20 Април, 2024
0.0283

Што се случува кога информациите и парите ќе се сретнат на едно место?

Објавено во: Колумни 20 Декември, 2013

Добивај вести на Viber

Во математиката еден плус еден секогаш се два. Во реалниот живот, за среќа, еден плус еден можат да бидат три, четири итн. Тоа се случува кога два успешни сектори ќе се обединат во еден сектор, поголем и поуспешен. Пример за таква синергија во македонската економија би можеле да побараме во соработката помеѓу телекомуникацискиот и банкарскиот сектор.

Во македонската економија постојат случаи (или барем најави) за хоризонтално припојување и тоа, како во рамките на телекомуникацискиот сектор, така и кај банкарскиот сектор. Зошто да не се обидеме да направиме вертикално окрупнување и спојување на различни дејности кои се компатибилни помеѓу себе. Можеби на тој начин и телекомуникацискиот и банкарскиот сектор заедно би постигнале поголем ефект, отколку добивката што би ја стекнале поединечно.

Посебно треба да се нагласи дека двата сектори би требало да остварат поголеми приходи од работењето. Пред се, поради подобар пристап и ширење на пазарот, нови производи и услуги, зголемување на базата на клиенти/потрошувачи, заедничко користење на ресурси (луѓе, деловни простори, технолошки иновации), зголемување на квалитетот и стручноста на човечките ресурси, намалување на трошоците, користење на заеднички бренд, маркетинг и сл.

Сосема накратко ќе се осврнеме на уште две придобивки од влезот на телекомуникациски оператор во банкарскиот сектор.

Првата придобивка е приливот на свеж капитал, кој за банкарскиот сектор е секогаш добредојден. Со влегувањето на телекомуникациите како акционери во банките во Република Македонија, на многу безболен начин би се решила потребата од докапитализација. Со оглед на тоа што телекомуникациските оператори во државата се дел од меѓународни холдинг друштва, имаат јасна стратегија за работа и ширење на пазарот, силна финансиска моќ, воспоставени меѓународни стандарди на работа, информативен систем и опременост, како и изградена организациона поставеност и квалитетни човечки ресурси, истите би можеле да имаат интерес за стекнување на статус на акционер со квалификувано учество во банка (над 5%).

Втората придобивка се однесува на двата деловни сектори, пред се во поглед на зголемување на преговарачката моќ и создавање на силна конкурентска сила на пазарот. Синергијата ќе придонесе овие два сектори добро да се позиционираат на пазарот и тоа не само спрема добавувачите и купувачите, туку и спрема институциите на системот. Како акционер во некоја банка, буквално преку ноќ, телекомуникациските оператори индиректно ќе станат членки на Македонската берза, Централниот депозитар, Клириншката куќа, Кредитното биро, Стопанската комора на Македонија итн. Преговарачката моќ ќе дојде до целосен израз и преку влијанието при носењето на регулативата која ќе го тангира работењето на овие два сектори, а тоа е секако широк дијапазон на прописи.

Во постојната констелација на односите, државата во остварување на своите цели и реализирање на предвидените проекти, се потпира врз реалниот и банкарскиот сектор. Таа го крои буџетот имајќи ја во предвид висината на дивидендата добиена од телекомуникацискиот сектор и задолжувањето преку пласирање во државните записи кај банките. Имајќи го ова во предвид, зголемената преговарачка моќ можеби ќе резултира со дерегулација во сферата на економијата.

И на крај која е користа за сите нас, обичните смртници - потрошувачите или клиентите? Ние ќе се надеваме дека од сета таа „синергија“ (како ли и да ја викаат!) ќе произлезат пониски трошоци за користење на постојните услуги и производи на двата сектори. Исто така, ќе бидеме во очекување на нови поиновативни услуги и производи кои ќе бидат полесно достапни. Значи ние ќе се надеваме дека за помалку пари ќе добиеме повеќе производи и добра.

Убаво звучи, ама ќе треба да ги малку да ги смениме навиките! Кога можат нашите децата да не купуваат CD-а со музика од продавница, туку истата да ја симнуваат од интернет, сигурно и ние возрасните можеме да се навикнеме банкарските услуги да не ги користиме со одење на шалтер, туку со употреба на нашиот мобилен телефон, ТВ приемник и компјутер. Да дозволиме искористување на новите можности кои несомнено ќе донесат дополнителна корист за сите нас.

Кинезите имаат изрека дека и најдолгиот пат започнува со првиот чекор. Французите пак, рекле, дека тежок е само првиот чекор. Да го направиме тој прв чекор денеска, зашто утре може да биде премногу доцна!

Искра Ивановска Стојановска

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок