор на АЦИ Македонија – Здружение на Финансиски пазари

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок