Шји Џинпинг кај Путин -Западот во исчекување
Објавено во: Колумни 20 Март, 2023
Денес
и наредните два дена очите на Западот,
па и пошироко ќе бидат свртени кон
Москва. Не поради потерницата од
Меѓународниот кривичен суд за рускиот
претседател Владимир Путин, туку поради
посетата на неговиот кинески колега
Шји Џинпинг. Прво негово излегување од
Пекинг и патување во странство, по
добивањето на третиот мандат да биде
на чело на Кинеската Народна Република.
Ова за нив ќе биде 41 средба.
Зошто Западот ќе биде во големо исчекување? Ќе го интересираат резултатите од средбите. Првата денес во четири очи, а утре на преговорите во поширок состав и потпишувањето на некои договори. Од Западот, уште по најавата на посетата на Џинпинг на Москва со претпазливост се однесоа кон неа. Причини за тоа имаше најмалку две. Првата е можното вооружување на Русија, за што се почесто пишуваат западни медиуми, а втората е можноста Кина да придонесе кон прекинот на огнот во Украина.
Уште минатиот петок во Вашингтон и во други западни престолнини реагираа претпазливо. САД беа „длабоко вознемирени“ од тоа дека Пекинг може да се обиде себе си да се прикаже како мировник, промовирајќи итен прекин на огнот во војната во Украина. Во истиот ден беше издадена и потерницата за Путин од Меѓународниот кривичен суд во Хаг, во врска со „незаконска депортација на украински деца во Русија“. Како што е познато Кина токму на годишнината од почетокот на војната во Украина, на 24 февруари, излезе со план од 12 точки за мир во Украина. Официјално него не го прифатија ни Русија, ни Украина. За украинскиот претседател Владимир Зеленски не станува збор за мировен план, „туку Пекинг едноставно ги искажал своите мисли“. За него добро е што Кина почнала да заборува за војната во Украина, но сосема друга прашање е што стои зад зборовите. А Русите планот го примија до знаење. Западот и САД го отфрлија, бидејќи во него воопшто не се зборува за повлекување на руските војски, иако го поздравија делот со кој се гарантира територијалниот суверенитет на Украина.
ЗАПАДОТ Е ЗАГРИЖЕН
Претставникот
на Советот за безбедност при Белата
куќа, Џон Кирби, минатиот петок зборуваше
дека „Кинезите можат да се залагаат за
прекинување на огнот и да се обидат да
се претстават како мировници и...единствени
кои повикуваат за прекин на борбените
дејства“. Тоа кај САД предизвикува
длабока вознемиреност, бидејќи, според
него, единствена полза од такво нешто
би имале само Русите. Американската
позиција е дека секој прекин на огнот
ќе ја замрзне ситуацијата на фронтот
со што ќе се потврди руското освојување
на украински територии и ќе и овозможи
на Русија обновување на нејзините сили
за натамошни напади. Затоа Американците
нема да ги прифаќаат повиците за прекин
на огнот, ако повика Кина кон тоа во
Москва. Тие искажуваат и потреба Џинпинг
да разговара со Зеленски.
Ваквиот приод Кирби го повтори и вчера. Според него САД ги сметаат за неприфатливи можните повици кон примирје во Украина, како резултат на посетата на Џинпинг на Русија. „Ако средбата доведе до каков било повик за примирје, тоа ќе биде неприфатливо. Затоа што со тоа само ќе се ратификуваат завојувањата од Русија на денешен ден и ќе му даде на господинот Путин време за подготовка на нови луѓе и да испланира нова офанзива, кога ќе му биде удобно“, рече Кирби во едно интервју. Тој ја повтори надежта дека Џинпинг ќе разговара со Зеленски, затоа што Американците сметаат дека Кина треба да ја знае и украинската гледна точка. Нагласувајќи дека Кина и Русија ја зголемуваат соработката, Кирби укажа дека Кина не ја осудила руската инвазија, дека и натаму купува руска нафта и други енергенси, дека молчаливо ги одобрува руските дејства, затоа што ги прифатила руските тврдења дека војната е вина на Западот. „Затоа внимателно ќе ги следиме резултатите од оваа посета“, додаде Кирби.
Дека Западот е загрижен од потезите на Кина потврдуваат разните изјави од официјални лица и од експерти. Капак е посредничката улога на Кина меѓу Иран и Саудиска Арабија, кои по неколкугодишен прекина на дипломатските односи, решија да ги обноват. Тоа зборува за дипломатските способности на Кина. Непријателството меѓу тие две земји не е надминато, но се поставува темел за такво нешто. Па така и сега со кинескиот мировен план за војната во Украина. За некои средбата на Путин и Џинпинг е предизвик за САД и нивните сојузници, кои се стремеа да притискаат врз руската економија со помош на големи санкции. А може да се случи односите меѓу Кина и Русија уште повеќе да зацврснат. Се разбира и потврдувајќи го партнерството на двете земји против мешањето на Западот во нивните работи.
ЗАПАДНА ГРУПА ЗА ПРЕГОВОРИ
Но, за мировните иницијативи на Кина има предупредувања од Западот и до Украина. Експертот на Atlantic Council, поранешниот соработник во Стејт департментот, Габриел Алварадо изнесува неколку тези за вознемиреноста на Западот од потезите на Кина. Оттука и потребата од крајна внимателност на Зеленски со Џинпинг. Неговите тези се следниве: Си Џинпинг се позиционира себе си како можен главен посредник во војната на Русија против Украина. Погоре споменатото воспоставување на дипломатските односи меѓу Иран и Саудиска Арабија ги зацврстиле неговите позиции. А нов посреднички успех, тоа е главната цел на Кина. Втора теза е дека Кина ќе ја турка својата Иницијатива за глобална безбедност, но претседателот на Украина треба да „даде чесна јавна оценка за планот на Кина и неговата улога во конфликтот“. Потоа дека: Нејасната изјава на Зеленски за поддршка на Кина ќе му помогне на Шји Џинпинг „да ја продаде GSI(Иницијатива за глобална безбедност-предложена од Кина)“ и ќе ја отежне натамошната критика на Пекинг за неговиот позиција кон Москва. Алварадо предупредува дека: Зеленски не треба да заборава дека Кина, активно нагласувајќи го својот неутрален статус во војната, всушност продолжува да дава дипломатска и економска поддршка на претседателот Путин. Според него: Џинпинг има намера да води игра врз несогласувањата во ЕУ и да ја прошири соработката со Франција и Германија, за да го ослаби американското спротивставување на Кина. Зеленски не треба да игра заедно со него во ова, вели Габриел Алварадо. И конечно поентата од тезите на експертот. Одобрувањето на мировните иницијативи на Кина од страна на Украина во прв ред ќе удрат врз САД. Затоа што тогаш Пекинг ќе добие лик на “решавач“ на глобални проблеми во цел свет, за чие создавање тој ги обвинува САД.
Погоре кажаново јасно зборува дека болката на Западот и на САД посебно, не е Украина, туку можноста САД да ја загубат улогата на хегемон кој решава за судбината на сите во светот, доколку се постигне каков-таков мир во Украина. Особено ако зад него стои Кина со што ќе се засили нејзината позиција во светот.
Веројатно од таа причина во Европа веќе зборуваат за создавање почва за преговори. Уште од сега да се биде подготвен за нив. Се разбира во услови кога тоа ќе и одговара на Украина. Бившиот прв човек на Минхенската конференција за безбедност повикува создавање Контактна група, без Кина, за мирно решавање на конфликтот во Украина. Во групата би влегле САД, Британија, Франција и Германија, а може и други земји од ЕУ и НАТО, а може и да учествуваат ОН. Формирањето на групата е неопходно „за да се предложи перспектива на растечкиот хор критички прашања во САД, а исто така и кај нас во Германија“, напиша Ишингер во колумна во весникот „Тагесцајтунг“. Додека тие се договорат Кина можеби ќе возглави група држави кои не воведоа санкции кон Русија и кои не испорачуваат оружје во конфликтот. Нема да изненади, ако тоа бидат членките на БРИКС. И додека се јавуваат идеи од Западот и од Кина за мировништво, не треба да се отфрли и можноста Кина да почне да и дава оружје на Русија. Овде некои го нагласуваат фактот дека нов министер за одбрана на Кина стана генерал кој е под санкции од САД!
ГЕОПОЛИТИЧКИ РЕАЛНОСТИ
А што всушност ќе се зборува во Москва? И Путин и Џинпинг вчера објавија свои текстови. Путин во „Женмин жибао“, а Џинпинг во „Росијскаја газета“. Од она што таму го напишаа може да се извлечат и темите на нивните разговори. Во прв ред економијата. Во 2022 година трговската размена е удвоена и е околу 190 милијарди долари. За годинава може да се очекува размена од 200 милијарди долари, пишува Путин. Размената во национални валути се зголемува. Двете земји ги координираат надворешно политичките позиции, ги унапредуваат ШОС и БРИКС, кои стануваат се поавторитетни и повлијателни и стекнуваат нови партнери и пријатели. Ќе се зборува и за повеќе поларниот светски поредок. Кој ќе биде справедлив и заснован на меѓународното право, а не на некакви „правила“, кои им служат на потребите на „златната милијарда“. Путин ја нагласува конструктивната улога на кинеската „Иницијатива за глобална безбедност“, која се совпаѓа со руските приоди во таа сфера. „Гледаме дека надворешниот геополитички пејзаж претрпува драстични промени. „Колективниот Запад“ се повеќе и повеќе очајно се држи до архаичните догми, до својата неостварлива доминација, ставајќи ја на коцка судбината на цели држави и народи. Курсот што го следат Соединетите Држави за двојно одвраќање, на Русија и Кина, како и на сите оние кои не подлегнуваат на американските диктати, станува се поакутен и наметлив. Се демонтира архитектурата на меѓународната безбедност и соработка. Русија е прогласена за „непосредна закана“, а Кина за „стратешки конкурент““ пишува Путин во колумната.
Секако во разговорите неизбежно ќе е и прашањето за Украина. Путин и’ дава признание на Кина за урамнотежената линија, во врска со она што се случува во Украина, за разбирањето на предисторијата и вистинските причини. Ја поздравува подготвеноста на Кина да игра конструктивна улога во решавањето на кризата. Притоа повикува на Повелбата на ОН, на меѓународното право, во тие рамки и хуманитарното. Приврзаноста на принципот на неделива безбедност, кој грубо се нарушува од НАТО. Неприфатливи за него се и едностраните санкции. Што се однесува до украинската криза, Путин вели дека Русија е отворена за политичко - дипломатско решавање. Но тие уште во април лани биле прекинати, не од Русија. Па оттука поентата на Путин :„ Иднината на мировниот процес зависи исклучително од подготвеноста за сериозен разговор, водејќи сметка за актуелните геополитички реалности. За жал ултимативните барања на адреса на Русија зборуваат само за оддалечување од тие реалности и незаинтересираноста во потрагата на излез од настанатата ситуација“. Јасно како ден. Преговори ќе има, но нема повлекување од заземените територии.
УНИВЕРЗАЛЕН МОДЕЛ НА ВЛАДЕЕЊЕ
Сигурно ќе се зборува и за ширењето на НАТО, дури и во Азиско-тихоокеанскиот регион. За обидите на некои сили „за раздробување на заедничкото евроазиско пространство на мрежа „екслузивни клубови“ и воени блокови насочени кон спречување на развојот на нашите земји на нивните интереси. Меѓутоа, никому тоа нема да му успее“, пишува Путин. Ова од причина што, според него, руско-кинеските односи денес се камен меѓник на регионалната и глобалната стабилност, го стимулираат економскиот раст, служат како гарант за позитивна агенда во меѓународните работи. Тие се пример за хармонична креативна соработка меѓу големите сили.
И Шји Џинпинг во својот текст практично ги потврди темите за разговор. „Мојата претстојна посета на Русија е во насока на зајакнување на пријателството, соработката и мирот. Подготвен сум, заедно со претседателот Владимир Путин, да изложиме нови планови и мерки за отворање нови перспективи за односите меѓу Кина и Русија на сеопфатно партнерство и стратешка соработка“, напиша тој. Џинпинг зборува за нова епоха во нивните односи кон која се оди со сигурни чекори. Според него контактите на високо и највисоко ниво играат важна улога и имаат трајно стратешко значење. Страните непрекинато ја зајакнуваат меѓусебната политичката доверба, создавајќи нова парадигма на односите меѓу големите сили. Кина и Русија се придржуваат до концептот на вечно пријателство и заемно корисна соработка. Џинпинг не заборава да го каже она што постојано со години наназад го кажува, а тоа е дека „Билатералните односи се засноваат на принципите на неврзување, неконфронтација и ненасочување против трети страни“. Во предвечерието на 20 годишнината од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Кина и Русија, Џинпин рече дека заедно со Путин донеле решение за негово продолжување и да го надополнат со актуелни содржини кои произлегуваат од современите реалности.
И за Џинпинг мултиполарноста, економската глобализација и демократизацијата на меѓународните односи се неповратна тенденција. Според него во исто време, и традиционалните и нетрадиционалните безбедносни предизвици рапидно растат. Дејствата на хегемонијата, деспотизмот и кавги предизвикуваат сериозна штета на светот. Треба да се помине многу долг пат за да се обнови светската економија. Меѓународната заедница алармира, повеќе од кога било им требаат начини за излез од кризата. Таа „добро знае дека ниту една земја во светот не е супериорна над сите други. Не постои универзален модел на владеење, не постои светски поредок каде одлучувачкиот збор припаѓа на една единствена земја“, пишува Џинпинг.
НЕРАМНОПРАВЕН ЕКОНОМСКИ БРАК
Нормално и тој се осврнува на украинската криза. Па вели дека:„Од почетокот на минатата година има тотално заострување на украинската криза. Врз основа на суштината на она што се случува, Кина отсекогаш заземала објективна и непристрасна позиција и прави активни напори за придонесувањето кон помирувањето и мировните преговори. Збирот на визии искажани од мене служат како основен принцип на Кина за украинското решавање“. Според него неодамна објавената „Позиција на Кина за политичкото решавање на украинската криза“, земајќи ги предвид рационалните грижи на сите страни, максимално го одразува единството на погледите на светската заедница за надминување на украинската криза. Документот служи како конструктивен фактор за неутрализирање на последиците од кризата и промовирање на политичко решение. „Комплексните проблеми немаат едноставни решенија. Убедени сме дека рационален излез од украинската криза и пат кон траен мир и универзална безбедност во светот ќе се најде доколку сите се водат од концептот на општа, сеопфатна, заедничка и одржлива безбедност и продолжувајќи го дијалогот и консултациите на еднаков, внимателен и прагматичен начин“, смета Џинпинг.
Од сето она што го кажуваат и Путин и Џинпинг, од реките зборови, кои детално ќе се анализираат од дипломатите, јасни се три работи. Прво потрагата по мир во Украина, која добро би му дошла на Путин, но не и на САД, кои засега по секоја цена се за војна. Второ продолжување на битката за мултиполарен свет и трето економската соработка меѓу Кина и Русија. За Украина ќе се чекаат одговори и од неа. Засега и Москва и Киев имаат крајно спротивставени ставови. Не е исклучено Џинпинг по разговорите со Путин да разговара и со Зеленски – телефонски. Во Киев, неодмана рекоа дека Џинпинг засега не сака директна средба со Зеленски. Има во позадината на ова друга историја. Таа е од односите меѓу Кина и Украина пред војната. Кога Украина „национализираше“ кинеска компанија под притисок на САД. Тоа е компанијата за авионски мотори „Мотор-Сич“, која беше купена од кинески фирми. Се’ ќе зависи од приодот на Зеленски кон предлозите на Кина за мир. Ако се прифати нешто тогаш не е исклучено да дојде и до нивна средба. Треба да се знае дека до почетокот на војната Кина беше главниот економски партнер на Украина. Што се однесува до мултиполарниот свет, тој е се’ поизвесен и со и без Русија.
Руско кинеската економска соработка навистина расте. Но Русија сега е во состојба да „моли“. Не е онаа од пред 24 февруари 2022 година. Таа денес е уценувана и од Индија, и од Турција, па и од Кина. Во време на војна цените се други. А ако во време на санкции ти требаат пари, тогаш ќе продаваш гас и нафта поевтино на оние кои сакаат да ги купат. Оттука и растот на трговската размена на Русија со Кина и другите две земји, кои ја заменија ЕУ. Доколку и Кина воведеше ембарго на руската нафта и гас, тогаш нивните цени ќе се кренеа до таван. Па вака задоволни и Русија и нејзините партнери. Некои тврдат дека Русија е во „нерамноправен економски брак“ со Кина. Но понекогаш бракот од интерес е поцврст и потраен од оној од љубов. А во политиката има најмалку љубов. Освен што и помогна на Русија со купувањето нафта и гас Кина и овозможи да се најдат алтернативни патишта за увоз на неопходно потребни стоки. Сега веројатно ќе се разговара и за опрема за производство на полупроводници. А не е исклучено и оружјето. А ако и тоа се стави во игра, дури тогаш ќе биде весело. Затоа ќе има што да исчекува Западот денес и утре од Москва.
Мирче Адамчевски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.