23 Април, 2024
0.0261

Што да се прави со преквалификуваната работна сила?

Објавено во: Колумни 09 Октомври, 2013

Добивај вести на Viber

Во старите добри времиња постоеја само два државни универзитети – во Скопје и во Битола. Ако некој живееше во Берово и сакаше до студира, ќе си ги спакуваше куферите и ќе се преселеше во еден од двата тогашни универзитетски центри. На тој начин ќе можеше минимум четири години да ги почувствува убавините на студентскиот живот, да се стекне со квалитетно високо образование и да најде пријатели од целата наша земја. Доколку дипломираниот студент чувствуваше дека има потенцијал понатаму да се надоградува, се запишуваше на постдипломски студии, а подоцна можеби и на докторат. Во тоа време магистри и доктори имаше релативно малку, но нивните образовни квалификации, знаење и потенцијал за работа беа неспорни.

Во денешно време навистина е тешко да се избројат универзитетите и факултетите кои никнуваат како печурки после дожд. Образовната политика која доведе до претворање на некогашните бараки во институции каде што ќе се едуцираат идните академски граѓани, резултираше со целосна девалвација на парчето хартија наречено диплома и до хипер продукција на магистри и доктори.

За разлика од девалвацијата на паричната единица која може квантитативно да се изрази, тоа не е случај со девалвацијата на дипломите на (дел од) новопечените магистри и доктори. Таа девалвација може да биде само квалитативна, а конкретен пример за таквата појава можете да најдете ако некои од нив ги прашате кога се кренало Илинденското востание. Како и да е, поседувањето на магистерска или докторска титула создава чувство на повисока вредност. Понесена од таквото чувство, високо квалификуваната работна сила настапува на пазарот на трудот или во својата работна организација (ако е во работен однос) и бара нејзиниот минат образовен труд да биде соодветно валоризиран.

Од другата страна на преговарачката маса стојат работодавачите. Повозрасните работодавачи обично поседуваат понизок степен на образование од академските граѓани кои милуваат пред своето име и презиме да ја стават и соодветната образовна титула. Помладите работодавачи, кои следејќи ги „модните трендови“ и самите се стекнале со одреден образовен степен во некоја од „бараките“, не сакаат конкуренција од оние со кои до вчера ги делеле школските клупи. Можеби ваквото профилирање на работодавачите е малку претерано, така што оние кои нема да се препознаат во претходните неколку реда ја заслужуваат целата моја почит.

Сосема е нормално работодавачите и работниците да имаат различни цели и интереси. Ако ја тргнеме на страна флоскулата дека сите треба да се грижиме за просперитетот на работната организација, зашто од тоа сите ќе оствариме одредена корист, ќе дојдеме до заклучок дека секој се грижи за себе и за своето место „под сонцето“. Така и ново компонираните магистри и доктори се грижат за себе, за својот статус и својот џеб, па бараат работна позиција соодветна на нивното образовно ниво. Со оглед на тоа што образовното ниво е многу високо (за квалитетот на тоа „ниво“ зборувавме погоре), сите сакаат да бидат шефови, директори итн. Сакаат да имаат високи плати, да возат џипови (службени, се разбира) и нивните пасоши да бидат исполнети со печати од граничните премини и аеродромите во земјите ширум светот.

Арно ама, сите не можат да бидат шефови или директори. Тоа ќе им појде од рака само на неколкумина среќници. Што е со останатата работна сила која според сите норми и стандарди е преквалификувана за одредена работна средина? Што е со луѓето кои поради своето (пре)високо образование не можат да најдат соодветно работно место, а ако го најдат, чувствуваат дека нивниот труд не е соодветно валоризиран?

Наједноставен одговор би бил – кој им е крив на таквите? Никој не ги терал да стануваат магистри и доктори. Посебно не во наши услови кога луѓето почнаа преку огласи да бараат и да нудат изработка на магистерски и докторски трудови. Поголемо обезвреднување на научно истражувачката работа – здравје! Знаењето е навистина и сила и моќ, ама ако е стекнато со пот, а не на оглас.

Понатаму, преквалификуваните работници не прифаќаат било каква работа. А и да прифатат, работодавачите не им ја нудат. Истите тие работодавачи се свесни дека преквалификуваните работници нема да бидат среќни и мотивирани за работа ако нивната позиција не е соодветно висока на хиерархиското скалило на работната организација. Што се однесува до висината на платата, тоа е посебна приказна. Ниту работодавачите можат да ги платат „доволно“ новопечените магистри и доктори, ниту пак оние кои ја примаат таа плата се задоволни со истата. Парчето хартија во вид на диплома, академската титула и чувството на повисока вредност ги тера преквалификуваните работници да размислуваат во правец на напуштање на работната организација доколку најдат подобра понуда.

Што да се прави со преквалификуваната работна сила? Едно големо ништо! Создадовме генерација која има дипломи наместо знаење, генерација која се дави во сопственото незадоволство, фрустрација и бесперспективност. Создадовме една изгубена генерација која едноставно не знае што со себе.

Каде е излезот од оваа ситуација? Нема излез! Се соочуваме со една класична Замка 22 (Catch 22). Проблемот не може да се реши затоа што е толку апсурден, така што секој обид за негово решавање не враќа на почетокот и повторно го креира истиот проблем. Ниту новите академски граѓани можат да ги вратат стекнатите магистерски и докторски титули, ниту пак за најголемиот дел од нив може да се најде работа (или работна позиција) соодветна на нивниот образовен профил. Нека ни е на здравје на сите нас.

д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок