СИЛЕН КОПНЕЖ ЗА ДОЛГОРОЧНО ОПТИМИСТИЧНО СЦЕНАРИО
Објавено во: Колумни 14 Февруари, 2023
На почетокот, сакам да искажам длабоко сочувство за
настраданите од земјотресот во Туркије и Сирија. Додека пишувам, се молам за
душите на сите настрадани. Како човештво, имам чувство дека никако не успеваме
да се извлечеме од глобалните кризи, кои, се наредија во низа, со почетокот на
пандемијата, во 2020 година. Состојбите во Туркије се многу загрижувачки. Тамо,
анализите во стручната јавност се дека реконструкцијата ќе трае можеби повеќе
од десет години. Секаква проценка на штетата е неможна, особено сега. Предвидувањата
на турските економисти се дека нешто под 10 отсто од БДП на Туркије доаѓа од
погодените провинции. Иако има различни мислење во стручната јавност, сметам
дека целата макроекономија ќе претрпи голема штета. Ова е така ако се има во
предвид дека Туркије имаше монетарна политика која дозволи една од највисоките
стапки на инфлација во изминатата година, со перманентно намалување на
каматните стапки. Исто така, катастрофата со земјотресот предизвика пад на
лирата за близу 19 отсто во однос на американскиот долар, а вредноста на
акциите во земјава за повеќе од 4,5 отсто. Некои аналитичари се осмелија да
извадат апсолутна вредност на вкупната штета врз економијата на земјата, која,
изнесува над 800 милијарди долари, со тенденција да оди нагоре.
На прв поглед, во меѓународните анализи за катастрофата може да се констатира дека таа има мало влијание од десеттината провинции кои најмногу настрадаа врз целиот тек на турската макроекономија. Од друга страна, пак, ако се види подлабоко сите тие региони имаат пресудно влијание врз секторот земјоделство во најголемите градови, како што е Истанбул. Практично, тие се еден вид на коридор за снабдување со храна. Ова, секако може да има индиректно влијание и врз земјите од Балканот, особено врз македонската економија, која, покажува значајна стапка на увоз на добра од Туркије. Оттука, не треба да се исклучи уште едно повисоко позиционирање на ризиците, негативни, во таа насока, особено ако се знае дека годинава сме оптоварени со актуелните проблеми од пандемијата - тесните грла во синџирите на снабдување и ограниченоста на страна на понудата.
Во извештајот на ММФ, на 31 јануари, 2023 година, глобалниот раст на економијата се предвидува да падне од проценетите 3,4 отсто во 2022 година, на 2,9 отсто во 2023 година, а потоа да се зголеми на 3,1 отсто во 2024 година. Зголемувањето на каматните стапки на централните банки за борба против инфлацијата од една, и руската војна во Украина од друга страна, продолжуваат да тежат силно врз економскиот раст и активноста на глобалната економија. Глобалната инфлација се очекува да падне од 8,8 отсто во 2022 година, на 6,6 отсто во 2023 година и 4,3 отсто во 2024 година, но се уште ќе биде над нивоата пред пандемијата (2017-19), каде таа беше околу 3,5 отсто. Македонската економија, според проценките на ММФ, во 2023 година ќе се движи со раст на БДП од 2,7 отсто.
Покрај сѐ што поминавме, остана само силен копнеж за долгорочно оптимистично сценарио за Светот. Но, тоа не зависи од некоја натприродна сила. Туку, долгорочната оптимистична состојба за човештвото, зависи од самите нас. Поточно, системот го прават единките, а тоа сме самите ние. Не е обратно. Ако институциите не функционираат, значи дека не функционираме ние. Ете затоа има разлика во системите. Имено, некои се одлични, други се добри, а мнозинството, денес, го сочинуваат лоши системи организирани како држави. Затоа е вака. Еве ќе се земам себе си како пример. Во текот на деловниот пат, шеснаесет години, институциите, секако со поединците во нив, ми направиле многу неправди. Уште повеќе, неправди ми направиле соработници, блиски, на кои сум доверил доста, а највеќе, пак, неправди ми приредиле оние на кои сум помогнал, и тоа многу. Туку, што ми е поентата?
Ние, како поединци, не смееме да ги обвинуваме институциите за кои знаеме дека не функционираат, ниту поединците во нив, а ниту, пак, соработниците кои ни нанеле неправди, без разлика што, ние сме биле и до сто пати во право. Во спротивно, ако само обвинуваме така промената и прогресот се речиси невозможни. Потребно е да се промениме самите себе, затоа што, ние сме чинителите на овие македонски институции и причинители за релациите со индивидуите во нашето окружување. Тоа е здраво. Имено, во минатото, често доживував обвинувања или навреди за одредени мои постапки или карактерни особености. Имено, за таквите обвинувања, критики и останати непријатности, никогаш не се лутев на окружувањето, иако неколку пати и најчесто правдата беше на моја страна. Јас го правев спротивното и потешкото – се вртев кон себе, со цел да се променувам. Тоа ми беше континуитет. Егото може да ни биде отпорник во оваа процедура, но се справуваме со тоа, токму кога примаме навреда од (не)пријателите. Практично, тоа е филтер за општествено менување како индивидуа. Но, за оваа тема ќе биде потребно многу повеќе простор, поточно ќе биде потребен еден цел реферат. Оттука, добро е да го цитирам човекот-легенда, кој, во моето време, во 90-тите, кога јас бев дете, време на маалски кошеви, имаше многу силно и позитивно влијание. Легендарниот Мајкл Џордан, освојувач на шест шампионски титули во НБА, а за мене најдобриот кошаркар на сите времиња, инспиратор и бизнисмен, неодамна во серијалот „Последниот танц (The last dance)“ ќе истакне:
„Победата има цена. И лидерството има цена. Така, јас ги повлекував напред, луѓето кои не сакаа да бидат влечени. Ги предизвикував луѓето кои не сакаа да бидат предизвикани. Тоа право, јас го заработив бидејќи моите соиграчи кои дојдоа по мене во тимот, не ги издржаа сите работи кои јас ги издржав, претходно. Откако ќе се приклучите на тимот, како играч, живеете на одреден стандард, на кој, јас ја играм играта и нема да прифатам ништо помалку од тоа. Сега, ако тоа значи дека морав да влезам и да те „удрам малку по задникот“, да, го направив тоа. Кога играчите ќе го видат ова, ќе речат „Тој навистина не беше добар човек. Можеби беше тиранин“. Но, јас им велев: „Па, тоа си ти, затоа што никогаш ништо не си освоил.“ Сакав да победам, но сакав и тие да победат и да бидат дел од тоа, а не морав така. Тоа го правам само затоа што тоа сум јас. Така ја играв играта. Тоа беше мојот менталитет. Ако не сакате да играте на тој начин, тогаш не играјте во мојот тим“.
проф. д-р Синиша Наумоски,
Претседател на Академски совет во АБИТ и контролинг професор на германската високообразовна установа ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.