18 Април, 2024
0.0247

Септемвриска идила!

Објавено во: Колумни 13 Септември, 2013

Добивај вести на Viber

Месец септември, период од годината кој многумина го обожуваат, бидејќи е синоним за нови почетоци, за старт на посакуваните замисли, за обнова на нешто одамна заборавено, за евоцирање на спомени, за соочување со нови предизвици, едноставно речено, месец во кој се случуваат многу новитети и возбудувања. Многу животни настани и предизвици почнуваат и се реализираат во септември, есента која месецот ни ја носи ни нуди една поинаква и поубава симфонија на бои и временски промени и предизвици, кои на моменти ни го менуваат расположението, но почесто не релаксираат и одмараат. После летните авантури, возбуди, забави и незаборавни мигови, септемвриските утра се вистинска релаксација кои на посебен начин во нас ја будат заспаната работливост и мисловност и сите оние емотивни возбуди кои не обземаат во текот на летото полека се смируваат и рационално трансформираат со почеток на септември.

За средношколските дни септември има посебна убост

За мене септмври е синоним за идила, за нови почетоци, за нови дружења и незаборавни спомени од детството. Прва асоцијација ми е првиот училишен ден, како прваче, кога за прв пат во животот се соочувавме со училишните клупи, но и со книги и обврски кои подоцна ќе станат наше животно секојдневие. Во подоцнежното школување први септември значеше нови предмети во погорните класови, измешани емоции на возбуда и неизвесност, но и желба да се докажеш и покажеш во најдобро светло. За средношколските дни септември има посебна убост-тинејџерството со сите свои убавини, слабости и интриги се доживува и преживува тогаш, почнува во септември со нови познанства, но и поголеми обврски и одговорности. Срцињата тогаш посебно чукаат, дел заради новитетите со кои се соочуваат, а дел заради првите симпатии и подоцнежни љубови кои се случуваат во средношколските клупи. Помнам прекрасни септемвриски мигови со моите сокласници. септемвриски гимназиски денови кога безгрижно итам накај училиште, со мотив да стекнам нови знаење, да ги зацврстам пријателствата кои токму се стекнуваат во средношколските денови-секако оние вистинските, но и да поминам убави претпладневни и попладневни мигови со моите соученици. Неизоставни се и септемвриските шетања низ паркот со сокласниците, училишните екскурзии, слободните поплдневиња посветени на муабети и безгрижни теми со нам блиските луѓе.

Убавината е во семејните собирања за време на приготвување на зимницата

Ах тие волшебни мириси на ајвар и љутеница кои неизбежно се шират цел септември низ градските маала. Убавината е во семејните собирања за време на приготвување на зимницата, е тоа си има посебна драж.И печењето и љупењето пиперки, а и секако најтежкиот дел-мешањето на зимницата, не е толку тешко кога се прави со членовите на семејството. Таа посебна кохезија со секој член од семејството е реткост и се случува во септември, секој си ја знае својата улога и си ја извршува без посебна тешкотија, дури со посебна радост за време на приготвувањето на зимница. Смеа, џагор, позитивна ведрина и енергија се чувствува во секој дом за време на септемвриските зимници, и сето тоа е проткаено со басни и приказни од повозрсните за тоа како некогаш било, љубопитни прашања од најмладите за животот некогаш и сега, мудри мисли и одговори од повиканите и сето тоа спонтано, интересно и со посебен сенс за додавање на возбудливост при раскажувањето. А децата од секое мало се приказна за себе, навидум различни, а во суштина исти, љубопитни детски очи зиркаат во секој двор и кога ќе се собира зимницата со парчето лепче се чека за вкусниот намаз кој со посебна сласт се јаде. Уште го чувствувам мирисот на печени пиперки и во ушите ми одзвонува џагорот кој се шири од секој двор, уште го чувствувам вкусот на белото лепче намачкано со ајварче и блажените насмевки на сите дечиња собрани заедно. Единствено и неповторливо.

Секоја генерација си има свои предизвици и специфики

Во септември посебна важност имаа и новите книги, но и алишта кои се купуваа за новите почетоци. Секоја генерација си има свои предизвици и специфики, па така и модните трендови се следеа во зависност од возраста. Родителите неколку попладневниња после работа задолжително шетаа низ неколкуте стоковни куќи за да одберат соодветна гардероба и обувки за децата, а пак  децата со кренати глави шетаа низ малаата обуени и дотерани во ново за да се пофалат пред своите другарчиња. Средношколците се перчеа со нова гардероба,која има посебно место во нивниот животен дискурс. А студентите се приказна за себе-септември некогаш беше месец на приемни испити. Кутрите полнолетници во голема неизвесност за нивниот успех во положувањето на приемните испити, неизвесност, посебно за оние кои доаѓаат од други градови за решавање на сместувањето, но и солзи радосници кога ќе си го прочитаа името на списоците за упис на саканиот факултет.

Септември ги буди сите тие прекрасни спомени од детството

Денес ми се чини дека полека исчезнува сета драж која со себе ја носеше септември, исчезнува септемвриската идила, премногу комерцијализација, слабеење на семејните и пријателски релации, итање кон совремието во кое полека ги забораваме сите убавини и мали нешта кои го чинат животот волшебен. За мене септември ги буди сите тие прекрасни спомени од детството, но и го обожувам бидејќи и новото поглавје од мојот живот почна во септември-сплотувањето со мојот животен сопатник-бесценето и волшебно.

Проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија

Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок