Што можат да работат луѓето кои се без образование или имаат само основно?

Објавено во: Економија 23 Јули, 2021 07:17
Да бидат хигиеничари, да работат во производство или да бидат општи работници. Ова се опциите за невработените кои се без образование или имаат само основно образование, а такви има многу во Македонија. Според податоците на Агенцијата за вработување, 79.138 невработени спаѓаат во оваа група. Од нив 41.688 се жени.
Ако ги погледнеме огласите за вработување, работодавците обично бараат работникот да има завршено минимум средно образование.
„Јас имав завршено само основно образование, по што одев на обука за шивачка. Потоа имаше оглас и се вработив. Задоволна сум од работата. Мислам дека е најважно човек да има волја за работа. Ако некој има волја за работа ќе помине курс, и 3 до 6 месеци ќе може да работи. Порано родителите немале услови да ги школуваат децата, а денес младите имаат повеќе услови за да се образуваат, но некако немаат волја за работа“, раскажува Аријана Настеска, шивачка.
Горан Ристески, кој по професија е машински техничар вели дека познава многу луѓе кои се без образование и тие многу тешко доаѓаат до вработување.
„Човек без знаење не може ништо да направи. Луѓето кои се без образование или седат без работа или цепат дрва во шумата, работат тешка физичка работа. Сите млади ги советувам да се образуваат. Денес е тешко и за тие со образование. И дел од нив се принудени да работат за минималец, а за оние без образование, знак прашалник дали и тоа ќе го добијат“, рече Ристески.
Во време кога за многу работни места е потребно искуство, познавање на странски јазик и работа со компјутер, мали се шансите луѓето без или само со основно образование да најдат работа.
„За таа категорија на луѓе е многу тешко. Ние имаме такви членови, и тоа од сите возрасти, и млади на 20, 30 години и постари кои имаат само основно или немаат ниту основно, но ретко ги викаме на разговор, затоа што газдите на фирмите дури и да е за лепење на декларации или физичка работа, работа за дневница, бараат кандидатот да има завршено средно училиште. За некои посериозни работни места има многу повеќе критериуми кои треба да бидат исполнети. Луѓето кои се без образование или се со основно, добро е да се доквалификуваат, за да имаат знаења и вештини со кои ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот“, велат од скопска агенција за посредување при вработување.
Донка Спасовска, сопственичка на агенцијата за посредување при вработување „Хоризонт“ објаснува дека овие луѓе сепак стекнале одредени знаeња и вештини.
„Тие веќе се вклучени во трговија или се занимаваат со некој занает. Можеби не сите, но повеќето од нив се преквалификувани“, вели Спасовска.
Непотполно средно образование имаат 14.042 невработени, со средно се 36.821, со виша школа 1.260, со факултет 11.249, со магистратура 853, и 27 од невработените лица во земјава се доктори на науки.
Во Европа, сликата е поинаква. Во 2020 година, 81 oтсто од луѓето на возраст од 25 до 54 години во ЕУ имале најмалку средно образование. Луксембург, Ирска, Кипар, Литванија, Холандија се земји со најголем процент на високо образовано население во рамки на ЕУ, покажуваат податоците на Евростат. Најмалку високо образовани кадри во ЕУ има во Романија. Бугарија е неколку скалила пред Романија.
Сања Атанасовскаfoto unsplash
Можеби ќе ве интересира
МОЌНО ГЛОБАЛНО ОРУЖЈЕ Америка ги контролира 20-те најголеми европски банки

КОЈ Е ШВАЈЦАРСКИОТ МИЛИЈАРДЕР КОЈ КУПИ ДВЕ КЛУЧНИ ПРИСТАНИШТА ВО ПАНАМСКИОТ КАНАЛ: Потрошија повеќе од 40 милијарди долари

Што да очекуваат акционерите на „Фершед“ годинава?

САМОХРАНИТЕ РОДИТЕЛИ ВО НАЈГОЛЕМ СОЦИЈАЛЕН РИЗИК – над половината од нив се борат со сиромаштија

ЦРНИ ДЕНОВИ ЗА РАБОТНИЦИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА: Дали е ова знак дека многумина ќе останат без работа?! Посебно е лошо во еден сектор

КРАЈ НА ПАТУВАЊАТА БЕЗ ДОЗВОЛА: Ќе мора да се менуваат навиките

ЕПЛ КАЗНЕТ ВО ФРАНЦИЈА - треба да плати 150 милиони евра

„ВЛАДАТА ДА ЗАСТАНЕ НА СТРАНА НА РАБОТНИЦИТЕ“: ССМ во среда излегува на протест
