СИМЕСКА ЗА ФАКТОР: ТРГОВЦИТЕ ГИ НАМАЛИЈА ЦЕНИТЕ, ИАКО НЕ ДРАСТИЧНО - сите инспектори што не се на одмор, беа на терен да контролираат
Објавено во: Економија 17 Јуни, 2022
Сите инспектори од Државниот пазарен инспекторат што беа на работа и не користеа годишен одмор, вчера беа на терен низ маркетите и продавнците во земјава, со цел да проверат дали трговците ги ограничиле маржите на производите и ги намалиле цените на основните прехранбени производи, како што наложи Владата.
Фактор вчера кон крајот на работниот ден разговараше со директорката на Пазарната инспекција, Анета Симеска Димоска, која вели дека оваа институција денеска ќе излезе со детално известување до јавноста за тоа какви состојби се затекнати кај трговците.
Но, таа од своите колеги пазарни инспектори е известена дека трговците постапувале по владината одлука и во најголем дел ги намалувале цените на основните производи.
„На терен беа пуштени меѓу 50 и 60 пазарни инспектори, бидејќи дел од колегите ги користат годишните одмори. Буквално сите пазарни инспектори што се на работа беа на терен цел ден“, ни изјави Симеска Димоска.
Вчера попладнето конкретните податоци од контролите на инспекторите се уште се сумираа.
„Инспекторите беа цел ден на терен и ја скенираа состојбата, се прават записници, и од она за што првично сум информирана до 14.30 часот (вчера-н.з.), е дека трговците веќе ги менуваат цените, односно ги корегираат надолу, и тоа е констатирано во најголемиот број случаи. Можеби намалувањето на цените не е драстично како што јавноста очекувала, но тоа зависи од тоа за колку треба да се намали маржата, а цените се намалуваа меѓу 5 и 10 отсто. Значи, генерално е утврдено дека трговците ги усогласувале цените согласно владината одлука“, објаснува Симеска.
Според неа, особено коректно се однесувале големите синџири маркети, кои уште првиот ден, веднаш ги намалија цените.
„Со нив уште завчера имавме состанок и ги утврдивме тие дилеми, така што тие веднаш ги намалија цените на основните производи“, вели Симеска.
Вчерашните контроли, пак, беа насочени кај помалите трговци, со цел и кај нив да се провери дали се корегирани цените, и тоа се очекуваше да се случи до крајот на вчерашниот ден.
Инспекторите налетале и на една ситуација каде што цената на одредено пакување ориз била не намалена, туку зголемена. ДПИ сега утврдува како се случило тоа.
„Сега утврдуваме како дошло до тоа. Можеби на тој производ претходно трговецот имал ставено маржа од 5 отсто, а со владината одлука се дозволува таа да се ограничи до 10 отсто, па можеби поради тоа дошло до зголемувањето. Треба да видиме и дали можеби не е зголемена цената кај добавувачот, каква е состојбата со залихата и слично“, вели директорката на Државниот пазарен инспекторат.
Инаку, од она што вчера можеше да се забележи на терен, е дека трговците на мало и големо почнаа да ги намалуваат цените, во согласност со владината одлука. Некои цени беа намалени по два до три денари, а некои и повеќе.
„На пример, ако одреден производ бил 56 денари, сега тој е намален на 50 денари или 52 денари, но зависи од производот и ограничувањето на маржата“, објаснува Димоска.
Како што е познато, Владата завчера донесе одлука да ги ограничи маржите на основните производи на 5 и 10 отсто, и во трговијата на мало и на големо.
Од Владата, пак, вчера преку соопштение се пофалија дека нивната мерка за замрзнување на маржата дала резултат, а корекцијата на цените се прави веќе од вчера, нагласувајќи дека цените на основните производи се намалиле и до 10 отсто.
„Цените на основните производи се намалени за 5 до 10 отсто. Корекција на цените се прави од денес, а ќе продолжи и во претстојните денови. Најголемо намалување се очекува кај маслото за јадење и до 10 отсто, понатаму кај тестенините, како и на сите останати основни производи опфатени во владината одлука“, информираа од Владата.
Заклучно со 30 септември 2022 година, за леб, бел сечен на парчиња или цел, шеќер бел како и сончогледово масло за јадење, се утврдува трговска маржа во висина до 5 отсто во трговијата на големо и до 5 отсто во трговијата на мало. За брашно од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски ориз бел, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8 отсто, 3,2 отсто и 3,5 отсто и јајца од кокошка за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец се утврдува трговска маржа во висина до 10 отсто во трговијата на големо и до 10 отсто во трговијата на мало.
Власта вели и дека и во иднина ќе ја следат состојбата и доколку условите на пазарот налагаат, ќе се разгледа можноста одлуката да продолжи до крајот на 2022 година.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.