22 Ноември, 2024
0.0270

Селски и агротуризам-уредување и користење на ресурсите на земјоделското стопанство

Објавено во: Агробизнис 30 Мај, 2019

Добивај вести на Viber

Пристап

  Повод за пријавување на тема: Селски и агротуризам за оваа средба, беше еден натпис објавен во дневен печат на 27 јуни 2018 година.

  Насловот на тој натпис гласи: Коњарка стана атракција за туристите во Мариовско, во кој се вели дека во рамките на изградениот рекреативен комплекс, вистински рај за очите претставува коритото на реката Коњарка, кое е созидано од камен, а во рамките на паркот поставени се видиковци, дрвени клупи, маси, нишалки, места за скара, канти за отпадоци.. играчки за деца. По тој повод, се одржал и културен настан во селото Скочивир-Мариовско, Општина Новаци.

  Овој објект ќе биде користен за развој на селскиот туризам во општината. Се задржавме на претставување на основните компоненти кои се потребни за да се развие туристички бизнис, а тоа се: уредување на постоечките капацитети и нивно користење во земјоделското стопанство (фарма), кое сака сериозно да ја  развива оваа дејност. За жал, познатео е дека селскиот агротуризмот во Македонија, сеуште е во своја почетна, развојна форма и покрај особено поволните услови и неискористените високи суми на средства од ИПАРД програмите како и програмите за Рурален развој.

  Можно е овој труд и неговото презентирање да ги поттикнат одговорните во локалната власта да се заложат повеќе за развој на селскиот туризам во општината, а имајќи го во предвид и фактот дека тука е лоцирано и атрактивното Мариово.

Трудот е презентиран на Пелагониски средби...”во Новаци битолско вп 2018 год.

 

  Кај жителите во голем број села на Македонија, се забележува интерес за селскиот туризам, односно за вршење на туристички услуги во лична сопственост. За сите нив, тоа е сосема нова дејност, различна од досегашната работа во земјоделското стопанство. Затоа пред да се донесе решение, за агротуристичка дејност, потребна е сериозна подготовка, како теретска, така и практична.

  Први чекори

  Ако во близина веќе функционира стопанството со таква дејност, правилно е да се поразговара со сопствениците за нивното искуство и работа во врска со услужување на гостите. Можеме да се запознаеме со техичките и функционалните решенија на зградите подготвени за тој вид на дејност. Интересно искуство можеме да стекнеме сами кога ќе посетиме агро-туристички објект како гостин, односно да претстоиме како турист. Индиректни  искуства може да се стекнат кога ќе се набљудуваат туристи во нашето место на живеење. Разговарајќи со нив ожеби ќе добиеме важни информации како на пример: зошто го одбрале нашиот реон, што им се допаѓа повеќе, што очекуваат од посетата и др. Многу е важна соработката со искусен консултант, кој со своето знаење и искуство може да ги насочи земјоделците за агро-туристичка дејсност, и да помогне кај подготовката на финансиската анализа на планираната активност.

  За таа цел треба да се поврземе со институција, чија што дејност е сврзана со помагање на селскиот туризам, како што се локални здруженија. Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделството, службата за земјоделство во општината како претставник на МЗШВ и др.

  Пристапувајќи кон оценка на можностите за преземање на агро-туристичка дејност, треба да го свртиме вниманието кон следното:

-Стопанството – карактерот ( насоката ) на формирањето производни гранки, директен контакт со домашните животни, начинот на работа и животот на луѓето, можности за користење на свои прехрамбени производи, традиционални селски јадења;

-Живот на село – разнообразност на селските активности (занимања), обичаи и традиции, привлечна атмосфера на малите населени места;

-Просторот – природната средина, слободата и активниот одмор, далеку од бучавата на големите туристички места, специфичната материјална култура;

-Жителите на селото – различен начин на живот, лични контакти, отвореност и искреност, традиционално гостопримство.

  Селскиот туризам не е само можност за сместување и исхрана во селската куќа. Повеќето од туристите очекуваат поширок пакет од понуда на активен одмор во рамките на подрачјето, општината, селото. Затоа не е користа само од навиките туку од можноста за продажба на храна и др. услуги. Развојот на селскиот туризам овозможува многустрана корист. Подобрувањето на квалитетот на инфраструктурата придонесува за подобрување на животниот стандард во селото.

  Оценка на организацијата на стопанството

  Важен елемент при започнување на агро-туристичката дејност е оценката на квалитетот на целата фарма (земјоделско стопанство) и на човечките ресурси во семејството. За почеток треба да го оцениме стопанството од аспект на неговите предности со нагласување на тоа што може да биде привлечно за туристите. Тоа можат да бидат на пример: комодитетот што го овозможува стопанство ако е на крајот на селото, ако во близина има убава шума или езеро, уредена и одржувана фасада на куќата, уредна и одржувана градина, овоштарник, добро средена занаетчиска работилница што ја користи земјоделското стопанство и др.

  Положбата на стопаството не зависи од нас, но ние правиме критичка оценка на зградите, просториите техничките можности и техничката состојба на надворешниот изглед, за да утврдиме дали можеме и сакаме да се зафатиме со понуда на туристички услуги. Најдобро решение  е да се адаптираат  просториите во куќата или стопанските објекти со цел да се избегнат  непотребните инвестиции, а ќе се сочува оригиналниот дух на времето.

  Следниот објект на оценка е карактерот (насоката) на производството во стопанството, а во врска со тоа и местоположбата на стопанските згради, правиланта поставеност на магацините, силосите, местото за компостирање на растителни отпадоци и др. Во принцип , за успешен селски туризам се попогодни традиционалните стопанства со разновидно растително и добиточно производство. Тоа не е погодност само за подготовка на  храната за туристите од сопственото производство, туку и разновидните животни што претставуваат голема атракција, често пати е одлучувачки фактор за изборот на  местото за одмор.

  Гостопримството, љубезноста и средечниот однос претставуват квалите кај членовите на семејството, кои во голема мерка го олеснуваат контактот со туристите. Тоа придонесува за создавање на пријатна атмосфера во куќата, кое гостите ќе го ценат.

  Оценка на инфрастуктурата

  Од големо значење е и потребата за оценка на основната и придружната инфраструктура. Пред започнување со дејноста агро-туризам, треба да се процени слободниот простор во зградите за живеење и да се одлучи видот и типот на спалната база што ќе ја предложиме на туристите, имајќи ја во предвид  функционалноста на куќата, но и на своите финансиски можности. Принцип е најнапред да се издаваат гостинските соби во  куќата  на домаќините. Со време, по обезбедување на повеќе средства, базата за издавање на соби се шири со специјални загради наменети за селски туризам и одморалишта, со постојано подобрување на стандардот за одмор. За почеток е подобро да се подготват до три соби со пристап до купатило и просторија за одмор, откулку да се исполни целиот слободен простор со гости, а за сметка на комфотот на домаќините.

За потребите  на туристите, блиску до куќата треба да се обезбеди место за одмор на отворено, снабдено со  клупи, катче со песок за деца, лулашки, тревна површина за играње со топка и др., а што нема да претставува голем финансиски трошок ниту труд.

  Финансиски ресурси на стопанството

  Во врска со финансиските ресурси, (можности) на стопанството важно е подготовката да биде што е можно порано за да ги согледаме потребните финансиски средства. Пораното планирање на дејствувањето ќе помогне да ја распоредиме реализацијата по време, како и да ја утврдиме сумата потребна за извршување на работите. Кај приспособувањето или реконструирањето на зградите, објектите, треба да се побара совет од стручни лица за оценка на техничката состојба на куќата, да ви даде помош во функционалното уредување на просториите. По завршување на планирањето следува прашањето: Од каде да се обезбедат финансиски средства? Тие можата да бидат од дејноста на стопанството, од претходно заштедени средства, но ако тие не се доволни, може да се добијат и кредитни средства за развој на селскиот туризам од банки , како и средства од ИПАРД-фондовите, и Рурален развој, а за кои ќе мора да се изработи квалитетен бизнис план, да се обезбедат средства до реализирње на инвестициата, а потоа се добиваат неповратни средства во висина од 50% од вредноста на инвестицијата.

  Поважни прашања на кои треба да одговорите за финансирање би биле следните:

-Со какви ресурси располагате?

-Која категорија на сместување нудите?

-Кои простории ќе бидат опфатени со приспособувањето?

-Каква е големината (површината) на просториите?

-Колку луѓе ќе ги користат просториите?

-Со какви елементи за уредување располагате, а какви треба да набавите?

-Колкави се трошоците за ремонтот?

-Во кој рок и во кој обем работите можат да бидат завршени?

  Овие прашања имаа за цел да помогнат во оценката на обемот на неопходните работи, да се дефинира инвестициониот план за туристичкиот објект и за изработка на бизнис планот. На дефинитивното решение треба да му претходи вистинско проучување (анализа) на ситуацијата по методот на SWOT – анализата, за да се откријат сите добри и лоши страни на стопанството (фармата), семејството и местото, како и да ви помогне да ги откриете шансите, но и потенцијалните опасности (стравот) за развој на планираната активност. Притоа треба да знаете дека тоа е оценка на моментална состојба која со тек на времето може да се промени.

Пример на SWOT –анализа на објектите и услови за дејност на селски туризам во земјоделството


  Откривањето на слабите страни не треба да се смета за пречка која вашиот почеток на туристичката дејност го доведува во прашање. Во многу случаи, слабостите се надвор од нашите можности на влијание, но во други случаи, успешниот пристап кон наоѓањето на начини за нивно елиминирање или минимизирање води кон нови идеи и акции кои се свртуваат во предност за почеток на дејноста. Занимавањето со туристичката дејност овозможува оспособување на земјоделецот за поголема претприемчивост и поставување на повисоки цели за совладување на различините пречки во целта за постигнување на повисоки резултати. 


Проф.Ромина Кабранова, Проф. Б.Анакиев



* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

МАКЕДОНИЈА ИЗГУБИЛА ГОЛЕМ ДЕЛ ОД ДОМАШНОТО ПРОИЗВОДСТВО НА ХРАНА – се сади се помалку и помалку

МАКЕДОНИЈА ИЗГУБИЛА ГОЛЕМ ДЕЛ ОД ДОМАШНОТО ПРОИЗВОДСТВО НА ХРАНА – се сади се помалку и помалку