20 Април, 2024
0.0278

Село гори, баба се чешла

Објавено во: Македонија, Колумни 16 Април, 2021

Добивај вести на Viber

Македонската усна традиција е богата со поговорки. Како и сите такви, тие во основа се искуствени, згуснати метафори на богатиот народен живот. Но, иако често ја погодуваат суштината на секојдневниот живот, сепак и тие знаат да бидат длабоко погрешни и многу далеку од вистината. Впрочем, како и секое искуствено сознание. Затоа искуствените искази се разликуваат од научните, иако навидум изгледаат вистинити. Имено, моето искуство не мора да биде универзално, ниту рационално втемелено, оттука и не нужно вистинито. Затоа, искуството е лош учител – секогаш доаѓа предоцна: дури откако ќе се изгори детето на ринглата сфаќа дека не смее таму да фаќа. Но, веќе е доцна.

Многу вакви искуствени изреки ја промашуваат суштината. Така, на пример, неодамна, враќајќи се во кабинетот на работа, откако нешто бев заборавил, една од колешките ми ја „плесна“ онаа „кој нема во главата, има во нозете“! Демек нозете служат за нешто друго, колешке!? А што друго им е работа на нозете? Освен да одат! Да ù служат на главата, дури и тогаш кога таа глава заборава! Затоа, колешке, главата, главата е важна, дури и кога заборава. Тоа не заборавајте го. Иако, според мене, и главата е слуга на нешто друго (на срцето, секако), но за тоа, во друга прилика. Во секој случај, паметете дека не треба да им се верува слепо на народните мудрости, макар колку мудри да ви изгледале. Често се погрешни.

Исто како што е длабоко погрешна и изреката „село гори, баба се чешла.“ Со неа, веројатно сака да се каже дека некој чини крајно несоодветна активност во одредена ситуација, во случајов, во опасна ситуација, т.е. дека бабата не презема ништо за да помогне во спречувањето на пожарот во селото. Но, како што знаеше да каже еден мој професор: „а што да прави бабата“? Навистина, што би требало да прави една баба додека селото гори? Поточно, што би можела реално да направи една баба? Дури и да сака! Баба е, стари изморени години, едвај стои на нозе, а не пак пожар да гаси. Дури, права е таа, искуството навистина ја научило дека ќе се умира секако, барем да се умре убав! На нужноста на природата, драги мои, можеме да ù пркосиме само со убавината! Впрочем, на овој свет сме само заради убавината!

Е, така е и со нашава баба што вози мотор. Во недела. Оти недела е ден за одмор, нели. Иако и нашето село гори и тоа одамна, он сепак си вози мотор! Во нашиот случај оваа народна мудрост би била парафразирана: „државата горе, он тера моторето“! Оваа стопанкина, драги мои, гори одамна, но до сега некако и се трпеше. Се поднесуваше тоа пожарче. Но сега пожарот ја загрозува нашата физичка егзистенција, по 50 луѓе дневно ги губат животите од овој пожар. Болниците се бојно поле, докторите се на крајот на силите, недостасува кислород (во модуларните болници, кои нели баш за тоа беа направени), лековите сами си ги купуваме, вакцини нема (простете, има, до сега едвај 50.000), протоколи уште помалку...тотален хаос. А нашата баба гајле си нема – си тера моторето. И тоа со другата баба, онаа директно повикана да го гасне пожарот. Но, сега изгледа дека си противречам на самиот себе си? Нели реков дека поговорката „село гори, баба се чешла“ е длабоко погрешна?

Но, токму така. Зарем не реков погоре дека на бабата баш тоа ù е работа? Да се чешла! Во случајов, да тера моторче!? Па имено! Токму тоа сакам и да го кажам: дека нашава баба, т.е. нашиве баби не можат и ништо друго да сторат освен да се чешлаат! На власт имаме некадарни, ќилави, неспособни, беззаби... баби! И затоа наместо да гаснат пожари, тие се чешлаат. Ниту знаат, а ако дури и нешто знаат, не сакаат било што да направат! Еве, бујрум демантирајте ме: освен промената на името, кажете една политика нивна, кажете еден нивни проект!? (Освен укинувањето на радиодифузната такса, простете). Две „инвестиции“ донесоа: една сендвичара (KFC) и една продавница (LIDL). Во меѓувреме разбрав дека сендвичарата се затворила. Прашајте се себе си, по што ќе ги паметите?

Уште еднаш и по кој знае кој пат: бабиве се донесени на власт не за да кројат политики и да создаваат вредности, да го подобруваат животот, да ја развиваат економијата, образованието, културата...не! Ами да тераат моторето! Тие се донесени само и единствено да го сменат личниот опис на „Севернава“, да ја претворат во безимена и безлична територија под капата на НАТО (ЕУ ќе ја сонуваме), да ја доведат во состојба на failedstate, како би можеле самите да си кажеме „не нè бива“ и самите да посакаме да нè снема. Бабиве не се тука, драги мои, да гаснат пожар, ами да се чешлаат додека околу нас гори! „Умни“ се овие од фамозната „меѓународна“ – само слепец може да ита кон провалија, затоа тие ги најдоа овие слепци, ги тапкаат по рамо, а они среќни и возбудени од „поддршката“, грабаат ли грабаат кон провалијата! Ќе ја претворат „севернава“ во полигон, во пуст Криволак, во НАТО – база, во експеримент без име, презиме, идентитет, историја, јазик... Во територија со аморфна маса која ќе се обликува согласно моменталните геостратешки игри во регионот.

И затоа они си се чешлаат, за друго ниту знаат, ниту можат, а ниту пак смеат! Немаат дозвола за друго. Си ја тераат агендата за која се донесени и ни се смеат во лице. Но затоа ние не смееме да се чешламе, драги мои! Немојте! Ним тоа им е целта – да не направат сите баби кои се чешламе. Не дозволувајте! Не дозволувајте да нè зафати летаргијата на која работат, безволието кое го посакуваат, бездушноста која ја негуваат. Не! Идат млади, нови, свежи и полетни генерации кои ја сакаат оваа стопанка, ја сакаат повеќе од белиот свет, кои можат, знаат и умеат...и тие ќе им дојдат до глава! Не смееме да се чешламе додека селово гори, не смееме во име токму на тие генерации!

„А во името на „политичката коректност“, за која ќе пишувам веќе во следната колумна, им се извинувам на сите баби.

Трајче Стојанов

Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Можеби ќе ве интересира

БОЈМАЦАЛИЕВ: Над 100.000 граѓани ги немаат добиено своите пасоши во законскиот рок

БОЈМАЦАЛИЕВ: Над 100.000 граѓани ги немаат добиено своите пасоши во законскиот рок

ДУИ: Мицкоски и ВМРО јавно бараат Македонија без Албанци

ДУИ: Мицкоски и ВМРО јавно бараат Македонија без Албанци

КРИВИЧНА ПРОТИВ ОЛИВЕР СПАСОВСКИ: Синдикатот на полицијата oбвинува за несовесно работење

КРИВИЧНА ПРОТИВ ОЛИВЕР СПАСОВСКИ: Синдикатот на полицијата oбвинува за несовесно работење

ВАНКОВСКА: Kамшикот му се дава на Грк, Преспа мора да се раскине

ВАНКОВСКА: Kамшикот му се дава на Грк, Преспа мора да се раскине

СИЛЈАНОВСКА ДАВКОВА ЗА РУСКОТО ВЛИЈАНИЕ: Ако има политички актери некои, тие се маргинални

СИЛЈАНОВСКА ДАВКОВА ЗА РУСКОТО ВЛИЈАНИЕ: Ако има политички актери некои, тие се маргинални

КРАДЕЊЕ НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ ЗА ПОДИГАЊЕ НА БРЗИ КРЕДИТИ: Koлку пријави има годинава во полиција?

КРАДЕЊЕ НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ ЗА ПОДИГАЊЕ НА БРЗИ КРЕДИТИ: Koлку пријави има годинава во полиција?

НАЈЧЕВСКА: Почнаа наддавањата на големите партии кој колку ќе им ги покачи пензиите на пензионерите

НАЈЧЕВСКА: Почнаа наддавањата на големите партии кој колку ќе им ги покачи пензиите на пензионерите

СТУДЕНО УТРО ВО МАКЕДОНИЈА: Каде се измерени температури под нулата?

СТУДЕНО УТРО ВО МАКЕДОНИЈА: Каде се измерени температури под нулата?

НАПРАВИЛЕ ШТЕТА НА БУЏЕТОТ НА БОГДАНЦИ: Поднесена е кривична пријава против градоначалникот и вработена во урбанизам

НАПРАВИЛЕ ШТЕТА НА БУЏЕТОТ НА БОГДАНЦИ: Поднесена е кривична пријава против градоначалникот и вработена во урбанизам