19 Декември, 2025
0.0672

Што значи вмешувањето на Русија во македонската криза?

Објавено во: Економија 15 Април, 2016 08:05

Добивај вести на Viber

Најновите настани во Македонија не останаа незабележани во официјална Русија. Вчера со свој коментар се јави руското Министерство за надворешни работи. И ако во досегашните коментарии и соопштенија тоа балансираше и воопшто не префрлаше вина врз некој од внатрешните политички играчи тоа овој пат изостана. Во најновиот коментар на МНР на Русија се повторува како и во некои досегашни соопштенија загриженоста „за ескалирање на политичката спротивставеност во Македонија, за немирите кои се случија во Скопје“. Оттука и повикот до сите страни кон „политички дијалог и непровоцирање на нови изливи на кризата којa трае веќе повеќе од една година“. Исто така се повикуваат сите политички сили и претставници на меѓународната заедница кризата да се реши со мирни средства, со почитување на дејствијата и на одлуките на легитимните власти и на македонското раководство. И се до овде е во рамките на дипломатскиот јазик. Но затоа, пак, веќе во други делови од коментарот работите попримаат нова насока. Досега незабележана во официјалните ставови на Москва во поглед на внатрешната ситуација во Македонија. Русија во нив отворено зазема страна во Македонија.  „Констатираме дека македонската опозиција повторно стана инструмент за распалување на внатрешно политички конфликт, меѓу другото со надворешна поддршка, со цел да не дојде до одржување на предвремените избори на 5 јуни кои претставуваат единствен демократски и легитимен излез од долгата криза. Притоа, одржувањето на изборите беше договорено уште летото 2015 година, со активна помош од САД и ЕУ, и западните партнери мораат да ги почитуваат постигнатите договори и своите обврски што ги имаат преземено во тој контекст“, се вели во коментарот на руското МНР. И сето тоа без да се каже збор за причините за најновата политичка спротивставеност. За одлуката на претседателот Ѓорге Иванов. Значи, опозицијата е инструмент. И тоа „повторно“, иако претходно официјално го немаат кажано тоа. Е сега, ако има инструмент, тогаш некој ракува со него. Русите велат „меѓу другото со надворешна поддршка“. Значи зад она што се случува кај нас стојат и сили однадвор! Како да го слушаме претседателот Ѓорге Иванов или лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски за странските служби, кои секогаш ги користи по потреба. Прво го прислушуваа со комбиња кои шетаат низ градот, а сега се мешаат во нашите домашни работи. А, да прашаме, која е нивната надворешна поддршка? Можеби Русија? Или пак се работи „само“ за координација на дејствата? Ај да видиме уште еден дел од коментарот на руското МНР.   „ Сметаме дека е недозволиво да се разнишува кревката ситуација во Македонија поврзана со комплициранa етничка и верска структура на земјата. Активирање на „украинското сценарио“, надворешно инспирирање на незаконски дејствија и на државни удари може да доведе до сериозни потреси во Македонија, како и до дестабилизирање во целиот Балкански регион. Некој рече „украинско сценарио“? Да. Претседателот Иванов. „Нема да дозволам „украинско сценарио“ , изјави категорично пред собраните  кај него главни уредници, правдајќи се за одлуката за аболиција за криминалот на раководството на партијата која што го донесе на функцијата и нивни соработници, како и на лидерот на СДСМ и други поединци. „Украинското сценарио“ го спомна и Груевски. Ако се вратиме на ланскиот мај веднаш во сеќавање ми се руските телевизиски екипи, кои под итно дојдоа овде да известуваат од македонскиот „Мајдан“.Дојдоа со предубедување дека ќе се повтори „украинското сценарио“. И прашањата што ги поставуваа беа исти и бруеше – Украина, Украина. Сите заминаа, а ни „У“ немаше од некакво тамошно сценарио. Но и тогаш официјална Русија не заземаше отворено страна. Точно е дека во некои медиуми се правеа анализи во кои се намекнуваше дека  „Македонскиот мајдан е речиси копија на украинскиот“.  И во нив, анализите, навистина се заземаше страна. За кризата во Македонија се обвинуваше лидерот на СДСМ Зоран Заев и странскиот фактор. Па се правеа паралели со настаните во Украина и кај нас. И таму главни биле Американците, а зад Заев стоеле странски држави. Дека таму Американците не ги есапеле европјаните, а кај нас зад Заев стоеле и САД и ЕУ. Истото што тогаш го тврдеше македонската влада. Поентата на аналитичарот беше дека за разлика од Виктор Јанукович, тогашниот украински претседател, кој се плашел да не предизвика крвави судири, Груевски успел да организира контра митинг во своја поддршка. Ставот на Западот денес кај нас е дека работите мора да се завршат во духот на договорот од Пржино. Доследно, а потоа да се појде на избори. Независно кога и да бидат, па дури и на 5 јуни. Иванов со својот потег само направи тој датум да биде под знак прашање. Како секое дете фатено во лага или некоја грешка, сега тој се обидува да ги релативизира работите. Де, не бил разбран правилно, де немал намера да се меша во работата на Специјалното јавно обвинителство...Но упорен е за „странските служби“. Ако со едно око гледа кон Русија, тој треба да знае дека таква аболиција нема никогаш да направи рускиот претседател Владимир Путин. Тој ги контролира и ги штити нему блиските олигарси,  им овозможува на некои од нив да  „црпат“  од буџетот, можеби е и соучесник во тоа. А богами и некои казнува. Но, ни на крај памет нема да му падне аболиција на криминалот во форма како што ја направи Иванов. Можеби Иванов мечтае за таква контрола, но не е тој калибар, а и не му даваат оние кои вистински го контролираат него и црпењето од буџетот и се друго во државава. Иванов треба да знае дека и ако се одржат изборите на 5 јуни, во сегашни состојби, дека веќе на 6 јуни, тие ќе бидат прогласени за нелегитимни, недемоктратски, неизбалансирани. А тоа ќе повлече одземање на кандидатскиот статус во ЕУ, неспоменување на Македонија на Самитот на НАТО. Што е најважно, ќе се појави судир меѓу ДУИ и ДПМНЕ, зашто Али Ахмети уште плива на ветувањата за брз влез во евроатлантските интеграции. Тој од Русите бега како од оган. Ако се прогласат изборите за нелегитимни од страна на гарантите на договорот од Пржино, Ахмети ќе потоне и ќе почнат нови проблеми за Македонија. А за нивно решавање ќе биде потребна нова влада, влада на национален спас и најмалку две години до нови избори. Затоа заземањето на страна од Русите во сегашната политичка криза кај нас не треба да го радува Иванов премногу. Тој мошне добро знае кои се главни играчи на Балканот. Впрочем, барем на зборови, и нему устата му е полна со НАТО и ЕУ. И затоа нема потреба од покажување заби. Заврши си ги домашните задачи на кои си се обврзал. Има и уште една гооолема причина. Тој го нема куферчето што го има Путин. Мирче Адамчевски 

Можеби ќе ве интересира

Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба

Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба

ЕВЕ КОИ ЛИЦА ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД УО НА ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА - добиена е согласност од Народна банка

ЕВЕ КОИ ЛИЦА ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД УО НА ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА - добиена е согласност од Народна банка

Крај на една ера: Легендарниот дизајнерски шеф на Mercedes-Benz ја напушта компанијата

Крај на една ера: Легендарниот дизајнерски шеф на Mercedes-Benz ја напушта компанијата

ОД ДЕНЕС НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: РКЕ вчера ги соопшти деталите

ОД ДЕНЕС НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: РКЕ вчера ги соопшти деталите

Во која земја од ЕУ храната е најевтина?

Во која земја од ЕУ храната е најевтина?

Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?

Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?

Хрватска ги заострува условите за вработување странци

Хрватска ги заострува условите за вработување странци

Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар

Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар

Во кои европски земји најмногу поскапе млекото?

Во кои европски земји најмногу поскапе млекото?