15 Мај, 2024
0.0310

Што Ви е поважно, работата или приватниот живот?

Објавено во: Колумни 16 Јануари, 2014

Добивај вести на Viber

Заеднички семеен ручек во работен ден на четворочлено македонско семејство во 15 часот е нешто што денес ретко може да се случи. Па дури ни во сабота или во недела! На овој начин се отуѓуваат дури и најблиските. Тенденција што ни јавни кампањи за промовирање на семејните вредности не можат многу да ја променат. Се враќаме дома по 18 часот, набрзина ќе направиме нешто за јадење, ќе завршиме по некоја домашна обврска и дури да трепнеш поминал денот. Имаме се помалку слободно време, поретко се гледаме со пријателите и роднините, стануваме летаргични и многу тешко се организираме за некаква активност, спорт, излегување или за што било друго. Станувате мрзеливи, а како последица на тоа се неколку килограми повеќе. Поради секојдневните обврски ја губиме свежината, стануваме нетолерантни, преморени и се помалку се радуваме на малите работи. Ги редуцираме прошетките и дружењето со сопствените деца, а на нашите родители, ќе ни текне кога ќе ни се јават! Стануваме себични, исполнети со чувство на незадоволство. Незнам дали ќе се сложите, но јас често среќавам такви луѓе, а и мене неретко ми се случува истото. Работите напорно, посветени сте максимално на кариерата и постојано наоѓате оправдување, дека тоа го правите за доброто на своите деца. Да им обезбедам подобра идина, да можат да добијат одлично образование итн. На обврските им пристапувате одговорно со целата своја енергија, секогаш сте мотивирани, флексибилни и исполнителни во поглед на кратките рокови. Но како што поминува времето, забележувате дека сте станале преосетливи, стресот се познава на вашето лице. Неможете да се опуштите! Акумулиран замор, е најчестата фраза која ја слушате од пријателите и колегите. Ова е ситуација за жал со повеќето од вработените денес (доколку пак не сте вработени, ве изморува неисполнетоста и прекумерното слободно време). Некои од овие состојби ви се наметнати, но не ретко сте и самите виновни за неорганизираноста и воспоставениот стереотипен начин на живот.  Решенија и можности секогаш постојат, до нас самите е дали ќе ги откриеме и примениме во сопствениот живот. Зошто денес да не се разбудам порано, и со целото семејство да отидам на Водно? Зошто да не ја прочитам книгата која долго време ми стои на полица, и навистина имам желба да ја прочитам, а за која не сум наоѓал време. На пример за гледање телевизија секогаш имаме време, оти не бара посебен напор. Прашањето за идеален баланс меѓу работата и приватниот живот е многу комплексно, но истовремено и многу едноставно. За претпоставените и менаџерите најважно е компанијата континуирано да напредува, да се зголемува продуктивноста на вработените и да се остварува висок профит. Нивна задача е да пронајдат начин како тоа да го постигнат. За секој поединец важно е да заработи, но и да не го запостави семејство. Семејните прошетки,и играњето со децата се најголемиот еликсир, обновувач на енергијата и нешто што е неопходно и здраво за сите. Работникот кој е изложен на континуиран стрес, не може квалитетно и навремено да ги извршува своите работни обврски. Реализирањето на задачите станува механичко, се намалува  степенот на концентрација, што на крај доведува до низок квалитет на сработеното и намалена продуктивност. Психолозите, како и експертите за човечки ресурси советуваат дека на крајот од секој трет месец на континуирана работа, луѓето почнуваат да чувствуваат премореност која негативно се одразува кон нивната продуктивност. Потребен им е краток одмор, за да ефектите на крајот на годината севкупно бидат многу подобри.   Информациите од најновите истражувања направени во САД, покажуваат дека 70% од менаџерите на големите компании сметаат дека нема да можат да ја подобрат конкурентноста на своите компании доколку не им помогнат на своите вработени да постигнат идеален баланс помеѓу работните и приватните обврски. Менаџерите за да ги задржат своите талентирани вработени, за да ја зголемат нивната мотивираност, не е доволно само да им понудат добра плата туку и нешто дополнително. Флексибилност во доаѓањето и одењето на работа, дополнителни финансиски бенефиции, програми за грижа на нивните деца и други бенефиции. Работата која ја карактеризира автономија, флексибилност, поддршка од претпоставените, постоењето можност за напредување, најчесто резултира со задоволство од работата, посветеност, задржување на истото работно место и до поголема продуктивност и профитабилност. Задоволството од работата се пренесува дома, на најблиските и сето тоа влијае да се постигне баланс меѓу работата и приватниот живот. Тоа значи ако не си задоволен на работа, нема да бидеш ниту во приватниот живот, и обратно. Сашо Дуљанов   

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка