ШТО ГИ НАТЕЖНА КРЕДИТНИТЕ РАТИ - граѓани се жалат дека по одложувањето треба да плаќаат повеќе
Објавено во: Економија 22 Октомври, 2020
Дали олеснувањето на должничкиот товар со одложување на плаќањето на кредитите, кое траеше шест месеци, сега ќе им предизвика нови главоболки на граѓаните?
Ова прашање се поставува откако од овој месец заврши мораториумот што банките го дадоа на кредитните обврски, но некои од клиентите на банките уште на стартот се соочија со невообичаено високи суми на ратите.
Како што е познато, граѓаните кои зеле кредит од банка или користат кредитни картички, веќе од овој месец повторно продолжија со редовна отплата на своите заеми, бидејќи заврши дозволеното пролонгирање од банките, а ново шестмесечно одложување им беше дозволено само на оние корисници кои имаат сериозни финансиски проблеми поради ковид кризата.
Но, некои од клиентите, барем според реакциите кои стигнаа до Фактор, се соочиле со невообичаено големи суми кои треба да ги вратат. Октомвриските ануитети што сега третреба да ги исплатат, како што велат, се повисоки од оние што претходно им ги плаќале на банките. Овие граѓани не знаат зошто е така и се прашуваат која би можела да биде причината.
А со оглед што за шесте месеци додека траеше мораториумот банките не им ја наплатуваа, но им ја пресметуваа каматата, најавувајќи дека нејзината отплата потоа ќе се прераспредели на сите преостанати рати, овие граѓани се прашуваат дали можеби таа камата им ги зголемила ануитетите. И, како што велат тие, тоа би биле невообичаено високи износи доколку таа шестмесечна камата би се распределила на сите останати рати.
„Во една од нашите банки имаме станбен кредит од околу 50 илјади евра, со каматна стапка од 5 отсто, кој треба да го отплаќаме уште 20 години. Кога банките понудија мораториум, решивме да ја искористиме понудата, и шест месеци не ги отплаќавме кредитните обврски. Кога отидовме во банка да стартуваме со отплатата сега од октомври, таму ни кажаа дека ратата е 14 илјдаи денари, иако претходно плаќавме по 12 илјади денари, што значи дека сега имаме две илјади денари повеќе, а не знаеме зошто е тоа така. Инаку, не сме менувале ништо во условите на кредитот, па за толку драматично да се промени ратата. А доколку каматата за шест месеци се распореди на сите преостанати рати, иако не ги знаеме точните пресметки, таа сепак не би можела да изнесува толку висика сума - две илјади денари“, вели еден брачен пар кој има кредит во една од нашите банки.
Една граѓанка, пак, забележала нешто невообичаено кај кредитната картичка.
„Претходно уплаќав по околу 6.000 денари на картичката. Сега, откако стартуваше отплатата, ми стигна известување дека минималниот износ за плаќање е околу 8.500 денари, што значи 2.500 денари повеќе. Не велам дека во меѓувреме немам нешто потрошено од картичката, но се досега таа сума за отплата се движеше околу 6.000 денари, а сега одеднаш е 8.500 денари. И откако ги уплатив парите, расположиви за трошење не се плус 8.500 денари, туку 5.500 денари“, вели корисничка на кредитна картичка во друга банка.
Фактор ги праша банкарите зошто дошло до овие зголемувања, и конкретно, дали каматите што ги пресметуваа за шесте месеци мораториум, сега ги распоредиле во сите наредни месеци, или за многу пократок период, на пример исто за шест месеци, па затоа на граѓаните ратите им се повисоки.
Некои објаснувања се дека тоа зависи од банка до банка, и дека граѓаните што имаат невообичаено високи рати, треба да го постават ова прашање конкретно до своите банки. А, можеби има разлика и во тоа дали мораториумот бил за класичен кредит, или, пак, за кредитна картичка. Според нив, можеби некои граѓани ги смениле условите на кредитот, на пример, ги намалиле годините на отплата и така им се зголемиле ратите.
Фактор ова прашање го постави до Македонската банкарска асоцијација, како и до трите најголеми банки во земјава.
Засега одговор добивме само од Комерцијална банка, од каде објаснуваат дека каматата што ја пресметувала банката, рамномерно се распоредила во ануитетите до крајниот датум на отплатата.
„Условите за отплата на кредитните производи на физички лица по завршување на грејс периодот од шест месеци беа прецизирани и истакнати во самата Јавна понуда од Комерцијална банка за промена на договорните услови за кредитните производи на физички лица, објавена на 30 март 2020 година. Имено, за цело времетраење на грејс-периодот, банката пресметуваше камата по каматна стапка предвидена во Договорот за кредит. По истек на предвидениот грејс-период, каматата пресметана во грејс периодот се капитализираше, односно се додаде на кредитното салдо на кредитот и рамномерно се распореди за наплата во ануитетите до крајниот датум на отплата, согласно новиот амортизационен план. Согласно Јавната понуда, Банката не пресметува камата на капитализираната камата“, се вели во одговорот од Комерцијална банка.
Со оглед што ова важи за сите кредитни производи на банката, значи дека тоа се однесува и за кредитите, и за кредитните картички.
Одговори се очекува да достават и другите банки, кои Фактор ќе ги објави во целост.
Инаку, почнувајќи од април годинава па се до крајот на септември, граѓаните имаа можност да користат пролонгирање на кредитните рати поради корона кризата. Како што е познато, тоа го побараа дури 70 отсто од граѓаните.
Почнувајќи од октомври, пак, можност за ново шестмесечно одложување добија само оние граѓани кои имаат влошена економска состојба, или се болни, нешто што требаше да го докажат и пред самите банки. За граѓаните кои ќе бараат ново одложување беше кажано дека ќе треба да ја информираат својата банка за причините за одложување на отплатата, а таа може да биде намалени приходи, изгубено работно место или настанати потреби за лекување во изминатиот период.
Нина Нинеска-Фиданоска* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.