20 Декември, 2025
0.5440

Силни милиони „висат“ во воздух од иловичкото злато – Канаѓаните дефинитивно одбиени, дали се пред можна одлука за тужба

Објавено во: Економија 30 Септември, 2019 06:50

Добивај вести на Viber

Виси ли врз земјава закана од нова тужба на милионска сума, е прашањето што се поставува, откако стана сосема сигурно дека концесионерот Еуромкакс Рисорсис дефинитивно ги изгуби шансите да го гради рудникот „Иловица-Штука“, што е потврдено и од последната инстанца, второстепената Државна комисија.  

Од Еуромакс Рисорсис за Фактор потврдуваат дека веќе го добиле решението со кое нивната жалба е одбиена од Комисијата, но во овој момент, велат многу е рано да кажат дали ќе тужат и кои ќе бидат нивните идни чекори.

„Ги анализираме деталите изнесени во Решението, како и импликациите кои ќе произлезат од истото. Во овој момент, е многу рано да се произнесеме која ќе биде нашата одлука за понатамошните наши чекори, кои ќе бидат преземени. Поради тоа, не сакаме да даваме дополнителни коментари во врска со ова. Меѓутоа, во догледно време, откако ќе биде донесе конечна одлука, ќе бидете известени за нашите идни чекори“, велат за Фактор од Еуромакс Рисорсис.

Сппред неофицијалните сознанија на Фактор, канадската компанија нема да избрзува со тужба, туку најверојатно ќе се обиде претходно да ги искористи сите други алатки што и стојат на располагање. Нашите информации говорат и дека постои правен тим кој треба да даде мислење што понатаму, во рокот кој законски ќе им стои на располагање.

Но доколку другите чекори не вродат плод, тужбата би била логичен исход. Колку таа ќе тежи, засега не може да се шпекулира, но сигурно дека ќе биде на милионски износ, со оглед што компанијата во рудникот планираше да вложи околу 340 милиони евра.

А иако крајниот рок беше 25 месецов, Државната комисија „пресекла“ многу порано, па на концесионерот Еуромакс Рисорсис уште на петти септември му ја одбила жалбата, која компанијата ја поднесе бидејќи не доби дозвола за експлоатација на руда.

Од Министерството за економија за Фактор ги потврдија овие информации.

„Постапувајќи по Жалбата против Решението за одбивање на барањето за издавање на дозвола за експлоатација, второстепениот орган донесе Решение од петти септември 2019 година, со кое се одбива Жалбата како неоснована“, потенцираат од Економија.

Од Економија за Фактор тврдат дека „до овој момент, не е пристигната било каков вид на тужба од овој субјект“, односно од компанијата Еуромакс Рисорсис. 

Од Економија појаснуваат дека Владата кон крајот на јули годинва ги задолжила да ја разгледаат правната исполнетост на Барањето за издавање дозвола за експлоатација на друштвото Еуромакс Рисорсис, и согласно законите, доколку се исполнети условите, со решение да го одбие барањето за издавање дозвола. Истовремено, Министерството за економија било задолжено да подготви и до Владата да достави предлог-одлука за едностран раскин на Договорот за концесија.

„Постапувајќи по овие заклучоци, Министерството за економија изврши увид во Барањето за издавање дозвола за експлоатација на локалитетот Иловица, како и во доставената документација, и констатира дека Барањето за издавање дозвола за експлоатација,и Дополнувањето на Барањето, заедно со приложената документација,не се во согласност со закон и прописите донесени врз основа на истиот, и затоа донесе Решение за одбивање на барањето за издавање на дозвола за експлоатација од осми јули оваа година“, објаснуваат од ресорот за економија.

Концесионерот против ова решение поднел жалба до Државната комисија при Владата, за одлучување во управна постапка во втор степен, а крајниот исход на оваа „сага“ е дека - жалбата е одбиена.

А ваквиот епилог, дефинитивна одлука да не се гради рудник за злато и бакар во струмичката котлина, доаѓа по бројни протести на локалното население, пред се од Босилово и Ново Село, против изградба на овој рудник, бидејќи сметаат дека тој сериозно ќе ја загадува животната средина. На дебатите во врска со ова прашање, од концесионерот Еуромакс Рисорсис постојано нагласуваа дека доколку рудникот се изгради, ќе има силни мерки за заштита на животната средина и на здравјето на луѓето, а преку повеќе примери на рудници кои работат во светот беше илустрирана успешната коегзистенција на рударството со земјоделството. Но во тоа не беа убедени бројните еко активисти, кои организираа голем број протести, нарекувајќи го овој рудник - рудник на смртта, кој би предизвикал сериозни загадувања на воздухот и почвата, па затоа постојано инсистираа Владата да не одолговлекува во одземњето на дозволата за експлоатација. Професорот Борис Анакиев, кој е земјоделски економист, неодамна за Фактор изјави дека е доста важно да се направи опсежна анализа за ефектите од рудниците, и за загадувањето. Според него, државата мора да бара рудниците да ги исполнуваат еколошките стандарди, но не да ги отфрла затоа што од нив има економски бенефит.

Владата со овој рудник всушност се најде во тесно, да треба да избира меѓу ветувањата што предизборно им беа давани на жителите, со економската логика и финансиските штети што може да ги донесе откажувањето од проектот.

Иловица – Штука се најавуваше како модерен рудник, со вкупна инвестиција од околу 340 милиони евра. Инвеститорот ветуваше дека во наредните 20 години локално ќе троши 74 милиони евра годишно, додека за даноци годишно ќе се двојат по 24 милиони евра.

А барањето за отштета од Еуромакс рисорсис не е единственото што надвиснува врз земјава. Таа е во опасност дека можеби ќе мора да исплати и 32,4 милиони долари на грчката Хеленик, односно ЕЛ.ПЕТ Балканика, која против државава поведе арбитражната постапка за надомест пред Судот во Париз, поради повреда на Договорот за продажба на акции и концесија од 1999 година.

Од Министерството за економија велат дека оваа постапка е во тек, а земјава ангажирала странско адвокатско друштво и ја подготвува својата одбрана. Од овој ресор тврдат дека арбитражната постапка е затворена за јавност, па не се во можност да изнесуваат повеќе детали.

Според извори од Грција, оваа постапка би можела брзо да заврши. Но од Економија тврдат дека ваквите постапки траат подолг период.

„Во поглед на времетраењето на арбитражната постапка, се уште не е можно да се дефинира крајниот рок, но во праксата овие спорови траат меѓу две и три години“, велат за Фактор од Министерството за економија.

Неодамна од Хеленик изјавија дека се отворени и се во преговори со македонските власти за да најдат спогодбено решение за спорот.

Пред Арбитражниот суд во Париз, ова е втора тужба од Хеленик. Нашата држава првата ја изгуби од грчката компанија, за што плати сума од 40 милиони долари.

Според последните информации во медиумите, и шпанската компанија Рубау би можела да побара отштета од 10 милиони евра, бидејќи, како што тврдат, не им била исплатена последната фактура за изградбата на патот Прилеп – Градско. 


Можеби ќе ве интересира

Побарувачката за сребро ќе расте - кои земји имаат најголеми резерви?

Побарувачката за сребро ќе расте - кои земји имаат најголеми резерви?

Koи европски држави ќе имаат раст до 2027 година?

Koи европски држави ќе имаат раст до 2027 година?

ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?

ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?

Како вештачката интелигенција навистина влијае на пазарот на трудот?

Како вештачката интелигенција навистина влијае на пазарот на трудот?

Просечните плати во Хрватска се зголемија

Просечните плати во Хрватска се зголемија

Најголемото наоѓалиште на злато досега – илјадници тони скриени на 1.900 метри

Најголемото наоѓалиште на злато досега – илјадници тони скриени на 1.900 метри

Зошто во Европа се затвораат фабриките за шеќер?

Зошто во Европа се затвораат фабриките за шеќер?

НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка

НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка

Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба

Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба