Што е најважно за стабилни објекти при силен земјотрес?
Објавено во: Македонија 16 Ноември, 2016
За квалитетна градба, која е клучна за стабилни објекти при силен земјотрес, важно е да се почитува целосно законската регулатива, беше кажано денеска на стручен форум на тема „Сеизмичка отпорност на градбите“, организиран од Градежниот факултет во Скопје, Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологии „Скопје“ ад Скопје (ЗИМ), Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) и Цементарница УСЈЕ.
Само така објектите кои се проектираат и градат ќе може да се сметаат за сеизмички отпорни, наведоа присутните. Особено ранливи од земјотресите се доградбите на постарите објекти без дополнително зајакнување, велат тие.
Директорот на ИЗИИС, Михаил Гаревски објасни дека сите нови градби во државава би требало многу лесно да издржат земјотрес како во 1963 година во Скопје. Вели тоа се покажало при неодамнешните земјотреси во кои имаше козметички оштетувања.
„И без тоа традицијата на Македонија по земјотресот од 1963 година е голема и градбите се генерално добри, особено поновите градби се подобри од оние градени по 1963 гоидина во Скопје. Најнедефинирани и најделикатни се објектите градени пред земјотресот, а кои се надградувани. Ако имате објект проектиран за два ката, а додадете уште два тоа не би било поволно освен ако не се зајакне детално и санира“ - вели Гаревски.
Контролите што досега ги направил Институтот на четири до пет милиони квадратни метри проекти покажале дека имало многу малку забелешки.