Шарена револуција: Студенти во првите редови!
Објавено во: Економија 23 Април, 2016 08:36
Проблемите во земјава се далеку од решенија. Кај младиот човек според неа остана само поривот и желбата за подобро утре, бидејќи не верува на празни ветувања, туку на гола вистина, а таа е дека државата е во тешка политичка криза, но без конечно да се чуе гласот на народот, како што вели, нема излез од неа.
“Студентските движења и протести внесоа малку надеж во нас. Се почувствувавме како да можеме да промениме нешто, како да сме важни во општеството. Но, преговорите одзедоа голем дел од таа енергија. Потребни се длабоки и коренити промени во нашето општество, за да би можеле повторно да им веруваме на институциите.Протестот преку шарената револуција ни ја враќа надежта дека нешто може да се промени. Во спротивно ќе се соочиме со војска малди луѓе кои без размислување ќе заминат надвор”-додава Здравковска.
Студентите од Пленумот организирано, во групи секојдневно се во првите редови од антивладините протестите против аболицијата на лица осомничени за криминали и спроведување на избори по секоја цена. Сомнежот дека воопшто ќе има подобрување на општествено-политичката клима во земјава е голем, тешко остварлив судејќи според динамиката на работите и силниот притисок и опструкциите врз се она што размислува поинаку од Власта. Но за нив враќање нема, протестите мора да бидат силен сигнал за отпочнување на упорна борба и инсистирање да се создаде тло за нов почеток.
“Студентите се спремни да одат до крај, без разлика на се. Доста е од институционална и општествена неправда од секаков вид. Може да бидат условите во студентски домови кои се под сите стандарди, може да бидат страшно лошите учебници од кои учиме на факултетите, па се до фактот дека живееме во држава во која нашиот глас не вреди за ништо. Живееме во држава која буквално се обидува да не’ избрка што побрзо во странство. Се соочуваме со низок стандард и катастрофални плати со кои неможе да се покријат основните потреби,а камоли да се размислува за семејство и самостојна иднина. Презадолженост, недостиг на работни места, партизација во секој ќош и високо образование кое е наменето само за хиперпродукција на кадар, а не е насочено кон квалитет. За делот како да се надминат, нема да се преправаме дека сме експерти, но дефинитивно прв чекор ќе биде да се седне на маса со политичари кои се спремни да не слушаат кои ни се потребите и заедно да изнајдеме начин да ја надминеме оваа ситуација”-додава студентката од Пленумот.
Во ваква општествена клима најголема и најчестата причина која младите ја користат за да расчистат со земјава е партизираноста на институциите и притисокот кој секојдневно го чувствуваат на своја кожа. Велат се носат закони преку ноќ, се вработуваат партиски послушници, иронично и жално, но партиската книшка е виза за успех.
“Има сериозни индиции за криминални изборни процеси. Со тоа расте сомнежот кај младите Тој сомнеж не е започнат од сега, туку е од многу порано. Генерално младите не се задоволни од образованието, студентскиот стaндард, можноста за работа, лошото здравство итн. Од една страна е штета, но од друга пак сурова реалност што голем дел од нас веќе овие промени ги следат од некоја странска држава и никогаш повторно нема да се вратат во Македонија”-потенцира Здравковска.
Студентскиот пленум минатата година беше во центарот на вниманието со своите активности и идеи за подобар студентски стандард, услови за студирање, законски решенија. Но сето тоа е ставено во сенка на политичките збиднувања.Фронтот сега се прошири и доби масовна граѓанска димензија против популистичкиот маркетинг на власта и грубото кршење на Уставот и законите.
“Потребни беа повеќе од 10 години за да се реновираат студентските домови, да се оствари можноста за бесплатен јавен превоз и да се добијат некои попусти. Повторно ќе кажам, срамота е една фасада, една канцеларија да се реновира за помалку од 24 часа, додека студентите имаат сериозни проблеми кои штетат најпрвин по нивното здравје и живот. Сметам дека власта реши сите овие промени да ги направи како предизборна кампања за да добијат гласови. Мора да се разбере дека не е хумано да се чека да дојдат избори за на некој да не му паѓа таван, лифт и да живее опружен со мувла и да има ужасни услови за лична хигиена”- нагласува студентката.
Очекува конечно да се врати земјава на вистинскиот колосек, во кој ќе нема импровизации, туку простор професионалните да си ја вршат чесно и одговорно својата работа во својата област. Простор во кој ќе има место за суштински и реални дебати, а не привидни состојби на демократија и слобода на говор.
“Од голема важност е да се има коренити промени во областа на образованието. Не зборам само за Законот за високо образование, туку и за Статутот на УКИМ и правилниците на секој факултет. Не станува збор само да биде напишана Автономијата. Проблемот настанува бидејќи таа не се почитува, се гази во секоја смисла на зборот. Ние можеме да ги имаме и најдобрите закони, но ако не ги почитуваме за џабе ќе ни се.
Воведоа контроверзни реформи меѓу која и дисперзираните студии кои со години наназад не ги исполнуваат критериумите да имаат најмалку 35 студенти запишани, за да може воопшто наставата да се изведува. Направија сосила продукција на кадри за свои потреби. А реалните проблеми, за недоволни средства за научна дејност, капацитети и услови за настава, лаборатории, висина на стипендии, можности за вработување останаа само реклама и предизборна пропаганда”- вели Здравковска.
Затоа според неа веќе две недели народот е на улиците. Затоа се отвораат случаи кои ќе ја оголат корумпираноста и криминалот и треба да обезбедат фер третман за сите граѓани.
“Силно верувам дека доколку нé слушнат што имаме да кажеме и да се спроведе тоа, ситуацијата ќе биде многу подобра. Својата иднина би сакала да ја гледам тука. Гледам дека народот конечно доби сила и храброст јавно да го искаже силно својот став. Не би сакала да конкретизирам, можеби ќе ми се пружи прилика да заминам во странство. Но за едно сум сигурна. Дома можам да бидам секаде, но чувството што го имам тука е незаменливо. Ги молам да не ни го одземаат!”-завршува студентката Деа Здравковска.
С.Б.
Можеби ќе ве интересира
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба
ЕВЕ КОИ ЛИЦА ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД УО НА ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА - добиена е согласност од Народна банка
Крај на една ера: Легендарниот дизајнерски шеф на Mercedes-Benz ја напушта компанијата
ОД ДЕНЕС НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: РКЕ вчера ги соопшти деталите
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар




