19 Април, 2024
0.0412

Силата на Сибир-Кинески појас за Русија

Објавено во: Колумни 29 Ноември, 2019

Добивај вести на Viber

Понеделников што следи претседателите на Русија и на Кина, Владимир Путин и Си Џинпинг, најверојатно, ќе имаат телевизиски мост и притоа ќе дадат старт на  гасоводот „Силата на Сибир“. Станува збор за гасовод договорен во 2014 година, кога започнаа санкциите против Русија и постоеше опасност под нив да се најде и рускиот гас.
Гасоводот на руска територија ќе се протега во должина од околу 3000 километри, за потоа да премине во Кина во реонот на градот Благовешченск и по 3370 километри ницз кинеска територија да стигне до Шангај. Овој гасовод ќе го користи гасот од најстудените делови на Сибир, кои се наоѓаат во Јакутија, над Бајкалот. Вредноста на договорот е околу 400 милијарди долари. Најголем досега на „Гаспром“. Договорот е во траење од 30 години и е предвидено секоја година низ него на Кина да и се испорачуват 38 милијарди кубни метри гас. Договорот го склучија руски „Гаспром“ и Кинеската национална корпорација за нафта и гас.

„Силата на Сибир“ е нова маршрута за испорака на гас од Русија во некоја соседна држава. Досега рускиот гас главно се испорачуваше во Европа. Но, во 2014 година заради политиката на санкции од страна на Запад, Русија реши донекаде да ја промени својата енергетска политика, кога станува збор за гасот. Гигантскиот цевковод, долг речиси 6,5 илјади километри ќе треба да задоволи дел од енергетските апетити на Кина. Капацитетот од 38 милијарди кубни метри и не е некое големо количество за Кина која денес троши над 250 милијарди кубни метри гас. Но за Кина тој значи диверзификација на изворите на енергенси, а за Русија намалување на зависноста од пазарите на гас во Европа. Сликовито кажано, кинески појас за спасување на Русија од зависноста од потрошувачите во Европа. Но и ставање во експлоатација на новите огромни наоѓалишта на природен гас во Сибир. Истовремено и појавување на пазарите на гас во Азија.

Русија и Кина веќе водат преговори за нов гасовод „Силата на Сибир-2“ или „Алтај“, кој би носел гас од Западен Сибир кон Кина. Но работите на тој план се влечкаат. Кинезите се познати како „тешки“ преговарачи. И за „Силата на Сибир“ се водеа долги и тешки преговори, па во еден момент беше најавено дека ќе бидат прекинати, па Путин и Си Џинпинг да седнат на маса за преговори и да си подадат рака.  Можеби една од причините за влечкањето на Кинезите е и тоа што гасоводот „Алтај“ треба да минува низ Ујгурската област, претежно населена со муслимани, а која последниве години е сцена на која има немири, појава на политички репресии, терористички акти и национализам. Кинеските власти веројатно се плашат и од сепаратистички намери во тој регион. Како и да е, за тој гасовод засега не е постигнат договор. Но потреба од гасоводи пројавуваат и Казахстан и Монголија. 

Некои познавачи на работите во оваа област се на мнение дека Кина ги влечела работите во преговорите за „Силата на Сибир “, десетина години, се' до оној момент кога Русија падна во изолација од Запад, со воведување санкции 2014 година, за да може да диктира поволни услови за себе во преговорите. Но има мислења дека со тој договор Кина и помогнала на Русија во историски тешки времиња.
Во моментов ситуацијата со испораките на рускиот гас во Европа личи стабилна, но истовремено на неа влијаат западни фактори кои можат да предизвикаат дестабилизација. Во прв ред и покрај тоа што неодамна беше отстранета последната пречка за изградба на гасоводот „Северен тек-2“, Данска даде дозвола тој да минува и низ нејзина територија, се’ уште не стивнуваат напорите на САД и некогашните советски сателити или републики, Полска и земјите од Балтикот, како и Украина, да биде блокирано неговото завршување. Се очекува тој гасовод да биде пуштен во средината на идната година.

Паралелно со ова Русија води тешки преговори со Украина за транзит на руски гас низ гасоводот низ таа земја. Во добри времиња низ него минувале и 185 милијарди кубни метри гас годишно. Меѓутоа со изградбата на „Северен тек-1“ и сега „Северен тек-2“ и скорешното пуштање во експлоатација на „Турскиот тек“, ќе се намали транзитот на гас низ Украина. Во Европа своевремено се транспортирале 120 милијарди кубни метри, но со изградбата на двата гасовода „Северен поток“, за толку би се намалил транзитот низ Украина. А со тоа ќе се намалат и нејзините приходи од транзитот. Се споменува сума од околу три милијарди долари годишно. Русија, за да го „спаси“ „Северен тек-2“ и вети на Германија дека нема да го сопре транзитот низ Украина. Па сега Германија се јавува како гарант во преговорите. Работите на овој план ги оптоварува и фактот дека на 19 декември истекува досегашниот долгогодишен договор меѓу Украина и Русија за испорака и транзит на гас. Тоа значи дека ако не се постигне договор од 1 јануари 2020 година Украина нема да добива гас од Русија, а само ќе транзитира количества наменети за западот. Меѓу нив и Македонија. Минативе години Русија два пати ја прекинуваше испораката на гас кон Европа, низ Украина, тврдејќи дека таа го краде гасот, го складира без да плаќа.  

Токму поради сето ова „Силата на Сибир“ ја зацврстува позицијата на Русија на преговорите за договори со земјите од ЕУ за гасот и транзитот низ Украина. А може да биде и олеснителен вентил доколку дојде до влошување на односите со Европа. Ова и од причина што Кина последниве десетлетја користи се повеќе гас. Таа има и сопствено производство, но сепак околу половина од потребите ги задоволува од увоз. Лани тоа биле 43 проценти од потребите. Во увозот две третини отпаѓаат на гасоводот што води од Туркменистан до Кина, преку Узбекистан и Казахстан. Другите количества се течен природен гас кој доаѓа од Австралија, Катар, Малезија и Индонезија.  Потрошувачката се зголеми и откако кинеската влада принуди домаќинства и индустрии да се откажат од јагленот и да преминат на гас за да се намали загадувањето на градовите.
Во Русија сметаат дека  натамошниот развој на Кина, но и другите азиски држави ќе наметне потреба од изградба на нови гасоводи, но и ширење на испораките на течен природен гас. Годинава таков гас компанијата „Новатек“ испорача и за Америка, но близината на наоѓалиштата до Азија и користењето на Северниот морски пат го прават нејзиниот гас поконкурентен од другите снабдувачи. Се разбира во ова може да се вклучи и „Гаспром“. Веќе има идеи за гасоводи кон Јапонија и Јужна Кореја. Од Сахалин еден гасовод води кон Северна Кореја и Кина. Доколку се реализираат овие работи, тогаш Западот за да обезбеди руски гас за своите потреби ќе мора да пикне рака подлабоко во џебот.

Кинески експерти сметаат дека и покрај тоа што количествата што ќе се добиваат од Русија и не се така големи, тие придонесуваат за зголемување на енергетската безбедност. Второ, тоа е гаранција дека во североисточниот дел на Кина ќе доѓаат доволни количества гас, и трето, дека сега со Русија ќе можат полесно да се водат преговори за зголемување на испораките на гас во иднина.
Сето ова покажува дека и кога две држави имаат партнерски односи, блиски до сојузнички, сепак, во нивната изградба тие поаѓаат од своите економски интереси. Во економијата и во политиката на сериозните држави нема алтруизам.  Русија има природни енергетски извори, а Кина има енергетски потреби и пазар. Тука се пресекуваат интересите на двете земји. И почнува соработката. А што се однесува до Европа, „Силата на Сибир“ секако не значи и покажување сила кон неа. Но заедно со развојот на инфраструктурата на „Гаспром“ на север и на југ на Европа и изградбата на мноштво терминали за течен природен гас во Европа, може да се заборува ќе исчезнува стравот од зависност од Европа кај Русите, а најверојатно и зависност од Русите во Европа.  

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок