26 Април, 2024
0.0291

Може ли биткоинот да му конкурира на доларот?!

Објавено во: Колумни 02 Декември, 2013

Добивај вести на Viber

Изминатата недела во светот, па и кај нас, протатна веста дека виртуелната валута биткоин  се продавала за 1200 долари за парче, што беше, без малку, како и цената  на една унца злато. Ако притоа се има предвид дека на почетокот на годината се продаваше само 13 долари за парче,  тогаш, не е за чудење што неверојатниот пораст (повеќе десетици пати) привлече толку внимание кај пошироката и стручната јавност. Мнозина побрзаа да го постават прашањето што да се купува- злато, долари или биткоини, очекувајќи натамошен пораст на биткоините, кои се нарекуваат, покрај виртуелна и дигитална и крипто валута ( називот на  виртуелната валута потекнува од англиските зборови „bit“- единица на информации и „coin“- валута ).  Како да се еднакви со доларите и златото, или наскоро би можеле тоа да бидат, дури и да ги заменат.

Се заборава на високите осцилации на цената- висок (десетици пати) пораст и стрмоглав пад, во изминатиот период (доларот губи од вредноста по неколку проценти годишно, па се поставува прашање за неговата погодност како меѓународно средство за плаќање). Се потценува значењето на обемот на  циркулацијата на биткоините во прометот (засега е беззачајна, во однос на подмирувањето на меѓународните трансакции со долари. Со ограничениот обем од 21милиони парчиња и со околу 12 милиони парчиња во промет, бессмислено е да се споредува со доларите и другите валути). Што е најважно, се заобиколува дали тие, всушност, се пари или само картички кои ќе помогнат да се унапреди платниот промет во одделни земји, особено меѓу нив, со нагласок на потребите и интересите на граѓаните.  Во овој контекст само пропагандно значење има најавата за продажба на билети за биткоини и отворањето на првиот банкомат за биткоини, во Канада. За сега, трансакционите трошоци со биткоини се пониски од оние со кредитни и дебитни картички.

Со името што им се дава се инсистира на нивна промоција во пари, но само како можност да се појават во иднина (виртуелна валута), односно како нешто што е скриено и сфатливо сано за упатени (крипто валута). Од актуелните обележја на биткоините, факт е дека тие се само дигитален производ, а дали ќе бидат дигитални пари зависи од тоа дали ќе ја следат логиката на развојот на парите како стоковни пари. Без одржување на оваа врска тие не можат да станат пари, а уште помалку да бидат добри пари. Впрочем, и  нивната атрактивност како валута се наметна преку желбата да се надминат слабостите на постојните резервни валути (долар, евро, фунта, јен), кои ја изгубија довербата токму поради опаѓањето на нивните вредности, по напуштањето на конвертибилноста на националните валути во злато и со преминувањето на флуктуирачки курсеви во меѓувалутните односи во светот. Меѓутоа, отворено е прашањето, зошто би му се верувало на биткоините, кои се создаваат компјутерски, со посебни математички формули, кои ги подготвуваат луѓе, како и банкарите во централните банки. Високите осцилации во вредноста на биткоинот не одат во прилог на негово  промовирање во пари, туку во прилог на отворање на нова можност за шпекулации.

Од досегашното функционирање на биткоините извесна полза видоа тровците со  дрога, оружје, детска порнографија и други незаконски активности поради можноста да се скријат трагите на недозволените активности. Но,  и тоа не е докрај изводливо. И покрај комплицираноста на механизмот на купопродажба на биткоини, властите ги „ловат“ прекршителите. Во САД владата веќе затвори веб-сајт на кој биткоините беа користени за илегално купување на дрога. Во овој контекст, не треба да се потцени ниту податокот според кој огромниот пораст на цената на парче биткоин се должи и на порастот на кинеските купувачи (Кина учествува со 62% од обемот на глобалниот пазар со биткоини), кои објективно гледано немаат причини за нивно позначајно користење, освен за недозволени и шпекулативни активности. А тие, многу е веројатно, нема долго да се толерираат. Тоа значи дека набрзо може да се очекува пад на цената на биткоинот.  Значајно влијание има и високата ликвидност во САД, но и таа не може да трае долго, а штом се намали или запре приливот на долари во економијата ќе се намалат и можностите за шпекулации.

Во кусата практика се покажа дека не се безбедни ниту математичките, алгоритамски пресметки за циркулирањето на биткоините. Во неколку наврати е пробиен интернетскиот систем на плаќање со биткоин, па се направени и значајни штети на клиентите.

Интересно е што и покрај согледаните слабости се појавуваат нови фирми кои „емитираат дигитални пари“, а властите во САД не се плашат од нивна конкуренција на доларот. Тие знаат дека од нив не можат да се  изродат  конкурентни пари на доларот. Затоа ги допуштаат, во името на слободното претприемништво, но ставаат до знаење дека нема да толерираат незаконски активности. А сите што се вклучуваат во купопродажбата на дигитални валути, тоа го прават на сопствена одговорност. Државата не им се меша во нивните потфати. Тие си ги сносат последиците.

Ваквото размислување се наметнува од  сознанието според кое властите во САД пред пет години забранија фирма која најави потфат на создавање на виртуелна валута е-злато   т.е. креирање на дигитални пари со вреденост утврдена во злато.  Тие во нив видоа опасна конкуренција за доларот и за неговата позиција на меѓународна резервна валута. Значи,  може да се пробува со неостварливи идеи за креирање на нови валути, ама не и со дигитални валути кои воспоставуваат врска со стоковните пари, односно со златото. Тоа е така зошто само таква валута има шанса да ги истисне нестабилните национални валути од нивната меѓународна улога.  А на властите тоа не им е од интерес.

Следствено на ваквите сознанија и укажувања можеме да констатираме дека се’ додека не се загрозени позициите на Америка, во името на слободното претприемаштво таа ќе дозволува демократија (децентрализација) во монетарната свера. Тоа е слично како и толерантниот однос спрема лицата кои го издаваат станот каде се игра покер. Државата не ја засега кој добиваа, а кој губи. А во оваа игра добиваат компјутерџиите и програмерите, додека во  „играта“ со биткоини повеќе од јасно е дека „играчите “ќе ги менуваат позициите, како што тоа се случува во покерот. Засега навидум имаме win-win ситуација.

Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД